Велики Петок – Царски часови со Вечерна

На 06.04.2017 г., утрото на Велики Петок, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Царските часови и Вечерна, во соборниот храм Свети Димитриј во Битола.

Тебе, Кој се облекуваш со светлина како со облека, од Дрвото Те симна Јосиф со Никодим и гледајќи Те мртов, гол и непогребен, од срце заплака и, ридајќи, говореше: „Тешко мене, најсладок мој Исусе, од Кого сонцето, гледајќи Те на крстот, во мрак се облече и земјата од страв се тресеше и се раздра црковната завеса; но, ете, сега Те гледам Тебе, Кој заради мене прими смрт: како да Те погребам, Боже мој, или до каква плаштаница да Те завиткам? Со кои раце да се допрам до твоето нетлено тело? Или која песна да запеам на Твоето заминување, Милостиве? Ги величам страдањата Твои, го воспевам и Твоето погребение со воскресението, извикувајќи: Господи, слава Ти!