Прв ден Духовден – Света Архиерејска Литургија во Света Недела – Битола

На 27.05.2018 г., празнувајќи ја Светата Педесетница – слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија во храмот Света Недела, во Битола. 

Веднаш после Литургијата, Митрополитот г. Петар ја отслужи вечерната Богослужба со читање на молитвите за призив на Светиот Дух.

Преку силно дување, Христос им Го дава на апостолите Божествениот Дух, во вид на огнени јазици.

Во тој голем ден Духот се излеа врз рибарите.

Во овој ден, осма недела по Пасха, ја празнуваме Педесетницата. И овој Празник го примивме од еврејските книги. Како и тие што ја слават нивната Педесетница, оддавајќи му почит на бројот седум, и затоа што педесет дена по Пасха го примија Законот, така и ние, празнувајќи го педесеттиот ден по Пасха (Велигден), Го примаме Сесветиот Дух, Кој ни го дава Новиот закон, не упатува на секоја вистина и го заповеда она што Му е угодно на Бога.

Треба да знаеме дека Евреите имаа три празника: Пасха, Педесетница и Скинопигија, односно празникот на шаторите. Пасхата ја празнуваа во спомен на преминот преку Црвеното Море, зашто самиот збор Пасха значи премин. Тој Празник беше праслика на нашиот премин или враќање од темниот грев во рајот.

Педесетницата, пак, ја празнуваа во спомен на нивното страдање во пустината, и враќањето во Ветената земја, по многу неволи. Тогаш се насладија и од плодовите на пченицата и на виното. Тој Празник го навестуваше и нашето страдање од неверието и влегувањето во Црквата. Тогаш и ние се причестуваме со телото и крвта на Господа. Едните велат дека од таа причина се слави Педесетницата кај Евреите, а други велат дека тоа се прави во чест на педесетдневниот пост на Мојсеја пред да го прими од Бога напишаниот Закон. По тој повод се спомнува и жртвата што му е принесена на златното теле, и за други дела што ги изврши Мојсеј кога се искачи на планината и кога слезе од неа. Други пак, сметаат дека Педесетницата ја измислиле Евреите во чест на бројот седум, како што е речено, бидејќи бројот седум, помножен со седум, дава педесет дена без еден. Оваа Педесетница не се почитува само во однос на деновите, туку и во однос на годините. Оттаму е дојден кај нив и јубилејот што се слави после седум по седум години, наречен мирување. Тогаш тие ја оставаат земјата ненасеана, им даваат одмор и на животните, и на оние што купиле робови, им заповедаат да ги отпуштат.

Третиот Празник, Скинопигија, е празник по собирањето на плодовите, односно пет месеци по празникот Пасха. Се слави во спомен на денот кога Мојсеј за првпат ја постави скинијата што беше ја созерцавал во облакот на Синајската гора, и која беше изградена од архитектот Веселеил. И тие прават шатори, палатки, живеат по полињата и, благодарејќи Му на Бога, ги собираат плодовите на својот труд. Се чини дека и Давид ги напишал таму своите псалми (8, 80, 83), кога се гмечело грозјето.

Таа скинија е слика на нашето Воскресение од мртвите, кога ќе се разрушат нашите телесни шатори и кога ќе биде поставено ново живеалиште, и ќе ги примиме плодовите на нашите напори, торжествувајќи во вечните живеалишта.

Треба да го знаеме и ова дека во овој ден, кога ја славиме Педесетницата, Светиот Дух слезе врз учениците. Потоа, светите Отци сметале дека е добро овој празник да се раздели на два, имајќи ја предвид величината на Пресветиот и Животворен Дух, како еден од Света и Живоначална Троица. Ете зошто утре ќе зборуваме за слегувањето на Светиот Дух.

По молитвите на светите апостоли, Христе, помилуј не и нас. Амин!

(Синаксарот во недела на Светата Педесетница)