Вознесение Христово – Света Архиерејска Литургија во Брусник

На 06.06.2019 г., на празникот на Вознесение Христово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоерејот Златко Костовски, свештеникот Николче Неделковски и протоѓаконот Драган Ѓорѓиевски,  отслужи Света Божествена Литургија во храмот посветен на овој празник во село Брусник, Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото“ (Дела 1, 11).

Овие зборови, браќа и сестри, што ги кажале Светите Ангели, на оние што биле присутни на Неговото Вознесение на Маслинската Гора, каде што биле Светите Апостоли и Мајката Божја, Пресвета Богородица, говорат за тоа дека Спасителот наш Господ Исус Христос, повторно ќе дојде на земјата за да им суди на луѓето.

Христос нашиот Бог и Спасител, како Син Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, по благоволението на Отецот, благоволи доброволно да дојде на земјата и нечујно да се роди во пештера.

Браќа и сестри, зошто Синот Божји слегол од небесата на земјата? Он слегол, бидејќи првите луѓе на земјата, нашите прародители Адам и Ева, ја прекршиле првата Божја заповед. Светиот апостол Павле вели: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“ (сп. Рим. 5, 12). Паднала човечката природа. Првите луѓе не биле создадени за умирање, тие од Бога биле создадени за живот вечен. На Адама и Ева им било кажано дека ако ја прекршат Божјата заповед, односно ако јадат од забранетиот плод, ќе умрат. Така и се случило.

Поради првородниот грев на нашите прародители Адам и Ева, се изменила и целата земја. Рајот кој бил создаден за нив, се изменил. Земјата која во изобилство раѓала сѐ навреме, се изменила и почнала да раѓа трње и корења. Животните од питоми станале диви ѕверови, убивајќи се меѓу себе, а станале опасност и за човекот. Сета природа се изменила, сѐ се изменило и човекот запаѓал во сѐ поголеми и поголеми гревови. Неможело да се очекува дека спасението на човечкиот род ќе се случи поинаку, освен Самиот Син Божји, Господ Исус Христос, да слезе од небесата и да прими човечко тело и во сѐ да се изедначи со нас луѓето, освен во гревот, за да ја подигне паднатата човечка природа, која не можела поинаку да се спаси освен со Божјата помош. Затоа Христос нашиот Бог и Спасител, поживеал со луѓето и кога дошло времето ја отпочнал Својата Учителска, Царска и Пророчка служба на земјата и лекувал од секакви болести.

Спасителот наш Господ Исус Христос вели дека не дошол за здравите, туку дека дошол за болните, дека не дошол за праведните, туку дека дошол за грешните, за да ги излекува од духовните, душевните и телесните болести. Но нашиот Спасителот не само што ги направил сите добри дела на земјата, туку и ги научил луѓето како да веруваат во Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух.

Христос, браќа и сестри, „ дојде при своите и своите не Го примија“ (Јован, 1, 11), и затоа Он беше биен, шамаран, плукан, тепан по плеќите и на крај неправедно осуден и распнат на Крст, на кој пролевајќи ја Својата Света и спасоносна Крв, нѐ спаси и избави од гревот и смртта.

По погребението во гробот, Спасителот Христос, браќа и сестри, како што и Самиот беше рекол дека по три дена ќе воскресне, воскресна од гробот и веднаш го потврди Своето Воскресение со многубројни јавувања. Според Светото Предание, Спасителот по Воскресението најпрво и се јавил на Неговата Пречиста Мајка, Пресвета Богородица, а потоа и на Марија Магдалина, на Жените Мироносици, на Светите Апостоли Петар и Јован, на Апостолите без Тома и со Тома, на двајцата патници Лука и Клеопа, на петстотини браќа во Галилеја, а еве од денешното Свето Евангелие слушнавне дека Господ им се јавил на Апостолите на бергот на Генисаретското езеро и им приготвил храна. Христос, браќа и сестри, по Воскресението немал потреба од храна, бидејќи Неговото Тело било продуховено, но за да покаже дека Он е со Своето вистинско Продуховено Тело, ете Спасителот седнал и јадел со Светите Апостоли.

Христовото Тело не е повеќе земноцентрично, Неговото тело е продуховено и се движи кон небесата.

Ете по четириесте дена, од Своето Воскресение, Христос нашиот Спасител се Вознесува на небесата, во придружба на двајца ангели во црвени облеки, кои ја претставуваат Неговата Света Крв и Неговото страдање на земјата, а на Маслинската Гора меѓу Пресвета Богородица и Апостолите, биле присутни и два ангела во бели облекла, слични на оние кои ја соопштиле веста за Воскресението.

Се поставува прашањето, која е суштината на денешниот празник?

Суштината на овој празник е дека Христос се Вознесе на небесата со Своето човечко тело. Во Христа имаме и човек и Бог, односно во една личност две природи, Божја и човечка.

Христос човечката природа ја зел заради нас луѓето, односно за да не избави од гревот и смртта. Он на небесата се вознесува со нашата човечка природа, откако претходно ја подигнал и избавил од гревот и смртта и седнува во слава од десно на Бога Отецот.

Кога Христос се Вознесува на небесата, за да ја прослави човечката природа, ангелите се обраќаат кон насобраниот народ со зборовите: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото” (Дела 1, 11). Со овие зборови ангелите го навестуваат Второто Христово доаѓање, кое нема да биде нечујно, туку ќе биде во слава. При Второто Христово доаѓање, ангелите со труби ќе трубат од сите четири страни, Небото и земјата ќе се поколебаат и во пламен ќе биде целата вселена. Тогаш мртвите ќе воскреснат со своите продуховени тела, а Христос тогаш на сите ќе им суди според направените дела.

Затоа, браќа и сестри, овој празник е многу значаен, бидејќи ни се укажува на тоа дека со нашата смрт, не завршува на земјата нашиот живот, туку тој продолжува. Во Светото Писмо се вели дека од земја сме создадени, и дека кога ќе умреме нашите тела ќе се вратат во земјата, а душата која ни е од Бога дадена, се враќа при Бога.

Браќа и сестри, како што Христос се Вознесе во четириесеттиот ден од Воскресението на небесата, така и на нашите души во четириесеттиот ден по смртта, им се определува, од Бога, место каде ќе престојуваат т.е. или во времениот рај, или во адот со сатаната, во зависност од тоа како сме живееле тука на земјата. Ние обично не внимаваме и не размислуваме како ќе го завршиме својот животот тука на земјата, бидејќи само тука можеме да го спечалиме вечниот живот.

Времениот живот, браќа и сестри, е сосема краток. Некои деца уште во утробите на мајките го завршуваат животот, други по раѓањето или во своите младешки години, а некои во повозрасни години. Секој што се родил ќе умре и затоа никој да не очекува дека вечно ќе живее на земјата.

Свети апостол Павле вели: „На луѓето им е определено да умрат еднаш, а потоа – суд“ (Евр. 9, 27).

Ние треба постојано да мислиме на Страшниот Суд, кога Христос повторно ќе дојде. Оној што се Вознесе, пак ќе дојде на земјата да ни суди и тогаш ќе биде вечниот живото во Царството Небесно.

Браќа и сестри, доаѓањето на Христа многумина различно го разбираат. Ете се појавиле многу различни погрешни учења, а има една протестантска секта која се нарекува адвентисти, во која нејзините членови со ништо друго не се занимаваат, освен со тоа кога Христос повторно ќе дојде на земјата. Христос, браќа и сестри, за Неговото повторно доаѓање рекол дека тоа е во власта на Бога, па така дури ни ангелите незнаат кога Он повторно ќе дојде.

Крајот на светот за нас е кога ние ќе умреме. Нам нема да ни се суди според тоа кога Христос ќе дојде, туку ќе ни се суди според нашата гревовна сстојба, во денот кога ќе умреме. Затоа треба да ги отфрлиме сите тие погрешни учења за Христовото доаѓање, зашто оние кои така учат, почнувајќи од 1844 година, неколку пати претскажувале кога ќе дојде Христос, а исто така претскажувале и за времето на Првата светска војна во 1914 година и.т.н.

Околу 2000-та година имавме едно движење, кое проповедаше дека во таа година ќе биде крајот на светот и ништо не се случи, а секако тоа не е битно за нас.

Битно е да запаметиме дека Христос се Вознесе на небесата и ја прослави нашата човечка природа. Затоа ние треба духовно да се вознесуваме на небесата, за да се прослави нашето тело и нашата човечка природа. За Христа е кажано дека ќе дојде на земјата за да ни суди. Затоа ние треба да се подготвуваме секој ден и миг, бидејќи никој од нас не знае до кога ќе живее.

Многумина кои биле отпишани и од луѓето и од лекарите и од роднините, поживеале уште долго време и не умреле кога претскажале лекарите. Никој од нас да не очекува дека ќе умре ако е болен, па ниту ако е здрав, дека ќе живее долго. Многумина за кој мислиме дека се здрави, се случува да умрат од инфаркт или од излив на крв од мозокот, како пресечени во мигот. Затоа треба секој момент да бидеме подготвени за Христовото доаѓање и да дадеме добар одговор на Страшниот Христов Суд. Амин!

Христос се Вознесе! Навистина се Вознесе!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар