Вторник од Првата недела во Великиот пост

На 20.02.2018 г., во Вторникот од Првата недела во Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Големо повечерие со читање на вториот дел од Канонот на Свети Андреј Критски, во храмот Пресвета Богородица во Битола.

Ирмос: Господи, утврди го моето расколебано срце врз каменот од Твоите заповеди, зашто си единствен свет и Господ.

Мојот извор на живот е во Тебе – Победителот на смртта: затоа, пред крајот, од се срце Ти викам: Згрешив, очисти ме и спаси ме.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Згрешив, Господи, Тебе Ти згрешив, очисти ме, оти меѓу луѓето нема грешник кого не сум го надминал со моите гревови.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Сакав да ги подражавам, Господи, оние што блудствуваа за времето на Ноја, но ја наследив и нивната осуда – уништување во потопот.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Душо моја, бегај од гревот како Лот од огнот, бегај од Содом и Гомор, бегај од пламенот на секаква безумна желба.

Помилуј ме, Боже, помилуј ме.

Помилуј ме, Господи, Ти викам: Помилуј ме, кога ќе дојдеш со Твоите ангели да им дадеш на сите според нивните дела.

Кондак: Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш, крајот се приближува, ќе се збуниш. Затоа разбуди се, за да те поштеди Христос Бог, Кој е насекаде и се исполнува.

(Од Покајниот канон на Свети Андреј Критски)