Деветта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Кирил и Методиј“, во Ресен

На 09.08.2020 г, во Деветтата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светите Седмочисленици  и споменот на Светиот Великомаченик Пантелејмон, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на  игуменот Спиридон (Поповски), протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Ресен. 

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот  Дух!

„Дивен е Бог во Своите Свети!“ (Псал. 67, 35).

Денес, браќа и сестри, прославуваме повеќемина светители. Имено, денеска го прославуваме Светиот Великомаченик Пантелејмон, и Свети Климент, Охридскиот Чудотворец, патронот на нашата Света Македонска Црква, а воедно ги прославуваме и Светите Седмочисленици, а тоа се Светите браќа Кирил и Методој, и нивините Свети ученици, Климент и Наум, Охридските Чудотворци, Сава, Горазд и Ангелариј.

Ќе поговориме за сите овие Свети, бидејќи денеска ним им е празникот, а всушност станува збор за троен празник.

Свети Пантелејмон се родил во Никомидија, во денешна Турција, поранешна Мала Азија, од богати родители. Неговиот татко бил незнабожец, односно ја имал религијата или верата на тогашните елини или грците, кои што верувале во многу измислени богови, а тоа не биле вистински богови, зашто еден е вистинскиот Бог во Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Тие измислени богови, биле богови според желбите на луѓето, кои имале не само човечки слабости, туку и огромни пороци. Ете, такви биле боговите на елините, а исто така и на многубожечките народи. Времето кога се родил, растел и живеел Светиот Пантелејмон, е време на големи мачеништва на христијаните. Неговата мајка, која се викала Евула, како ревносна христијанка, уште од дете го воспитувала Светиот Пантелејмон, во нашата Света Православна Вера, длабоко всадувајќи му ја нашата вера во душата, срцето и неговиот ум. На тој начин и откако умрела неговата мајка, бидејќи тој бил сеуште дете кога таа умрела, неговиот татко Ефросин, не успеал да го оддалечи Свети Пантелејмон од христијанството, иако вршел силно влијание врз него. Сепак неговиот татко направил и нешто добро т.е. го дал Свети Пантелејмон во тоа време да ги изучува медицинските науки, па така Свети Пантелејмон станал телесен лекар.

Еднаш кога се случил еден голем настан, т.е кога во Никомидија во Црквата, биле изгорени повеќе од дваесет илијади христијани, а по Божја волја се спасил Светиот свештеномаченик Ермолај, кој го вовел Свети Пантелејмон во Христовата вера, па со тоа се покажало на дело дека верата Христова, браќа и сестри, е неуништива.

Светиот свештеномаченик Ермолај, заедно со Ермип и со Ермократ, останале живи, па така кога Свети Пантелејмон се сретнал со Светиот Ермолај, бил поучен во верата Христова, а потоа и го крстил во нашата Света Православна Црква. На тој начин Светиот Пантелејмон не бил само телесен лекар, туку и духовен, бидејќи уште пред да биде крстен, упорно се молел на Бога и ја задобил благодатта Божја. По крштевањето Свети Пантелејмон бил очистен од првородниот грев и од другите гревови што ги имал и напредувал во нашата Света Православна Вера.

Пред да се крсти, тој направил и едно чудо. Имено, се сожалил над едно дете, кое било каснато од некоја голема отровна змија и го оживеал, т.е. го воскреснал, а потоа кога станал веќе христијанин, тој во присуство на неговиот татко, кој го одвраќал да направи чудо, односно да излекува еден слеп човек, Свети Пантелејмон го излекувал слепиот (човек), а многумина од оние кои го виделе тоа чудо поверувале. Ова чудо било пресудно и за неговиот татко Ефросин, и тој да поверува во Христа нашиот Бог и Спасител и да се крсти.

Браќа и сестри, првите христијани биле изложени на големи страдања и маки, а тоа е времето кога со Римската Империја владеел императорот Максимјан. Ете, големи страдања и маки претрпел и Светиот Пантелејмон, кој бил наклеветен од лекарите, т.е. од луѓето од истата професија и струка и бил изведен на суд. Нему му било предложено да се откаже од Христа нашиот Бог и Спасител, и да принесе жртви на идолите, но тој по никој основ не сакал да се откаже од Христа нашиот Бог и Спасител, па затоа бил подложен на големи страдања, т.е. на главата му ставиле усвитен шлем, а потоа го ставиле во еден котел со  врело растопено олово, но и тоа не му наштетило. Потоа било направено некое големо тркало со клинци, на кое бил ставен Свети Пантелејмон, па така, вртејќи се на тоа тркало, целото негово тело станало како една огромна рана. Но сето тоа не помогнало Свети Пантелејмон да се откаже од Верата Христова, туку Господ Го излекувал од сите тие страдања и рани, и најпосле својот живот го завршил маченички за нашата Света Православна Вера.

Светиот свештеномаченик Пантелејмон лекувал бесплатно, па затоа се вика и бесребреник, бидејќи не барал пари за лекувањето на луѓето.

Тој станал навистина многу милостив како што се гледа и од неговото име Пантелејмон (семилостив). Тој и по мачењата што биле на него возложени, не се откажал од верата и направил многу милостини и добрини, лекувајќи од секакви болести. Првото име на Свети Пантелејмон било Панлеон. Леон заначи лав, а името Панлеон значело дека во сè е лав, а Пантелејмон значи семилостив, т.е. оној кој има милост кон сите оние што страдаат. Свети Пантелејмон луѓето најнапред ги лекувал од нивните духовни и душевни болести, а потоа и од нивните телесни болести.

Според учењето на нашата Света Православна Црква, нема човек по Адама и Ева, кој не згрешил, освен Мајката Божја, која иако немала свои лични гревови, но сепак го носела првородниот грев (во наследство) од нашите прародители. Па така, првородниот грев подразбира помрачување на умот, односно човекот нема веќе можност да биде постојано во заедница со Бога и да го гледа Бога со умот преку благодатта Божја. Ете, заради првородниот грев, заради непослушноста на нашите прародители Адам и Ева, кои отпаднале од Бога, човекот станува жртва на статаната и неговите ангели (демоните). Па така, браќа и сестри, по првородниот грев, луѓето паднале во идолопоклонство и верувале во тие таканаречени измислени богови, прекинувајќи ја заедница со вистинскиот Создател и Троичен Бог наш, Отецот, и Синот, и Светиот Дух!

Ќе кажеме исто така збор два и за Свети Климент, Охридскиот Архиепископ и Чудотворец, нашиот патрон на Црквата, кој е од нашиот македонски род и кој е еден од најпознатите ученици на Светите македонски и сесловенски учители Кирил и Методиј. Свети Климент ги придружувал Светите браќа заедно со Свети Наума, неговиот духовен брат, а според некои можеби и телесен брат, во оние познати мисии што ги извршувале Светите браќа Кирил и Методиј, најнапред во источниот дел на Мала Азија, меѓу Сарацените, каде што живеело едно исламско племе, на кои им докажале дека вистинската боготокриена вера, е верата христијанска, верата во Христа нашиот Бог и Спасител.

Потоа Светите браќа Кирил и Методиј, заедно со своите ученици, отишле во онаа друга позната нивна мисија кај Хазарите, кај градот Херсон на Црното Море, каде ги нашле моштите, односно Светото Тело на Свети Климент, папа Римски, според кој најверојатно Свети Климент го зел името Климент. Ете, после тие мисии што ги извршувале Светите браќа Кирил и Методиј во Моравија, по барање на моравскиот кнез Ростислав од Михаил византискиот, односно ромејскиот цар, тие отишле во оваа голема мисија во Моравија и Панонија, кадешто е денешна Чешка, Словачка и Унгарија. Таму тие биле клевтени дека го проповедаат Словото Божјо на некој измислен словенски јазик, а тој е всушност јазикот на нас Македонците т.е. јазикот што го говореле Македонците во Солун и во солунско. На тој јазик Светите браќа го превеле Светото Писмо и Светите канони, а подоцна исто така ги превеле и другите Свети книги и.т.н.

