Недела на Страшниот Суд (Месопусна недела) – Света Архиерејска Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола

На 03.03.2019 г., во третата подготвителна недела пред Великиот пост, Неделата на Страшниот Суд или Месопусна недела, кога го празнуваме споменот на Светиот Лав I, папа Римски и споменот на Свети Флавијан, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереј Зоран Димовски и протоѓаконот Драган  Ѓорѓиевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Помислувам на Страшниот Суд“ – вака се вели во една црковна песна. А што помислува човек за овој настан, што треба да се случи во историјата на човештвото? А тоа е повторното доаѓањето на Христа нашиот Спаситен на земјата, за да им суди на луѓето. Христос кога се вознесувал на Елеонската гора, ангелите говореле: „Што гледате, Овој Исус Христос што сега се вознесува на Небесата пак ќе дојде во славата Своја, да им суди на живите и мртвите“ (сп. Дела 1, 11).

Браќа и сестри, страшна е помислата за страшниот суд, макар што луѓето имаат многу стравови од многу нешта. Децата обично се плашат од темнината, оние што се суеверни, се плашат од суеверни работи, ако на пример направат нешто во некој ден, или сретнат некој човек што го сметаат за кобен, или црна мачка итн. Луѓето обично се плашат и од непогодите, од громовите, од силните ветрови, бурите по морињата и океаните, се плашат од земјотресите, од војните, од сите незгоди што се случуваат на овој свет. И навистина тие стравови се големи, особено во војните кога луѓето гинат, но нема пострашен страв од стравот на Судниот Ден, за кој луѓето како најразумни суштества на светот дури и не помислуваат. Ете до каде, нас луѓето, ѓаволот не поттикнува да не размислуваме за најсуштествените работи; да се плашиме дури и од лисјата во шумата кога ќе почнат да шушкаат или од други работи, но од она што е најстрашното не само да не се плашиме, туку и на тоа и да не помислуваме. А некои тоа така го сметаат, зашто не веруваат дека Христос повторно ќе дојде на земјата да им суди на живите и мртвите. И така залажувајќи се и мислејќи си дека тука ќе живееме вечно, иако постојано гледаме смртност, ни умираат татковци, мајки, браќа, сестри, роднини, пријатели, деца, и за сето тоа само за миг ќе пророниме некоја солза, и во моментот ќе се натажиме, ама никако да размислиме дека има и постои живот, живот вечен, после овоземниот.  Спомнувајќи си за историјата наназад ќе видеме дека имало многу такви случаи, но луѓето не ги гледале тие нешта. Имено 120 години укажувал праведниот Ное дека ќе настане општ потоп, ако луѓето не се покајат. Но никој не му поверувал дека тоа ќе стане, и тоа станало, и само тој се спасил со семејството. Потоа и примерот за Содома и Гомора, каде постоеше само еден праведен човек, Лот, кој ги опоменуваше најголемите грешници, но тие не поверуваа дека ќе се случи тоа, дека наместо дожд, огнен сулфур ќе паѓа од небесата и ќе ги уништи тие два града, на чии место денес се наоѓа Мртвото море, кое е преполно со сол и сулфур, и во него од тие причини ништо не живее.

Си спомнуваме како му беше укажувано на фараонот од страна на Мојсеј, дека ако не ги пушти Израилците, дека ќе ги снајде голема незгода, но тие не поверуваа во тоа и ги стигна Божјата казна, ѝ им умреа сите првенци, а оние што потрчаа да ги вратат Израилците, завршија во Црвеното море.

Евреите и тие не поверуваа кога минуваа четириесет години за да стигнат во својата ветена земја и наместо да го дочекаат Мојсеј од горарата Синај, да им ги донесе плочите на Заветот, тие направија златно теле кое им беше нивниот идол и бог, и нему му се клањаа. Од друга страна т.н. верни, но ние нив ги нарекуваме неверни, кривоверни, а тоа се адвентистите, јеховините свидетели и сите сектанти кои не веруваат во нашата православна вера, односно она што нам Господ ни го открил, не ангел, не човек обичен, туку Синот Божји. Он дошол како совршен човек, како Богочовек, дошол за да го поучи човечкиот род, за да ги лекува болните од секакви болести, да воскреснува мртви, да им ја открие науката за постоењето на светот, за постоењето на Троичниот Бог, дошол да го искупи човекот од гревот и смртта. Христос тогаш ја покажал Својата љубов кон човечкиот род, бил плукан, шамаран, осуден на крсна смрт, која билата најсрамна  смрт во тоа време.

Да си спомнеме како тој покажал љубов кон блудницта, која со солзи ги миела неговите нозе, и со својата коса ги бришела! Да си спомнеме како Господ ја утешил вдовицата, како ја излекувај ќерката на Хананејката која страдала од бесен дух, или како ги излекувал другите болни, браќа и сестри. Како го излекувал слугата на капетанот – стотникот итн.

Ете после сето тоа Господ кога се вознел на Небесата, било кажано дека ќе дојде повторно за да им суди на живите и мртвите, но тоа повторно или последно доаѓање, во овој свет, нема да биде исто како она првото кога дошол незнајно.

Неговото повторно доаѓање ќе биде во Неговата слава, кога ангелите од Небесата ќе го најават со трубни гласови од сите четири страни, и тоа ќе биде молневито и брзо.

Како што слушнавме од Евангелието, ќе се отворат сите книги, и сите луѓе од постанокот, па до крајот ќе бидат присутни, и секој како на филм ќе може да си го види својот живот, и да види сè што згрешил со мисла, помисла, фантазии, со чувства, похоти, страсти и со дела.

За многу лоши нешта кои сме направиле, не си спомнуваме. Обично старите се сеќаваат на многу работи од детството кои се случиле и што направиле, а тоа е будење на совеста, и тогаш сите нешта ќе му дојдат на човека и целиот негов живот ќе го види, и тогаш тој ќе се засрами од сето она што се случувало, но тогаш ќе биде доцна. Зошто? Затоа што, како што го споменавме примерот со тие сектантите, кои велеле и претскажувале дека крајот на светот ќе биде во 1833, други во 1844, па подоцна мислеле дека тоа ќе биде за време на првата светска војна, во 1914, а некои велеа дека тоа ќе се случи во 2000-та година, но не се случи ни тогаш ни сега. А кажано е во Светото Писмо дека ни денот ни часот, никој не знае, кога ќе дојде Христос повторно на земјата, кога ќе биде страшниот суд, кога ќе биде крајот на светот. Зошто? Зашто секој од нас треба да мисли дека секој момент може да се случи, да биде крајот на светот.

А всушност кога е крајот на светот? Крајот на светот за секој човек, е кога тој ќе умре! Ние кога ќе умреме тогаш ќе ни се суди, и затоа е небитно кога ќе биде крајот на светот. Битно е да знаеме дека ќе дојде и да знаеме да се поготвуваме за тоа, а не да претскажуваме. Што се случува тогаш? Нам ќе ни се суди стопред нашата духовна состојба, во денот кога ќе излезе душата од нашето тело, таа ќе треба да минува низ митарствата. Но само за оние што веруваат во воскресението, оние што не веруваат, нема ни да поминат низ митарствата, туку веднаш одат во привремена духовна состојба, која не е конечна, адот на времено страдање или времено блаженство на луѓето рајот.  Кога ќе умре човек, душата се одвојува од телото и човекот повеќе не е човек, туку е тело кое се распаѓа (или ако е свет не се рапаѓа), и душа, која повеќе не е со телото, и таа понатаму нема можност за покајание. Таа и телото не можат ништо да направат сами, зашто се разделени! Човекот може да прави само кога душата и телото се заедно, а ако тие се одвоени, тој е неспособен да направи ништо. Само Црквата може да се моли за нивната времената состојба, до второто доаѓање на Христа.

Затоа, браќа и сестри, да размислиме најсериозно, како ние треба да постапуваме за да се спасиме. Ако сме им направиле на нашите браќа добро: гладни сме нахраниле, а не значи само телесно глади, туку и духовно гладни, ако се на грешен пат да ги вратиме, жедни да напоиме, односно да им направиме телесни добри дела, необлечени да облечеме, болни или во затвори да посетиме. Кога ќе го направиме ова, луѓето како што слушнавме, ќе прашаат: „Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во затвор, и Те посетивме?“ (Мат. 25, 37-39), а Господ ќе им рече: „ако тоа сте им го направиле на моите најмали браќа, Мене сте ми го направиле“, а оние кои што тоа не го направиле, и тие ќе прашаат и тогаш Он ќе им рече: „ако тоа не сте им го направивте на Моите најмали браќа и Мене не сте ми го направиле“. И како што слушнавме тогаш ќе ги оддели добрите од Неговата десна страна, лошите од Неговата лева страна. За оваa состојба се изобразени многу фрески, каде што е изразено сето ова, со луѓето од десната и левата страна. На оние од десната страна им е својствен Христовиот Лик кој што зрачи со светлина и благодат, и во кој постојано се радуваат, а оние од другата, од левата страна, кои направиле зло неможат да ја видат добрината, тие го гледаат прекорот Негов, зашто не биле исполнители на Божјите заповеди, и така едните ќе бидат во вечно блаженство, вечна радост, во заедница со Троичниот Бог, Мајката Божја, ангелите и сите Свети, а другите ќе бидат во вечна мака и оган (душевно страдање). Тука не се мисли на овој оган материален, туку оној кој што сме го почувствувале сите кога ќе направиме некое лошо дело, тогаш нам душата ни гори, а нема полоша состојба, од таа душата кога гори. Тоа е состојба кога совеста ќе се разбуди, но тогаш се ќе биде јавно, и за се ќе треба да дадеме одговор.

Да се помолиме, браќа и сестри, на Мајката Божја и на Сите Свети, Господ да ги просветли нашите умови и да ги очисти нашите срца, постојано да размислуваме за крајот на светот, за крајот на нашиот живот. Господи Исусе Христе, помилуј не нас грешните. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар