Што ни недостасува во животот?

Некој е уверен, дека највеќе му недостасуваат пари, други ќе речат – добрина и љубов, некој – ред, дисциплина или знаење. И сите се во право на свој начин. Но има и друга ситуација, кога човек има сѐ, како на пример: богатство, знаење, верни пријатели, семејство, кариера, а сепак истовремено себеси се чувствува несреќен. Тој се обидува да го промени својот живот, но, како во приказната за златната рипка, на крајот се наоѓа во скршено корито. Зошто тоа се случува? Очигледно, нему му недостасува најважното. За тоа што нам ни е најнеопходно во животот, нам ни говори Светата Црква на празникот Педесетница.

Најглавното во животот – е благодатта на Светиот Дух, која во вид на огнени јазици, на педесеттиот ден по Воскресението Христово слегла врз апостолите. Таа е способна малодушните и слабите да ги направи силни и мажествени, неуките – разумни и мудри. Под нејзино влијание, простите и неуки рибари станале учители на Вселената, а страмежливите и малодушни ученици, заради проповедање на Евангелието ги оддавале своите животи.

Благодатта не се купува со пари, како што мислел Маѓесникот Симон, таа не се подчинува на ниту една светска власт, не се добива со томос, како што сега мислат многумина. Благодатта се вселува во кроткото и смирено срце, како што за тоа претскажал пророк Исаија, многу векови пред раѓањето на Спасителот Христос: „ А еве на кого ќе погледам: на смирениот и паднатиот со дух и на оној што трепери пред Моето слово“ (Иса. 66, 2). А после Боговоплотувањето и Крсните страдања на Христа, апостол Јаков директно и смело говори: „Бог се противи на горделивете, а на смирените им дава благодат“ (Јак. 4, 6).

Сепак во денешно време, кротоста и смирението како добродетели се игнорираат и презираат, а сѐ повеќе се почитува, ароганцијата, тврдоглавоста, лукавоста и грубата физичка сила. Човекот се смирува, само откако врз себе ќе искуси низа несреќи и таги.

Така не треба да биде. Светиот Дух слегол врз апостолите, и тие почнале да го разбираат говорот на другите народи и на нивните јазици да им го проповедаат Евангелието. Ние сме среќни што се наоѓаме во Црквата, бидејќи чекор по чекор преку молитвата и покајанието се учиме на кротост и смирение, и на таков начин ја здобиваме благодатта.

Од нас се бара да бидеме храбри, за да умееме да трпиме, да се смируваме и вистински да љубиме.

И така, потребно е да ревнуваме да стекнеме смирение и кротост, а не физичка сила, власт, привилегии и богатство. Преку смирението и кротоста во нашето срце ќе се внурне Божјата благодат и ќе го исполни нашиот живот со вистинска смисла. Амин!

 Aрхимандрит Маркелла Павук

Извор: http://pravlife.org