Дваесет и прва недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик

На 01.11.2020 г., во Дваесет и првата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на  Светиот пророк ЈоилСветиот маченик ВарПреподобниот Прохор Пчински и преносот на моштите на Свети Јован Рилски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Благој Стефановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Кој има уши да чуе, нека чуе!“ (сп. Лука 8, 15).

Христос нашиот Бог и Спасител, браќа и сестри, оваа парабола, која денеска ја слушнавме од Светото Литургиско Евангелие, ја кажал кога имало насобрано многу народ. Имено, беше кажано дека излегол сејач да сее, а семето што го посеал, едно паднало покрај патот, па птиците го исколвале, друго паднало на камено место, па бидејќи немало доволно влага, се исушило, иако бргу пред тоа почнало да расте, третото го фрлил во земја каде што израснале многу трња и билки, кои го задушиле, а четвртото семе паднало на плодна почва и донело плод т.е. едно стократен, друго шеесет кратен и третото триесет кратен плод.

Господ Исус Христос откако ја кажал оваа парабола, Неговите ученици Го прашале за нејзиното значење, а Господ им рекол: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на Царството Божјо, а на другите ќе им се зборува во параболи, та гледајќи да не видат, и слушајќи да не разбираат“ (сп Лука 8, 10).

Во оваа парабила, Господ накратко објаснува што значи семето кое паднало покрај патот, Христос вели дека всушност станува збор за Словото Божјо, кое кога ќе биде посеано во човечките души и срца, доаѓа ѓаволот и им го зема. Потоа, оние зрна што паднале на каменито место, се луѓето кои се непостојани т.е. кога ќе го слушнат словото Божјо, на истото не му обрнуваат никакво внимание, и на тој начин го губат Словото Божјо, а оние, пак, за кои вели дека семето т.е. Словото Божјо паднало во трње, се луѓето, кои во овој свет се обземени од желбите и похотите за богатството, и ете поради тоа се задушува плодот на семето и тоа не израстува и не донесува соодветен плод, а добрата почва, се душите и срцата на луѓето, кои се благочестиви и не се обземени од било какви земни грижи т.е. не се исполнети со злоба, омраза и нечесни работи, па затоа и се вели дека едно зрно донесува стократен плод, друго шеесет, а трето триесет кратен плод.

Браќа и сестри, откако ја слушнавме оваа парабола, истата должни сме да ја објасниме, зашто параболите, имаат свое преносно длабоко значење, како што и нашите стари, кога им кажувале некои приказни на децата, сакале преку приказната да им пренесат порака, за полесно да ги разберат.

Сејачот во оваа парабола, кој излегол да сее, е Синот Божји, Кој излегол од прегратките на Отецот, за да го посее Неговото семе, а тоа е науката на Христа нашиот Бог и Спасител, Кој заради нас слегол од небесата на земјата и се воплотил од Пресвета Богородица и секогаш Дева Марија, за да нè поучи во верата и да ни ги открие тајните за создавањето на светот, за Бога Троичниот, за сè што е создадено, и да ни покаже како треба да живееме на земјата, за да го задобиеме Царството Небесно.

Па така, сејачот е Синот Божји, а семето е Словото Божјо или Христовата наука, која нам ни се нуди и дава, но тоа зависи од нас, дали истата ќе ја примиме, зависи од почвата, а почвата се душите и срцата на луѓето. Семето, треба да биде правилно и вистинско, а вистинското семе, е Христовата наука, која треба да им се пренесе на луѓето, како што и Христос нашиот Бог и Спасител, им ја пренел Неговата Света наука на Неговите Свети Апостолите, а Апостолите, пак, на Светите Отци на Црквата Христова, а тие на епископите и свештенослужителите, кои се должни да го проповедаат Словото Божјо неизменето т.е. онака како што ни е предадено од Христа нашиот Бог и Спасител, зашто Господ рекол дека ниту една црта, јота или точка, не треба да се измени од она што е кажано во Светото Писмо, Светото Предание и од учењето на Светите Отци, а последново е всушност толкување или објаснување на Словото Божјо, на Светото Евангелие, на Светото Писмо и Светото Предание.

Понатаму, Светиот апостол Павле во посланието до Евреите вели дека Словото Божјо, е како меч со две острици, кое проникнува во душата, зглобовите, мозокот и срцата на луѓето, и ги осудува сите лоши постапките, желбите и намерите на срцето. Ете, такво е Словото Божјо, кое се споредува со меч, кој сече сè што не е добро, чесно и достојно.

Па така, браќа и сестри, кога говориме за оваа Христова парабола, која Спасителот ја кажал, исто така треба да знаеме дека семето кое паднало покрај патот, ги означува луѓето, кои се горделиви и надуени, кои од гордост незнаат ништо и ништо несакаат да примат. Не е битно само тоа дали Словото е добро, битна е и почвата на која ќе падне Словото Божјо. Почвата покрај патот, всушност ги означува срцата и душите на луѓето, кои се исполнети со грдост, надуеност, суета, кои не прифаќаат и не бараат никаков совет, туку се самозадоволни сами со себе. Таквите луѓе, од никого ништо не сакаат да слушнат попаметно, туку самите себе се сметаат како најпаметни, најучени и најобразовани, па токму затоа Словото Божјо во нивните срца и души, не може да најде место, зашто не паднало во срцата, туку на срцата на тие луѓе. Ете, затоа се вели дека ѓаволот доаѓа и им го зема словото т.е. не им дозволува на таквите луѓе, кои се горделиви да се спасат, бидејќи Господ рекол дека не на мудрите, туку на простите и смирените им ја дава Својата благодат, а на горделивите, суетните и надуените луѓе, не им ја дава, бидејќи тие се сметаат поголеми и од Господа.

А вторите т.е. они за кои се вели дека семето паднало на каменито место, се луѓе непостојани, кои кога ќе го слушнат Словото Божјо, веднаш во истиот момент го прифаќаат и со радост тоа го примаат, но заради нивната непостојаност и препуштањето на насладите и уживањата од овој свет, веднаш го запоставуваат Словото Божјо и се оддаваат на животните наслади, на прејадување, опивање, уживање, веселби и на сè што е преодно, како што се отдал и оној богат човек од параболата, на кого нивата му родила многу жито, па рекол: „Ќе ги урнам амбарите свои и ќе направам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, па ќе и речам на душата своја: Душо моја, имаш многу добра, приготвени за многу години; јади, пиј и весели се!“ (сп. Лука 12, 19), а Господ му рекол: „Безумниче, ноќеска ќе ти ја земат душата твоја, а богатството што си го спечалил кому ќе остане?“ (сп. Лука 12, 20).

Зар тоа не се случува и денеска, браќа и сестри, кога многу родители ништо не прават за душите на своите деца т.е. не ги поучуваат во науката Христова, во Словото Божјо и Светото Евангелието, туку се грижат да им спечалат материјални богатства, кои се преодни, купувајќи им скапи возила, со кои честопати голем дел од нив страдаат на патиштата, затоа што бесно возат и.т.н.

Затоа, браќа и сестри, да не се надеваме на она што е преодно, земно и материјално, туку само на Божјото, вечното.

Третото зрно или семе, кое паднало на трновита почва, кое, кога израснало, го задушиле трњето, ги означува луѓето кои имаа души и срца приврзани кон земните и материјални богатства т.е. кон среброљубието, парите, богатството, кон куќи, ниви и.т.н. Богатството, браќа и сестри, само по себе не е грешно, зашто многу богати луѓе се спасиле и станале светители, туку грешен е односот кон богатството. Токму затоа Господ вели: „Кога ќе се збогатиш, немој да ти се прилепи душата и срцето за богатството“. Што значи богатството не треба да ни биде цел во животот, туку средство преку кое ќе се спасуваме.

Во Стариот и Новиот Завет, имаме примери на многу богати луѓе, како што е праведниот многустрадален Јов, кој бил најбогатиот човек во времето кога живеел, кој со своето богатство помагал: сираци, сиромаси, вдовици, патници и.т.н. А кога Господ, поради зависта од ѓаволот, му зел сè што имал, Светиот праведен Јов рекол: „Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово“ (сп. Јов. 1, 21). Исто така, кога неговата жена и пријателите го убедувале да каже некој збор против Бога т.е. да похули на Бога и да умре, Светиот праведен Јов рекол: Кога Господ ни даваше богатство, камили, овци, стока и секаков друг имот, зар и тогаш требаше да хулиме на Бога, или ни беше добро и Му благодаревме? Господ даде, Господ зеде, нека е благословено името Господово“ (сп. Јов. 1, 21). Кога Господ ни дава богатство или истото ни го зема, со тоа сака да ги види нашите души и срца, дали ние сме приврзани кон богатството или не.

Што означува зрното кое паднало на плодна почва? Тоа зрно ги означува душите и срцата на оние луѓе, кои подготвиле простор, место и терен за Словото Божјо, кои донесуваат достоен стократен, шеесеткратен и триесеткратен плод, зависно од тоа кој колку се потрудил за своето спасение и спасението на своите ближни.

И ете, веднаш ќе се сетиме на зборовите Христови кога Господ Исус Христов вели: „Моја мајка, Мои браќа и Мои сестри, се оние што ги исполнуваат Моите Заповеди“ (сп. Мат. 12, 47-48). Ете, тие се вистинските Христови пријатели, вистинските браќа Христови, вистинските сестри Христови, кои што што го пазат Словото Божјо и го чуваат во своите срца.

Прва која од сиот човечки род тоа го сфатила и најмногу придонела за тоа, е Мајката Божја, Пресвета Богородица, за која се вели дека секој збор од Словото Божјо, длабоко го ставала во своето срце, и  на ништо друго не мислела, освен на Бога. Со Бога станувала, со Бога работела, со Бога живеела, со Бога целиот свој ден го поминувала и со Бога и легнувала и спиела. Во нејзиниот срце и во нејзиниот ум, ништо друго немало, освен Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, па затоа и се удостоила, единствено таа во својата утроба да Го прими Оној, Кого не можела да Го смести вселената.

Примерот на Пресвета Богородица, го следеле многу други Свети мажи и жени во Црквата Христова, почнувајќи од Светите Апостоли, па сè до денес. Некој ќе праша и ќе рече, па добро, како е тоа можно? Можно е, браќа и сестри.

Ако ние сите доаѓаме на Божествената Литургија и го слушнавме Светото Евангелие, (вие што бевте на Литургијата, го слушнавте Евангелието, и секој со внимание што го слушал е оној), кој има уши да чуе, ќе чуе. Ако ние навистина во Црквата, во храмот Божји, слушаме и разбираме тоа што ни се кажува и се молиме на Господ, Господ да ни ги отвори нашите духовни очи и уши, ќе слушнеме и ќе разбереме. Ако, пак, Господ не ни ги отвори духовните уши, нема да го разбереме Словото Божјо.

Да си спомнеме исто така, како Свети апостол Павле кога дошол во градот Филипи и им го проповедал Словото Божјо на жените, кои переле на реката, иако многу жени го слушале Словото Божјо, Господ само на една жена и го отвори умот за да го разбере Словото Божјо, а тоа беше Света Лидија, првата христијанка во Македонија и Европа, од градот Тиатар, која сè што и кажа Свети апостол Павле, разбра, затоа што се внесе во неговите зборови.

И нам, ако не ни е прибран умот кога се говори Словото Божјо, ништо нема да разбереме. Затоа е многу битно, кога сме на Божествената Литургијата, да слушаме сè што се говори и пее во храмот, за да разбереме, а молитвите се пеат и читаат на македонски и старомакедонски или црковнословенски јазик, за сите да разбираме колку што можеме, ако имаме желба и љубов да разбереме. Понекогаш и ист јазик да зборуваме, ако едни со други се мразиме, не се разбираме. Зошто? Бидејќи едниот мисли за Бога, а другиот за ѓаволот. Ѓаволот и Господ не одат заедно. Ништо заедничко нема сатаната со Христа, па затоа и не се разбираме. Разбирањето е ако на едно мислиме и за едно се трудиме, а тоа е Христос нашиот Бог и Спасител.

Ако имаме вистински уши да слушнеме и вистински духовни очи да гледаме, сè ќе слушнеме и ќе видиме.

Сите ние, браќа и сестри, сме сејачи на Словото Божјо, или не дај Боже, сејачи на словото на ѓаволот. Секој од нас по нешто сее. Родителите сејат семе на своите деца, па така, ако посеаното семе е добро, сте посеале спасение во душите на вашите деца, а ако сеете лошо семе т.е. омраза, злоба, завист, неразбирање, кавги и клевети, тогаш не очекувајте спасение, ниту за вас, ниту на вашите деца.

Затоа, браќа и сестри, треба целосно да се посветиме и да ги отвориме духовните уши и духовните очи, за да го слушнеме Словото Божјо, како што го слушнала и Света Лидија, или како што го слушнале Марта и Марија, сестрите Лазареви, кога Христос дошол во нивниот дом, кога едната се трудела за земните и материјалните работи т.е. со што и како да Го угости Христа, а другата била при нозете Негови и го слушала Словото Божјо, и сè што Христос кажувал, таа длабоко го ставала во своето срце, затоа Христос рекол: „Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (сп. Лука 10, 38–42).

Па така, да ја привршиме денешнава проповед со пораката дека треба искрено, чесно и достојно да го слушаме Словото Божјо на секоја Божествена Литургијата, целосно внесувајќи во сè што се чита, говори и пее, а ако истото не го разбереме, Господ заради нашата добра намера и желба, ќе ни го отвори срцето и ќе ни го просветли умот за да го разбереме. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар