Сенка

 

Ме следат зборови

Искажани од усти човечки,

Ме следат очи натажени

Обвинувачки погледи

Поточно, погледи осамени

Во времето излажани,

А денот минува –

Човек не се отрезнува

Заплеткан во мрежа опивна

Која го следи како сенка,

Завиткан со оган – нечистотија

Фрла искри во вода заматена

Разбуди се пријателе

Отрезни се патниче,

Не барај кривица насекаде

Туку бој започни одвнатре

Да молам за тебе

Смеам ли ?

Сила за тоа

Имам ли ?

Би сакал да те извлечам

Од лажна самотија,

Мисли да ти прочистам

За да ја видиш лагата

Вака,

Мојата душа е смртно нажалена

Гледајќи како се давиш

Во сопствената немаштија,

Та колку со тие лажни мисли се мамиш

И никако да им побегниш

Ми останува,

Само колена да преклонам

Кон Мајката да се обратам

Нејзино застапништво да испросам

За чедо да исповедам

Прости најмила,

Прегрешенија покри најсилна,

Мојата душа обременија

Со паднати зборови од уста нeјзина

Побрзај Владичице

Сенка од неа изгони,

Побрзај Родителке

Светлина до неа допушти

Лице да огрее

Очи да засветат

Чело да се подигне

Молитви Твои во градина живот да вратат

Ако мене живот си ми дала,

Од моето земи, дете заштити

Сенка смртна изгони,

Време за покајание поврати

Вера ме закрепнува и сега

Слава да Ти воздавам до века:

Радувај се, Родителке,

Радувај се, Пазителке,

Радувај се, Брзопомошничке,

Радувај се, од смртна сенка опфатените, избавителке,

Радувај се Невесто Неневесна !

slepche

(Од збирката богољубива поезија „Манастирски води“, на сестринството
при Слепченскиот Претеченски манастир)