Светите браќа Кирил и Методиј докажале кај папата во Рим дека тоа што го прават не е недозволено, туку дека и од светиот апостол Павле е потврдено со зборовите: „Повеќе сакам пет збора за кажам на јазик разбирлив, од кој браќата ќе имаат полза, отколку илјади зборови да кажам на туѓ и неразбирлив јазик, зашто тогаш мојот ум ќе се моли, ама браќата од тоа немаат полза“ (сп. 1. Кор. 14, 19). Па така, Светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици, успеале да се изборат против тогашната позната тријазична ерес, според која Словото Божјо треба да се проповеда само на три јазици: на еврејски, грчки и латински.

Ете, браќа и сестри,  Светите браќа Кирил и Методиј и нивните Свети ученици, докажале дека Словото Божјо треба да се проповеда на сите јазици, како што и Самиот Спасител Господ Исус Христос, кога ги испратил Светите Апостоли по двајца им рекол: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и да пазат сè што Сум ви заповедал“(сп. Мат. 28, 19-20). Спасителот Христос не рекол Словото Божјо да се проповеда само на Грците, Евреите и Римјаните, туку на сите народи. А како ќе им го проповедале Апостолите Словото Божјо, односно  Светото Писмо, Евангелието и Светото Предание на другите народи, ако ним не им говореле на нивниот мајчин разбирлив јазик. Токму затоа, Апостолите на Духовден, кога слегол Светиот Дух врз нив, тие се исполниле со Божјата благодат, со Светиот Дух и почнале да говорат на различни јазици. За нив немало никаква пречка да зборуваат на секој јазик во тоа време, бидејќи Светиот Дух ги исполнил и направил чудо со нив, да можат да го проповедаат Словото Божјо насекаде.

По смртта, Свети Кирил бил погребан во Рим во црквата Сан Клементе или Свети Климент, а во таа црква се и моштите на Свети Климент папата Римски. Понатаму нивното  дело го продолжува Светиот Методиј, неговиот постар брат и првиот словенски епископ, кој не сакал понатаму да го проповеда Словото, туку сакал да се врати во манастирот во Олимп, во Мала Азија, каде што наоѓал прекрасен мир и спокојство, но Свети Климент му рекол: „Ние ја оравме заедно браздата, ете јас паѓам во браздата, но ти продолжи го делото и верувај дека побргу ќе се спасиш и ти и јас и сите луѓе, на кои ќе им го проповедаш Словото Божјо, отколку да бидеш во манастирот во Олимп“.

Така учениците на Светите браќа Кирил и Методиј  го продолжиле делото покрај Свети Методиј, кој во 885-та година се упокоил.

Нивните ученици биле протерани од Моравија и Панонија. Моногиумина од нив, биле продавани како стока на пазарите, но овие четворицата преминале преку реката Духав, а бугарскиот болјар Боритакан ги испратил во престолнината на бугарското царство Преслав, кај царот Борис, а овој веднаш го испратил Свети Климента во Кутмичевица, во областа околу Охридското езеро, односно во денешна Албанија и Македонија, па затоа пееме во црковните песни дека Свети Климент е  просветител на Македонија, зашто проповедал на разбирлив мајчин јазик меѓу нашиот народ, кој дотогаш го слушал Словото Божјо на неразбирлив грчки јазик. Значи со Свети Климента започнува длабокото евангелизирање на македонците во Македонија, бидејќи пред тоа нивното знаење за верата било површно.

А Свети Наум, браќа и сестри, по седум години доаѓа и го заменува Свети Климента во учителската дејност, зашто Свети Климент во 892-та година, станал Архиепископ на Величката епархија, кој најверојатно го сочинувала најголемиот дел од нашата денешна држава.

Па така, браќа и сестри, сите овие Свети ученици на Светите браќа Кирил и Методиј, го проповедале Словото Божјо, и на тој начин нашата Света Православна Вера ја всадиле длабоко во душите и срцата на сите тогашни словенски народи, а се разбра и на нас Македонците. Секако, браќа и сестри, ако погледнеме во православниот свет, најголем број на христијани имаат народите на кои Светите браќа Кирил и Методиј и нивните Свети ученици Климент и Наум, Охридските Чудотворци, им го проповедале Словото.

По нивните молитви Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нѐ нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар