Духовден – Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Великомаченица Недела“ – Битола

На 07.06.2020 г., празнувајќи ја Светата Педесетница – слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Стеван Здравески, Пенчо Пусоски, Љупчо Атанасов, протоѓаконот Драган Ѓоргиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Великомаченица Недела, во Битола.

Веднаш после Божествената Литургијата, Митрополитот г. Петар ја отслужи вечерната Богослужба со читање на молитвите за призив на Светиот Дух.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие, и Јас ќе му дадам жива вода, која тече во живот вечен“ (сп. Јован 7, 37).

Браќа и сестри, денес е голем и спасоносен празник, односно денес е Духовден. На овој ден, Светиот Дух слегол од небесата, според ветувањето кое Спасителот Господ Исус Христос и го дал на Неговите Свети Ученици и Апостоли дека нема да ги остави сираци, туку дека ќе им испрати друг Утешите, Духот на вистината, Кој од Отецот исходи.

Токму затоа Спасителот наш Господ Исус Христос, пред Вознесението им рекол на Своите Свети Ученици и Апсостоли, „Не напуштајте го Ерусалим, не излегувајте од Ерусалим, туку бидете во него и чекајте Го Утешителот, Духот на Вистината, Кој од Отецот исходи“ (сп. Дела 1, 4).

И како што  Господ Исус Христос на Своите Ученици, во педесеттиот ден по Воскресението, или десеттиот по Вознесението, во вид на огнени јазици, кога се слушнало силно дување на ветар како виор, тогаш всушност слегол Светиот Дух врз Светите Апостоли кои биле собрани во Горницата заедно со Мајката Божја, Пресвета Богородица, и се исполниле со Светиот Дух. Тогаш Апостолите, кој биле прости и неучени рибари, наеднаш почнале да зборуваат на разни јазици, а народот кој бил собран на овој празник, т.е. на старозаветен празник на сениците или поточно речено на оние поставени настрешници (од слама), каде што се собирале верниците за Празникот, посветен на собирањето на житото. Овој празник се празнувал и во спомено(т) на давањето на Божјите Десет Заповеди, од страна на Светиот славен пророк Мојсеј, кој откако имал видение т.е. откако Го видел Бога на гората Синај, ги донел таблиците со Десетте Божји Заповеди.

Народот кој бил присутен на овој празник се исполнил со Светиот Дух, како што пророкувал старозаветниот пророк Јоил со зборовите: „Во последно време ќе Го излеам Светиот Дух на вашите синови и ќерки и младите (ваши) ќе пророкуваат и ќе претскажуваат“ (сп. Јоил 2, 28). И ете, како што и Светиот пророк Исаија, а и Светиот пророк Еремија, претскажувале за слегувањето на Светиот Дух, Кој ќе ги промени срцата и душите на луѓето, односно срцата кои биле тврди и скаменети, кои биле ладни и умртвени, ете, нив ќе ги промени, за да не бидат повеќе тврди, туку да бидат меки, топли, да бидат дарежливи и милостиви, т.е. да не бидат мртви, туку да бидат живи.

Токму тоа што го претскажал старозаветниот пророк, го рекол и Спасителот наш Господ Исус Христос, кога бил во храмот, кога на насобраниот народ му рекол, како што кажавме во почетокот на нашава беседа: „Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие, и Јас ќе му дадам жива вода, која тече во живот вечен“ (сп. Јован 7, 37).

Која е, браќа и сестри, таа жива вода? Знаеме дека кога станува збор за жедност на телото, ние тогаш сè можеме да презреме, само да добиеме вода.

Има еден расказ, во кој се говори за некој човек цар, кој бил многу богат, кој бил во една пустина. Кога овој човек ожеднел, веднаш  посакал да се напие вода, но бидејќи  немало, тој почнал низ пустината да бара вода. Па така, барајќи вода, тој наеднаш здогледал нешто, кое му заличило на вода, па со трчање отишол таму, но кога дошал тамуи видел дека тоа не е вода, туку дека тоа е некој мев со злато. Тој го растпорил мевот, го видел златото и го оставил и трчал понатаму да бара вода да се напие.

Гледате кога е во прашање жедноста на телото, човекот сè презира за да ја добие водата, да се освежи и да добие живот на телото. Но има уште една вода, многу позначајна од материјалната вода, која ја примаме, кога нашето тело има потреба да ја изгасне жедтта. За таа жива вода, говори Христос кога вели: „Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие од живата вода“ (сп. Јован 7, 37). Живата вода е Божјата благодат, браќа и сестри, а Божјата благодат се несоздадените Божествени енергии, кои се даваат на луѓето за време на Светите Тајни.

Кога се крштеваме, нам ни се дава Божјата благодат, и ние тогаш одрекувајќи се од сатаната, од сите негови дела, од сета негова гордост и од сето негово служење, влегуваме во материјалната вода во која се крштеваме, која е праслика (символ), токму на духовната вода, преку која се очистуваме од гревовите.

Што всушност е она што нè очистува од гревовите? Тоа, браќа и сестри, не е материјалната вода со која ние се крштеваме, која сè осветува, туку тоа е духовната вода, благодатта Божја, која се нарекува топлина, а топлината го загрева срцето, ја загрева душата за добри дела, и преку таа топлина која станува жар и оган, браќа и сестри, оние што се каат и бараат прошка за гревовите, таа ги изгорува и ги уништува гревовите. Таа благодат Божја уште се нарекува и оган, а за тоа говори и Свети Јован Крстител, кој на народот што доаѓал кај него на реката Јордан да се крсти му велел: „Јас ве крштевам со вода, но по мене доаѓа друг и  Он ќе ве крсти до Дух Свет и со оган “, укажувајќи на Оној Кој е поголем од него, на Христа нашиот Бог и Спасител, за Кој Свети Јован вели дека не е достоен да му ги одврзе ремењата на Неговите обувки.. Па така, браќа и сестри, оваа духовна жива вода, т.е. благодатта Божја, уште се нарекува и оган, кој ги гори сите гревови, секако ако ние се каеме за своите гревови.

Оваа Божја благодат нам ни се дава и преку Светата Тајна Миропомазание, кога ние ги добиваме даровите на Светиот Дух, а тоа се, браќа и сестри, верата, трпението, милосрдието, а тука е и љубовта Божја, која ни ги дава и другите дарови на Светиот Дух, што ги примаме при оваа Света Тајна.

На  Светата Тајна Покајание, како што спомнавме, гревовите што сме ги направиле, ако од нив се откажеме и ветиме дека нема да ги извршуваме повеќе, и не само тоа, туку и ако направиме добри дела спротивни на гревовите, т.е. ако сме лажеле, во иднина само вистината да ја кажуваме, ако сме краделе, да го вратиме украденото и да дадеме на оние кои имаа потреба од тоа, т.е. на  сираци, сиромаси, вдовици, болни и секако да дадеме и на храмот Божји.

Браќа и сестри, ние кога се венчаваме во Светиот храм, тогаш исто така ја добиваме таа божја благодат. На оние што се венчаваат, Христос им вели: „Дојдете, кој е жеден, нека пие од живата вода“, т.е. Спасителот Христос на брачните другари им ја дава таа таа жива вода т.е. благодата Божја за да растат во верата, да се усовршуваат во Божјото совршенство, зашто Спасителот Господ Исус Христо за бракот, преку устата на Светиот апостол Павле вели: „Оваа Тајна е голема, но јас ви зборувам за Христа и за Црквата“ (сп. Ефес 5, 32), бидејќи апостолот го споредува мажот, кој е глава на жената и на семејството, со Христа, Кој е глава на Црквата, а Црквата, се всушност верниците со свештенството и монаштвото, собрани околу својот епископ. Исто така, оваа Света благодат се дава и на оние што се болни, сеедно е дали се малку или многу болни и.т.н.

Кога некој боледува, вие треба да ги повикувате свештениците во вашиот дом, да прочитаат молитви, како што вели Светиот апостол Јаков: „Болен ли е некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни, та да се помолат над него, и нека го помажат со елеј во името Господово. И молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќе го крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“ (сп. Јак. 5, 14-15), и тој нема да умре како што многумина мислат дека ако дојде свештеникот да го исповеда дома болниот и да го причести дека ќе умрел. Не, туку дека ќе оздрави и ќе се подигне. А пак ако е Божјата волја да почине, тогаш, браќа и сестри, починал со Христа, нашиот Бог и Спасител, Кој во него се вселува преку Причесната и тогаш тој ќе се спаси и ќе оди во Царството Небесно, а не да биде жртва на сатаната, на ѓаволот, што е страшно и ужасно, бидејќи нема да биде во Царството Небесно, ако не се покае, исповеда и причести.

И на крај, Тајната над сите тајни, браќа и сестри, а тоа е Причесната или Евхаристијата, т.е. Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, која ние ја примаме на Божествените Литургии, преку која добиваме очистување и прошка на гревовите и  и го наследуваме вечниот живот.

Па ете, Светиот Дух на Духовден, слегол врз Светите Апостоли и сите се исполниле со Светиот Дух и говореле на разни јазици, а многумина од присутните се исполниле со Светиот Дух, а некои злобни како фарисеите и садукеите велеле за Апостолите: „Овие се пијани“, а Светиот апостол Патер излегол и рекол: „Зар не знаете дека е сега третиот час што одговара на деветиот час кај нас“, т.е. девет часот претпладне, а евреите дотогаш, според законот еврејски, не смееле ни да јадат, ни да пијат, па така не можеле да бидат пијани ако не јаделе и не пиеле, туку биле исполнети од Светиот Дух и говореле на различни јазици.

Да си спомнеме, како луѓето во Стариот Завет кои, кога се возгордеале и велеле дека нема потреба да веруваат во Господ, решиле да направат една голема кула во Вавилон, која ќе се издига до небото и така нема да имаат потреба од Бога.

Ние, браќа и сестри, од кондакот на денешниот празник ги слушнавме следниве зборови: „Кога севишниот Господ слезе од небесата и им ги измеша и раздели јазиците на оние што говореа до тогаш на еден јазик, и тие тогаш почнаа да не се разбираат, бидејќи почнаа да зборуваат на јазици што не ги познаваа“. Понатаму, светиот кој го пишува овој кондак вели: „Kога Господ ги разделуваше јазиците (на Духовден), тогаш практично ги повика сите на единство за да Го прослават Бога Севишниот.

Порано во Стариот Завет, заради гордоста, јазиците им се дадоа за да не се разбираат луќето оти не веруваа во Бога, а кога слезе Светиот Дух на Духовден, Господ ги повика преку различните јазици, сите да се соединат во едно во Црквата Христова, зашто им беше рекол на Своите Свети Ученици и Апостоли, пред вознесението: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал“ (сп. Мат. 28, 19-20).

Па така, браќа и сестри, Светите Апостоли ако не Го примеа Светиот Дух на Духовден, тие не ќе можеа да го проповедаат Словото Божјо во целиот свет. Немаше Евангелистите да ги напишат Четирите Евангелија. Немаше, Светите Апостолите да ги напишат ни Посланија нивни и делата на Светите Апостоли и Откровението Господово. Немаше ни Светото Предание да се пренесува од генеренација на генерација, од поколение на поколение. Немаше, браќа и сестри, да се свикуваат Соборите, почнувајќи од Првиот Апостолски Собор во 51 година по Христа, кога во педесет и првата година се собраа Апостолите, за да расчистат едно недоразборање, дали оние што се крштеваат, треба да се обрезуваат или не.

Па така, по образец на овој Прв Апостолски Собор, се одржаа многу Вселенски собори, т.е. седум Вселенски Собори и Десет Помесни собори, на кои се расчистија недоразбирањата, за мудрувањето на некои луѓе во Црквата, кои погрешно учеле за Христа нашиот Бог и Спасител, за Светиот Дух, и.т.н. и  на тие Помесни и Вселенски Собори, Црквата била исчистена од сите погрешни учења. И речено е меѓу другото за она што се случувало на Вселенските и на Помесните Собори и во учењето на Светите Отци дека „Аще мы или Ангел с небесе благовестит вам ино, еже благовестихом, анафема да будет (сп. Гал. 1, 8). “, односно „дури и ние, или ангел од небото, ако ви благовести нешто поинаку од она што е донесено на (Вселенските и Помесните Собори, кое е донесено едногласно преку слегувањето на Светиот Дух на присутните епископи), да биде проклетство“. Зашто, браќа и сестри, Светиот Дух е присутен и Светата Троица и во Стариот и во Новиот Завет, но Спасителот Господ Исус Христос, кога Го завршил Своето Спасително дело, кога дошол на земјата, и ги научил верните, за сè што постои, за постоењето на Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, за постоењето на светот и вечниот живот во Царството Небесно.

Спасителот Христос ги научил како да веруваат, како да се молат, како да се борат со сатаната и неговите ангели (демоните), а потоа им ветил дека нема да ги остави сираци, туку ќе им Го испрати Светиот Дух, Духот на вистината, Кој од Отецот исходи. Он (Светиот Дух) вели Господ Исус Христос, ќе сведочи за Мене и ќе ве научи на сè. Понатаму вели и вие ќе бидете сведоци и тука и во Јудеја и во Самарија и до краиштата на вселената, (на земјата).

Ете, овој Свет Дух, браќа и сестри, ние Го повикуваме во нашите молитви, на вечерните и на утринските молитви и скоро на секоја Света богослужба, освен од Спасовден до Духовден, со зборовите на црковната песна: „Цару Небесен, Утешителу, Духу на вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш, Ризницо на добрините и на живот Подателу, дојди и всели се во нас, и очисти нè од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, душите наши“. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар