Собор на Свети Архангел Михаил – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 21.11.2019 г., кога го празнуваме Соборот на Светиот Архистратиг Михаил и останатите Сили небесни и бестелесни, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на  протоерејот Благој Стефановски, свештеникот Гроздан Богевски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик – Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Началници на небесните војски, молете Го Бога за нас!“

Браќа и сестри, денес е голем и спасоносен празник посветен на Светиот архистратиг Михаил и Небесните Сили бесплотни на кој е посветен и овој ваш храм. Во Светото Писмо и Светото Предание се вели дека ангелите секогаш биле во слава на Бога и во служба на луѓето да им помагаат, па затоа од некои се поставува и прашањето дали има ангели и денес, која е нивната улога и каков е нашиот однос кон нив.
Како што читаме во Светото Писмо, Бог го создаде најнапред духовниот, а потоа и материјалниот свет. Читаме: „Бог го создаде Небото“, под кое се подразбира духовниот свет – ангелите. „И создаде земја“, под што се подразбира материјалниот свет и сè што е на земјата, и човекот, според слика или образ Божји, што е душата во него и подобие, што е можноста да сеусовршува до Божјото совршенство, како што рекол Господ наш Исус Христос: „Бидете совршени како што е совршен и вашиот Отец, Кој е на Небесата“ (Мат. 5, 48).
И ете, еден ангел кој бил најблиску до Бога, ангелот Сатанаил (кој се нарекува и Ѕвездата Деница, поради прекрасната негова убавина), бил најпрекрасен од сите ангели, се јавила во него гордоста, заборавил или несакал да прифати дека е создаден од Бога и дека треба да се усовршува по благодатта која му е дадена од Бога до Божјото совршенство, посакал да го издигне својот престол над Божјите ѕвезди горе и да се изедначи со Бога. И во тој момент бил турнат од Небесата во поднебесните простори на земјата и во адот и станал богоборец и човекоубиец од почетокот, кој од искона го прелажал човекот преку Ева, нашата прамајка, која јадела од забранетиот плот и му дала на Адама и тој да јаде. Така гревот дошол во светот преку сатаната и преку нашите прародители. Кога Бог ги истерал од рајот, нашите прародители, пред вратата на рајот поставил ангел со огнен меч за да неможат да влезат повторно и да каснат од дрвото на животот, за да незаживее вечно гревот во нив.
Но, и во Стариот Завет имаме безброј примери каде што ангелите се јавуваат. Да си спомнеме кога Евреите биле во пустината, напуштајќи го Египет – Мисир и талкајќи низ пустината 40 години, за да се вратат во ветената земја Палестина, каде што тече мед и млеко, ангелот Божји, преставуван преку облак кој го претставувал Синот Божји, ги чувал Евреите и ангели ги хранеле. Потоа, кога дошле во Ветената земја, кога требало да го освојат Ерихон, на Исус Навин му се јавил архангелот Михаил и овој прашал кој си ти, а тој му кажал дека е ангел Божји. И во понатамошните борби што ги воделе Евреите,ангелите биле на страната на избраниот народ Божји и се бореле за опстој на Еврејскиот народ кој во тоа време бил единствен што ја зачувал верата во Бога. Потоа си спомнуваме и за патријархот Авраам, кој бил еден од најљубезните и најгостољубивите луѓе. Тој ги примил оние тројца ангели што ги претставувале Трите Лица на Света Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух и истиот тој Авраам бил спречен да го жртвува и својот син Исак, на гората Морија, од ангелот Божји, кога Господ ја видел конечно неговата силна вера и дека ако биде убиен неговиот син Исак (кој што го претставува Христа нашиот Бог и Спасител во Стариот Завет) Господ ќе го воскресне и пак ќе оживее.
Исто така и Светиот пророк Даниил често бил спасуван од ангелите, особено кога бил фрлен во онаа јама каде имало безброј лавови и други диви животни кои требало да го расчеречат. Си споменуваме и за Светиот пророк Исаија, кој имал видение како на небесата Бог е опкружен од Светите Ангели, кои ја пеат песната: Свјат, Свјат, Свјат Господ Саваот, исполни Небо и Земја слави Твоеја! (Иса. 6, 2-3). Потоа примерот со Агара, која била избркана од Авраам и во пустината ја утешувал ангел Божји.
Си спомнуваме, исто така, и за тоа кога требало да се роди Пресветата Богородица, како на нејзините родители Јоаким и Ана, ангелот им ја соопштува радосната вест. Истото се случило и со пророк Захариј и Елисавета, кога требало да се роди и Свети Јован Крстител. Исто така и на Пресвета Богородица ангелот ѝ се јавил и ѝ кажал дека ќе зачне од Светиот Дух и ќе роди и тоа што ќе го роди ќе биде Свето и ќе го наречат Син Божји, Емануил. А кога се родил Синот Божји во Витлеем безброј ангели на небесата ја пееле песната: Слава на Бога во висините, а на земјата Мир меѓу луѓето добра волја! (Лука. 2, 14). Кога бил Христос на молитва во Гетсиманија, бил поткрепуван од ангел; кога бил распнат и погребан и кога воскреснал, кај едниот евангелист се вели еден, а кај другиот два ангели имало кога им соопштиле, најнапред на мајката Божја, според Светото предание, а потоа на жените Мироносици и им рекле: Зошто сте дошле тука да го барате Живиот меѓу мртвите, Тој воскресна, одете и кажете им на браќата дека ќе им се јави во Галилеја (Лука. 24, 5-6).
Исто му се јавил ангел и на апостолот Петар кога бил во темница, кога му ги тргнал од рацете синџирите и од нозете оковите; се јавиле Светите Ангели и кога Господ Исус Христос се вознесувал на Небесата, кога биле апостолите со Мајката Божја, два ангели го придружувале вознесението и им рекле на луѓето: „што гледате, Овој Христос што се вознесува на Небесата пак ќе дојде да им суди на живите и на мртвите“. Ете, браќа и сестри, има безброј примери во Светото Писмо и во Стариот и во Новиот Завет, од кои само еден мал дел наброивме.
Улогата на ангелите била: едни да го слават Бога, а други да бидат посредници меѓу Бога и луѓето. Ангелите, според видението што го напишал во својата книга „За Небесната Хиерархија“ Светиот Дионисиј Ареопагит, кој е ученик на Светиот Апостол Павле, се поделени на девет ангелски чинови, подредени според тоа во три групи. Првата група, кои се најблиску до Бога се: Серафимите шестокрилни, Херувимите многуоки и Престолите на кои почива Бог. Потоа се: Господствата, Силите и Властите, а во третиот ред: Началата, Ангелите и Архангелите. Со Лаодикискиот собор во 321 година со 36 правило се запечатило учењето за ангелите, зашто едни мислеле дека се бестелесни сили, други ги почитувале како божества – богови, трети дека тие го создале светот. Затоа, Светата Црква на овој Собор заклучила дека тие се: Небесни сили создадени од Бога, и дека не се рамни на Бога, туку дека се созданија. Тие се, како што вели Свети Максим Исповедник, втората светлина. Првата несоздадена Светлина се: Отецот, Кој е изворот на Светлините и Синот и Светиот Дух, а втората создадена светлина се ангелите и целата творевина Божја, на чело со човекот, кој е поставен да управува, да биде како цар. Но со својата гревовна состојба, првородниот грев, тој бил одделенод Бога, за потоа Христос да дојде и да го воведе во повторна заедница со Бога.
Па така, ние, како што заповедала нашата Света Црква како треба да се почитува нивниот празник, на Небесните Сили Бесплотни како Собор, и на Светиот архистратиг Михаил на овој ден, си спомнуваме за сите небесни сили. А Светиот архангел Гаврил, кој е весник или благовесник на радоста, се празнува во денот веднаш по Благовештение.И при други прилики се празнуваат ангелите, кога направиле извесни чуда. Овој празник, кој е востановен на Лаодикискиот собор, е точно во деветтиот месец по создавањето на светот, кое било најверојатно во март месец, девет месеци од сега наназад, како што има и девет ангелски чинови.
Празнувањето на овој и на сите празници, треба да биде како што доликува, со подвизи, со читање на житијата и чудата што ги направиле ангелите. Достојна почит ќе им оддаваме со тоа што ние ќе бидеме ангели, а Господ рекол дека во оној свет нема ниту да се жените ни да се мажите, туку ќе бидете како ангели, зашто телата наши нема да имаат потреба ни од храна, ни од пиење, ни од било какво телесно задоволство, туку ќе живееме како ангели во смисла на тој духовен живот како што е ангелскиот, зашто многу од светителите биле ангели во тело, како Свети Јован Претеча, кој бил ангел во тело.
И ние така да ги празнуваме со размисла и барање кон нив нивно застапништво пред Бога за нашите гревови, како што и во нивниот тропар спомнавме: Началници на Небесните Сили, молете се на Богаза нас. По Нивните молитви, Господи Исусе Христе Сине Божји помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар