„Жено, еве ти Син!“ (Јн. 19, 26) – За приснодевственоста на Богородица

Сето ова се случи, за да се исполни реченото од Господа преку пророкот кој вели: ете девојка ќе зачне и ќе роди син, и ќе му дадат име Емануил (Мт. 1, 22-23).

(Извадок од толкувањето на Евангелието по Матеј, 1 глава од Свети Јован Златоуст (349-407))

  1. Многумина, како што слушам, велат: кога доаѓаме овде (во храмот), и слушнатото го примаме во срцата, си доаѓаме при себе, а штом се оддалечиме од тука, повторно стануваме други, и огнот на ревноста во нас, гасне. Што треба да направиме, за да не биде така? Да погледнеме, зошто тоа се случува. И така, зошто со нас се случува таква промена? Затоа што се занимаваме со она, што не треба, и поминуваме време со лоши луѓе. По излегувањето од црква, не би требало да се зафаќаме за дела непристојни за црквата; но, враќајќи се дома, би требало веднаш да ја земеме книгата, и заедно со жената и децата да си спомнеме за она што се зборувало; па дури потоа да пристапиме кон животните обврски. Ако излегувајќи од бања, претпочиташ да не одиш на пазар, за во тој метеж да не ја изгубиш ползата од бањата, колку повеќе ти треба да постапуваш така по излегувањето од црква. А ние постапуваме спротивно, и затоа губиме сè. Сеуште не се утврдило во нас она полезно што било кажано, а веќе силен поток на животни дела се насочува на нас и со себе однесува сè, оставајќи само пустина. И така, за да не се случува тоа, по излегувањето од црква, сметај дека е најпотребно да си спомнеш за сè што ти било кажано. А и би било премногу неразумно – на световните дела да употребуваме пет или шест дни, а на духовните да не одделуваме ни еден ден, или дури најмал дел од денот. Зар не гледате, како нашите деца цел ден се занимаваат со задачите, кои им се зададени? Истото треба да го правиме и ние. Во спротивно, ќе немаме никаква полза да доаѓаме тука, затоа што, доколку не приложуваме исти грижи за запазување на она што ни било реччено, какви што положуваме во чувањето на златото и среброто, секој ден ќе црпиме во разбиен сад. Човек што заработил неколку динарии ги крие во својата торба и ги запечатува; а ние, добивајќи учење кое е многу поскапо и од злато и од скапоцени камења, здобивајќи ги ризниците на Духот, не ги сокриваме во ризниците на душата, и со крајна небрежност им даваме да истечат од нашите срца. Кој потоа ќе не сожали, кога самите си правиме таква штета и се фрламе во таква сиромаштија? И така, за да го избегнеме тоа, и за самите себе, и за нашите жени и деца, да си поставиме задолжителен закон – тој еден ден во неделата да го посветиме на слушање и на спомнување на она што сме го слушнале. Во тој случај, тука ќе доаѓаме со поголема подготвеност да го примиме она што ни било кажано. И за нас ќе има помалку труд, и за вас ќе има поголема полза кога ќе го слушате понатамошното, сеќавајќи се на претходното. Тоа многу ќе го помогне разбирањето на она што се зборува – ако добро го познавате поредокот на мислите, кој поврзано ви го предложуваме. Бидејќи не може да се искаже сè во еден ден, трудете се да го запомните она што ви се раскажува во разни дни, и составувајте од него како еден синџир, и украсете ја со него душата, за на тој начин да излезе целото тело на Псимата. Затоа и сега, спомнувајќи си за неодамна кажаното, да пристапиме до она што треба да го зборуваме.
  2. Но за што треба сега да зборуваме? Ова се случи, за да се оствари реченото од Господа преку пророкот кој вели. Достојно за чудење и достојно на самиот себе воскликнал ангелот, велејќи: ова сето се случи. Тој го гледал морето и бездната на човекољубието Божји; го видел јавено на дело, чие остварување никогаш не можело ни да се замисли; видел, како законите на природата се нарушиле и помирувањето се извршило. Оној Кој е повисоко од сите, снисходи кон оној кој е поништожен од сите, ѕидот се руши, преградите исчезнуваат; го видел и уште повеќе – во кратки зборови го изразил чудото; зашто сето ова се случи, за да се исполни кажаното од Господа. Не мисли, вели тој, дека ова сега се определило; тоа уште од древност било предобразено – како што и Павле секаде се трудел да покаже. Потоа (ангелот) го испраќа Јосиф кај Исаија, за будејќи се, дури и да ги заборави неговите зборови, како сосема нови, напоен од Писмото, да си спомни на пророчките зборови, а заедно со нив, да се сети и на неговите зборови. Тој не ѝ го кажал тоа на жената, затоа што таа, како девојка, сеуште била неопитна; а му го предлага пророштвото на мажот, како на човек праведен, кој се задлабочувал во писмата на пророците. И најпрвин тој му вели на Јосиф: Марија, жената твоја, а сега, приведувајќи ги зборовите на пророкот, му ја доверува тајната, дека таа е Девојка. Јосиф, не би се успокоил толку лесно со мислите, слушајќи од ангелот дека таа е Девојка, доколку претходно не го слушнел истото од Исаија; зашто од пророкот тој требало да го ислуша тоа не како нешто туѓо, туку како нешто познато, кое што долго го интересирало. Затоа ангелот, за неговите зборови да би биле подобро примени, го приведува пророштвото на Исаија; и не застанува на тоа, но го издигнува пророштвото кон Бога, велејќи, дека тоа не се зборови на пророкот, но на Бог на сите. Затоа он не рекол: за да се оствари реченото од Исаија, туку: да се оствари реченото од Господа. Устата била на Исаија, но пророштвото било дадено одозгора. Какво пророштво било тоа? Ете, девојка ќе зачне во утробата своја и ќе роди син, и ќе му дадат име Емануил (Ис. 7, 14). Но зошто, ќе речеш Му дале име не Емануил, а – Исус Христос? Затоа што не е речено: ќе го наречеш, но ќе го наречат, т. е., народите и самиот настан. Тука се позајмува името од настанот, како и што е својствено за Писмото – да се употребуваат настани наместо имиња. И така, зборoвите: ќе го наречат Емануил, не значи друго, туку дека ќе го видат Бога со луѓето. Иако Бог секогаш бил со луѓето, но никогаш толку јавно. Доколку пак јудеите бесрамно се противат, ќе ги прашаме, кој младенец е наречен: брз на плен, скор на грабеж (Ис. 8, 3)? На тоа не можат ништо да кажат. Зошто пророкот рекол: дадете му име, брз на плен? Затоа што после неговото раѓање, добитокот да биде грабнат и разделен, самиот настан при кој се случило тоа, му се дава наместо име. На ист начин пророкот зборува и за градот, дека ќе се нарече град на правдата, мајка на градовите, верниот Сион (Ис. 1, 26); и сепак, никаде не се сретнува тој град да се вика правда, туку и натаму продолжил да се нарекува Ерусалим. Но бидејќи Ерусалим навистина станал таков, кога се исправил, рекол пророкот, така и ќе се нарече. Така, ако некој настан појасно од името го покажува оној, кој го извршил, или го искористил истото, Писмото дејството на настанот му го припишува како име.

Доколку јудеите, разобличени во тоа, најдат друга забелешка против кажаното за девството и ни претстават други преведувачи, велејќи: тие превеле не: девојка, а: млада жена (νεανις), – тогаш уште однапред ќе им кажеме, дека седумдесетмината толкувачи, по справедливост, пред сите останати заслужуваат поголема доверба. Тие (преведувачите) преведувале после доаѓањето Христово, останувајќи притоа јудејци; па затоа, справедливо може да се претпоставува дека тие рекле така повеќе поради непријателство, и намерно го затемниле пророштвото. Седумдесетпината пак, кои сто години пред доаѓањето Христово, или можеби и повеќе, се зафатиле за тоа дело, и притоа во толкав голем број, се слободни од секаква ваша претпоставка; тие и по време, и по бројност, и по взаемна согласност првенствено ја заслужуваат довербата.

  1. Но, доколку јудеите го приведат сведоштвото и на тие преведувачи, и тогаш победата е на наша страна. Во писмото, често името младост (νεανιοτητος), се употребува наместо девство, не само за жени, но и за мажи. Момчиња, вели тоа, девојки, старци со децата (Пс. 148, 12). И повторно, расудувајќи за девојката, која претрпела насилство, вели: и да викала отроковицата (νεανις), т. е., девојката (Втор. 22, 27). Истото значење го потврдуваат и претходните зборови на пророкот. Всушност, пророкот не вели само: ете дева ќе зачне; но уште претходно рекол: ете, самиот Господ ќе ви даде знак (Ис. 7, 14), а потоа додал: дева ќе зачне во утробата своја. Ако не требало девојка да роди, туку раѓањето се случило во законски брак, тогаш како би можело таквиот настан да биде знак? Знакот треба да излегува од вообичаениот поредок, да биде нешто чудно и необично. Инаку, како ќе биде знак? А кога се разбуди Јосиф, направи како што му заповеда ангелот Господов (ст. 24). Го гледаш ли послушанието и покорниот ум? Гледаш ли решителен човек, и во сè искрен и јасен? Кога тој се сомневал во Девојката за нешто непријатно и неприлично, не сакал да ја држи кај себе. Кога пак се ослободил од таквиот сомнеж, не само што не посакал да ја испрати, но ја задржува и станува служител на воплотувањето. И ја прими, вели Писмото, Марија, жената своја. Гледаш ли, колку често евангелистот го користи тоа име, не сакајќи предвреме да ја открие тајната на девството, за да отстрани секаков сомнеж?

И примајќи ја, не ја позна, додека не го роди Својот првороден Син (ст. 26). Тука евангелистот го употребил зборот додека: но ти не мисли од тоа, дека Јосиф ја познал потоа. Евангелистот со тоа само дава до знаење, дека Дева пред раѓањето била совршено недопрена.

Зошто, ќе речат некои, го употребил зборот: додека? Затоа што во Писмото тоа често се прави така. Тој збор не означува определено време. Така и за ковчегот е речено: и не се врати, додека не се исуши земјата (Бит. 8, 7,  14), иако тој и после тоа не се вратил. Исто така, и за Бога Писмото вели: од века и до века Ти си (Пс. 89, 2), но со тоа не Му става граници. И пак, кога благовести, вели: Во Негово време ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сè додека не се одземе месечината.(Пс. 71, 7), што не значи крај за тоа прекрасно светило. Така и тука евангелистот го употребил зборот – додека, како уверување во тоа што било пред раѓањето. Што се случило после раѓањето, ти остава да пресудиш самиот. Тоа што требало да го дознаеш од него, ти го кажал, то ест, дека Дева била недопрена до раѓањето. А тоа што е само по себе очигледно од кажаното, како сигурна последица, го препушта на твоето сопствено размислување, то ест, дека таков праведник (како Јосиф) не посакал да ја познае Дева откако таа, толку чудесно станала мајка, и се удостоила да роди на нечуен начин, и да донесе необичен плод. А доколку тој ја познал, и навистина ја имал за жена, тогаш зошто Исус Христос ја предава на ученикот како безмажна, која нема никого, и му заповеда да ја земе при себе? Но, ќе речат: како Јаков и другите се нарекуваат браќа на Исуса Христа? Исто, како што и самиот Јосиф бил почитуван како маж на Марија. Со многу завеси до некое време било покривано рождеството Христово. Затоа и Јован ги нарекол (браќа), велејќи: ни браќата Негови не поверуваа во Него (Јн. 7, 5). Впрочем, оние кои претходно не верувале, потоа станале достојни за чудење и славни.

ПРОДОЛЖУВА

Превод: Златко Дивјаковски

Извор: https://bible.by/zlatoust/40/1/