Дваесетта недела по Педесетница – Архиерејска Литургија во храмот Рождество на Пресвета Богородица, во Битола

На 14.10.2018 г., во Дваесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме  Покровот на Мајката Божја, Пресвета Богородица, и споменот на Светиот апостол АнанијаПреподобениот Роман Слаткопоец и Преподобениот Јован Кукузел; Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Света Божествена Литургија во храмот Рождество на Пресвета Богородица, во Битола. 

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Голем пророк се јави меѓу нас, и Господ го посети Својот народ!“ (сп. Лука 7, 16).

Денеска, браќа и сестри, е Дваесетта недела по Педесетница или Духовден, а денеска исто така, го прославуваме и празникот посветен на Мајката Божја, Пресвета Богородица, именуван Покров, според чудото што се случило во Цариград, кога Светиот Андреј Јуродив, во храмот Божји на сеноќно бдение, ја видел Мајката Божја, како со својот Покров, го покрива народот Божји, заедно со Ангелите и Апостолите, пеејќи и славејќи го Троичниот Бог, Отецот, и Синот и Светиот Дух.

На денешен ден, браќа и сестри, се случило чудото, кое Спасителот наш Господ Исус Христос го направил, кога влегол во Галилејскиот град Наин, и го воскреснал синот на   вдовицата. Имено, на некоја жена вдовица и умрел нејзиниот син единец, а народот кој ја почитувал оваа жена, со голема жалост се движел во една огромна поворка.

Спасителот Христос, заедно со Своите Свети Апостоли, правеќи, исто така, една поворка, поворка на животот, се движел кон поворка на смртта.

Се сретнале двете поворки, поворката на смртта и поворката на животот. Едната морала да отстапи. Обично, кога се движи поворката на смртта, односно кога се носи покоен, сите се тргаат настрана, правејќи и на таа поворка пат за да помине, а во овој случај имаме спротивен однос, бидејќи поворката на Животот застанала пред поворката на смртта.

Христос нашиот Бог и Спасител, Кој е срцевидец, односно Кој ги гледа срцата на сите луѓе, погледнал во срцето на оваа ожалостена вдовица, која го изгубила својот син единец, дошол и се допрел до момчето кое било умрено, иако според еврејскиот закон било забрането да се добира мртвиот. Спасителот Христос нè само што го допрел мртвото момче, туку како на живо му се обратил, велејќи му: „Момче, тебе ти велам, стани!” (сп. Лука 7, 14). Момчето веднаш станало и почнало да зборува, а Христос и го предала на неговата мајка.

Народот веднаш рекол: „Голем пророк се јави меѓу нас, и Господ го посети Својот народ!“ (сп. Лука 7, 16).

Па така, браќа и сестри, ова чудо кое се случило во Наин, е актуелно и во денешно време, а ќе биде и до крајот на светот, укажувајќи на тоа, дека човекот е создаден од Бога за вечен живот, а не за умирање. Со телесната смрт, животот на луѓето не престанува, бидејќи човечката душа е бесмртна, па токму заради тоа, заради бесмртноста на душата, може слободно да се рече, дека смртта и не постои. Зошто? После смртта, односно после разделбата на телото од душата, човекот и понатаму живее, но е нецелосен, бидејќи телото се распаѓа, а душата останува и понатаму жива.

Ете во тој дух,  денес ќе  поговориме околу тоа, како треба да биде нашиот однос кон животот. Имено, ние луѓето, тука на земјата се бориме што повеќе да спечалиме материјални добра, се грижиме за нашиот углед и достоинство, но сето ова не е толку битно, ако се спореди со текстот од второто Евангелие кое денес беше прочитано на Божествената Литургија, за Марта и Марија.

Овие две сестри, кога Господ дошол во нивниот дом, Марта се грижела премногу да му угоди на Господа со храна, и токму заради тоа му се обратила на Господа со зборовите: „Господи, зар не гледаш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне!” (сп. Лука 10, 40). А Господ и рекол: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (сп. Лука 10, 41-42).

Добриот дел кој го избрала Марија, било слушањето на Светото Евангелие што го говорел Спасителот наш Господ Исус Христос, поучувајќи ја во верата. Тоа е најважно за сите нас, браќа и сестри, да го избереме добриот дел, односно она што ни се проповеда во храмот Божји, во Црквата, односно, она што е запишано во Светото Писмо и Светото Евангелие, и што ни е предадено од Вселенските и Помесните Собори  и од Светите Отци, како Свето Предание.

Во тој дух, ние треба да разбереме дека пред сè треба да го славиме Бога, како што и овој народ го прославил Бога, кога се случило ова чудо во Наин, кога Господ го воскреснал момчето т.е. синот единец на вдовицата.

Вакви чуда се случувале и во Стариот Завет, а исто така, и во Новиот Завет.

Во Стариот Завет, Светите пророци Илија и Елисеј воскреснувале мртви, но ниту тие, ниту Светите Апостоли и другите Свети Отци, кои воскреснувале мртви, нивните чуда не ги сметале за свои, туку истите ги препишувале  на Спасителот наш Господ Исус Христос, бидејќи тие чудата ги правеле во името на Христа нашиот Бог и Спасител.

При оваа прилика, чудото го прави Самиот Спасител наш Господ Исус Христос. Прославувањето на Бога, од овој народ, било според она што било кажано од Светиот пророк Мојсеј во Стариот Завет, дека „пророк ќе ви подигнам меѓу вас и ќе му ставам зборови во неговата уста и ќе говори во мое име, и оние што нема да послушаат, ним ќе им се одмаздам, вели Бог“ (сп. 5. Мој. 18, 18- 19)

Понатаму, браќа и сестри, треба да знаеме дека смртта во светот дошла заради непослушноста на нашите прародители Адам и Ева, односно заради јадењето од забранетиот плод, како што вели Светиот апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“.

Постои уште една друга смрт, а тоа е онаа смрт, која ќе дојде при Второто Христово Доаѓање, кога ќе биде вечниот Суд и кога сите книги ќе се отворат, како што пишува Светиот апостол Јован Богослов во неговото Светот Евангелие, а особено во Откровението, во кое се вели дека кога Христос повторно ќе дојде на земјата за да им суди на живите и на мртвите, тогаш ќе се отворат сите книги т.е. книгата на животот и книгата на смртта, и сите оние што претходно починале или преминале, било да се деца (момчиња и девојчина)  или возрасни (старци и старици), сите тие, браќа и сестри, ќе се издигнат и ќе воскреснат, пред Христа нашиот Бог и Спасител, на Страшниот Суд. Исто така, сите оние што се удавиле и исчезнале по морињата, езерата и реките, и кои можеби и рибите ги изеле, сите тие повторно ќе оживеат, и на сите ќе им се суди според нивните дела.

Кажано е дека Спасителот Христос ќе им суди на сите, и на живите, и на мртвите. Се вели, дека оние што ќе го слушнат гласот Божји, ќе воскреснат за живот вечен, а тие се, браќа и сестри, не оние на кои ќе им се суди на Страшниот Суд, туку оние кои за време на животот го слушнале Светото Евангелие, односно гласот на Синот Божји, и не поверувале, и не го исповедале Христа, како што тоа го правиме при Светата Тајна Крштение, кога се одрекуваме од сатаната, од сета негова гордост и од сето негово служење. На Светата Тајна Крштение ние кажуваме дека ќе му служиме на Господа, како на Бог и Цар.

И ете, сите оние што поверувале, а потоа згрешиле, но не останале до крај во своите гревови, туку се покајале, односно ги признале своите гревови и побарале прошка пред својот духовник, свештеникот, барајќи од него совет како да се излекуваат од гревовната состојба, ете токму тие, кои преку Светата Тајна Покајание или Исповед, ќе се очистат и ветат дека повеќе нема да грешат, и не само тоа, туку ќе ветат дека ќе направат добри дела, спротивни на гревовите што ги имале пред тоа, и откако се причестат, примајќи го Телото и Крвта на Христа нашиот Бог и Спасител, ќе им биде простено, и тие практично на тој начин, ја имаат можноста повторно духовно да воскреснат. Ние, браќа и сестри, имаме едно телесно умирање, но постои и духовно умирање! Телесното умирање, е кога телото се одвојува од душата, а духовното умирање, е кога човекот ќе се одвои од Бога, неверувајќи во Бога, и не живеејќи според Евангелието, според Светото Писмо и Светото Предание.

Тоа е таа именувана духовна смрт, која е поопасна од телесната, бидејќи со телесната смрт, умира само телото, но душата не умира, а со духовната смрт, може да биде живо телото, ама душата да умре, бидејќи се разделила од Бога. Разделбата на душата од Бога, неверувањето во Бога, е духовната смрт, што ја доживеале нашите прародители Адам и Ева. Ете, тие од неа се ослободиле, кога Христос нашиот Бог и Спасител, по Неговото распнување на Крст и смрт, и по Неговото слегување во адот, со душата каде што биле и грешниците, и праведниците, заедно под власта на сатаната, им проповедал, и оние што поверувале, биле избавени од адот и од гревовната состојба, а тоа е таканареченото Второ Воскресение, односно воскресението на душата.

Ете, ние, браќа и сестри, треба да се трудиме за такво воскресение.

Знаејќи ги овие состојби, односно каков треба да биде нашиот живот, ние тука на земјата треба да се трудиме да живееме богоугоден живот, зашто не знаеме кога ќе умреме. Некои живеат неколку години, други децении, а некои сто или над сто години, а старите живееле и до илјада години, но конечно како што вели Светиот апостол Павле, „еднаш човекот мора да умре, а потоа, суд“(сп. Евер. 9. 27). Судот е, браќа и сестри, привремениот, односно оној по смртта на човекот, кога по смртта ми се определува на човекот, во четириесеттиот ден, каде ќе оди неговата душа, во адот или во привремениот рај, а потоа кога ќе дојде Страшниот Суд, како што кажавме, сите од почетокот до крајот на светот ќе воскреснат, и ќе им се суди на сите според нивните дела. Оние што правеле добро, ќе воскреснат за живот вечен, а оние што правеле зло, ќе воскреснат за осудување.

И така, секој ќе добие според своите заслуги, оние што ќе бидат во рајот, што ќе бидат во заедница со Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, со Мајката Божја, Пресвета Богородица, Ангелите, Апостолите и Сите Свети, тие ќе бидат во постојано славење на Бога, како тука на Божествената Литургија, бидејќи Царството Небесно е Непрестајна Божествена Литургија.

А оние што нема да бидат во рајот, ќе бидат во пеколот. Тие исто така, ќе бидат заедно со душите и телата, но нивното страдање ќе биде повеќе духовно, а исто така и телесно страдање, бидејќи тие, нема да бидат во заедница со Бога, зашто на земјата не го искористиле животот за спасение на своите души, како што ние честопати кога ќе направиме некој грев, велиме душата ни е во пеколот, не се чувствуваме добро, иако сме телесно здрави. Кога е болна душата, болно е и телото, а кога е здрава душата, човекот и да е болен е насмеан. Луѓето, кои ги имаат Бога во себе, и да се болни од најтешки болести, лицето и устата им се насмеани. На таков начин страдале и умирале мачениците и сите страдалници Божји, со радост во Господа, уверени дека за нивните страдања ќе добијат награда во Царството Небесно. Амин!

Проповед на Митрополитот г. Петар