За Страсната седмица

Распетие. Фреска во Црквата Св. Никола во Прилеп. XII – XIII век.

Денес ние влегуваме во тешки денови: во денови, кога си спомнуваме за Страдањата Христови, во денови, кога и нам нема да ни биде лесно да стоиме во храмот на долги служби, и да се молиме. Многумина си го поставуваат прашањето: треба ли да одиме на богослужби, кога телото е толку изморено, кога со мислите сме расеани, кога немаме внатрешен мир и вистинско чувство за она што се случува?..

Спомнете си тогаш, за тоа што се случувало во деновите на Христовите Страдања: колку многу народ имало, и добри и лоши луѓе, кои сè би дале за да избегаат од тој ужас и замор во тие денови. Оние, кои биле блиски со Христос, – замислете колку им било скршено срцето, колку им биле исцрпени силите, и телесните, и душевните во текот на тие страшни денови… и како стотици луѓе, веројатно, сакале да избегаат од таа недела, да бидат слободни од тоа, што се случувало: од гневот, од стравот, од ужасот…

За време на страдањата Господови, никаде не можела да отиде ни Мајката Божја, Пресвета Богородица; никаде не можеле да избегаат од тој ужас и учениците Христови, дури и во тие минути, кога стравот ги победил, и тие сакале да се сокријат од гневот на народот. Никаде не можеле да заминат, и да го заборават тоа што се случува, ни тајните ученици Христови, Никодим и Јосиф Ариматеецот, а исто така и верните жени мироносици,.. Не можеле да заминат, бидејќи ужас им ги обзел срцата, од ужас биле обземени и однадвор и одвнатре. И така, немало каде да одат оние, кој со омраза, упорно и злобно го барале Христовото убиство.

И ете, кога си спомнуваш за тоа, – зарем нема да најдеш за себеси место во храмот во текот на овие страдални денови? И на овие луѓе мислите им биле измешани, срцата скаменети и силите истоштени; но тие живееле со тие настани. И тоа, што ќе се случува во овие денови, не е само мртво сеќавање за нешто што се случило во минатото, туку тоа е настан, кој овие денови се наоѓа во нашите срца, и врз него се заснова нашиот живот.

Затоа, да одиме на тие богослужби, и да се нурнеме во тоа, што тие нам ни го пренесуваат. Да не се обидуваме насилно да доживуваме било какви чувства: доволно е да погледнеме; да послушаме; и самите настани нека ја сломат нашата душа и тело. И тогаш, кога, нема да мислиме на себеси, а ќе мислиме на Христа, за тоа, што всушност се случило во тие денови, ние ќе стигнеме и до таа Велика Сабота, кога Христос почива во гробот. И ноќта кога ќе ја слушнеме веста за Воскресението, тогаш ние наеднаш ќе оживееме од таа страшна вкочанетост, од таа страшна Христова смрт, од умирањето Христово, кон кое ние се приближуваме во текот на овие страдални денови. Амин!

Митрополит Антониј Сурожски

Извор: http://www.pravoslavie.ru