Трета недела по Пасха

На 22.04.2018 г., во Третата недела по Воскресението Христово, посветена на Светите Жени Мироносици, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Света Божествена Литургија во Соборниот храм Свети Димитриј, во Битола. 

На Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Многу жени беа мироносици, но евангелистите ги спомнуваат најзначајните, а другите ги оставија. Тоа беа овие: Првата од нив Магдалина Марија, од која Христос изгони седум демони. По Вознесението Христово таа отиде во Рим, според она што го знаеме, и на нова смрт ги предаде Пилата и првосвештеникот, известуваќи го императорот Тивериј за Спасителот Христа. На крајот таа се упокојува во Ефес и ја погребува свети Јован Богослов. За време на царот Лав Мудри нејзиното тело е пренесено во Константинопол.

Втората е Саломија. Таа беше ќерка на Јосиф Обручникот и беше омажена за Зеведеј. Од неа се родија евангелистот Јован и Јаков. Јосиф имаше четири сина: Јаков, наречен Малиот, Јосиј, Симон и Јуда, и три ќерки: Естир, Тамара и Саломија Зеведеева. Така кога од Евангелието ќе чуеш за Марија, мајка на Јаков Малиот и на Јосија, разбере дека се зборува за Богородица, бидејќи, според законот, таа се смета за мајка на Јосифовите деца. Од ова се заклучува дека евангелистот Јован бил внук Христов, како син на сестра.

Третата мироносица е Јоана, жената на Хуз, кој беше надзорник и управник во домот на царот Ирод. Четвртата и петтата се Марта и Марија, сестрите Лазареви. Шестата е Марија жената Клеопова. Седмата е Сусана.

И многу други, како што соопштува божествениот Лука, и говори, Му служеа на Христа и на Неговите ученици, со својот имот. Тие го проповедаа воскресението и ни кажаа многу догмати, за уверување и известување на вистинитоста на Христовото воскресение. Црквата Христова прими по Тома да се празнуваат и тие, кои први го видоа Христа воскреснат од мртвите, и на сите ја пренесоа спасителната проповед и живееја според Христа, како што доликува на жени кои се научени од Него. По молитвите на светите мироносици, Боже, помилуј нè.

(Од Синаксарот во Третата недела по Пасха)

Извор: https://orthodul.wordpress.com