Кои воскресни недели ги празнува Православната Црква после Пасха, и кому се тие посветени?

Согласно црковната богослужбена традиција, Пасха е Првата воскресна недела, а втората недела после Пасха во литургискиот обиход се нарекува недела на Антипасха, и е посветена на средбата на апостол Тома со Воскреснатиот Христос.

Според евангелските извори, апостол Тома не присуствувал заедно со другите апостоли при нивната прва средба со Воскреснатиот Христос во Сионската Горница, и затоа не поверувал на тврдењето дека Спасителот Христос воскреснал. Следната недела заедно со останатите апостоли и апостол Тома станал сведок на Христовото воскресение, преку допирот до Неговото Воскреснато Тело.

Според мислите на Светите отци, оваа недела е посветена на Томиното неверие, бидејќи верата – е првиот и најглавен услов за средбата со Воскреснатиот Христос. Преподобен Ефрем Сирин  верата ја споредува со дрво, на кое растат благодатните дарови на Светиот Дух, и затоа ако ние сакаме да ја здобиеме благодатта во својот живот, треба пред сè да веруваме во Бога, бидејќи без вера „не е можно да Му се угоди на Бога“ (Ефес. 11, 6).

Следната, Трета недела по Пасха е посветена на Светите Жени Мироносици, а исто така и на праведните Јосиф од Ариматеја и Никодим. Имено Светите Мироносици и праведните Јосиф и Никодим, како што читаме од Светото Евангелие, не се откажале од Христа дури ни тогаш, кога Он бил оставен од Своите најблиски ученици и следбеници. Тие не се плашеле да бидат со Него покрај Крстот, не се плашеле да го земат Неговото мртво Тело од Пилата, за да го погребат со последните почести. Тие не се плашеле да отидат кај Неговиот гроб, дури ни тогаш кога сите ја изгубиле верата во Него, и со тоа повеќе од сите други ја пројавиле својата љубов кон Христа. Затоа Православната Црква си спомнува за подвигот на Жените Мироносици, Јосиф и Никодим, во Третата недела после Пасха, бидејќи тие ја искажале својата вера во Христа не со зборови, туку со искрена љубов и преданост кон Божествениот Учител.

Во четвртата недела после Пасха, го празнуваме споменот на исцелението на Раслабениот при Овчата порта од страна на Спасителот Господ Исус Христос. Во литургиското  Евангелие кое се чита во оваа недела, Светата Црква, пред сè ни напоменува, дека сите ние сме – раслабени, бидејќи секој од нас е болен – болен од гревот. Гревот – е всушност таа раслабеност, која ја уништува природата на човекот, и само Воскреснатиот Христос може да го исцели и ослободи човекот, од власта на гревот и смртта.

Петтата недела по Пасха се нарекува Недела на Самарјанката, која е посветена во спомен на беседата на Христос со Самарјанката при Јакововиот кладенец. Главната мисла на литургиското Евангелие се заклучува во тоа, дека само Христос и Неговото Божествено учење се вистински Извор на жива вода, која течи во Вечноста. Сите религии, до Христа и после Христа, никогаш не можат да ја угаснат жедта на човекот, бидејќи само во христијанството, само во лоното на Светата Православна Црква, ние можеме да се соединиме со Бога, односно да се обожиме.

Шестата недела после Пасха се нарекува Недела на слепиот, бидејќи е посветена на  исцелението на некој слеп човек од раѓање, од страна на Спасителот Господ Исус Христос. Евангелскиот расказ за исцелението на слепиот човек е многу важен за нас: тој ни напоменува нам дека кај луѓето постојат два вида на слепост – телесна слепост, и духовна, која е пострашна од првата. Многу често, физички слепите лица во духовен план се покажуваат повеќе просветлени, отколку оние, кои се сметаат себеси за такви, и не го гледаат својот главен проблем – гревовноста, која, како преграда на одделува од Бога. И сè додека ние не ја надминеме својата духовна слепота, Бог ќе биде недостижен за нас.

Извор: http://pravlife.org/ru