Бадникова вечера со свештенството од Преспанско-пелагониската епархија

На 06.01.2020 г., во пресрет на Раѓањето Христово, по покана на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, духовенството од четирите архиерејски намесништва, присуствуваше на традиционалната Бадникова вечера.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Високопречесни и пречесни отци, еве Господ нè удостои и оваа година да го дочекаме Навечерието на големиот и спасоносен празник, мајката на сите празници Христовото Рождество, Божик.

Христос нашиот Бог и Спасител, Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, заради нас и нашето спасение, доброволно одлучи, по благоволението на Отецот, да слезе на земјата, да прими човечко Тело, во сè да се изедначи со нас луѓето, освен во гревот, за да ја подигне паднатата човечка природа и да ја приведе пред Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Па ете, нашата радост е неизмерна, бидејќи оваа година повторно се гледаме на овој спасоносен ден, односно на Навечерието на Христовото Рождество, што вие (свештениците и ѓаконите), моите продолжени раце во Епархијата, кои сте од Бога избрани, а од нас архиереите ракоположени, да го проповедате Словото Божјо меѓу верниот народ во вашите парохии, а и вие ѓаконите како служители, да и служите на живата Црква.

Нека е честит празникот и за многу години. Христос нашиот Бог и Спасител, како Богомладенец, Кој се родил во пештера, да се роди и во нашите срца и души и за многу години да ни е празникот. Амин! Христос се роди! Навистина се роди!