За слугите на гревовите и слугите на праведноста – Свети Лука Кримски

Исус Христос рекол: Кој ќе го запази својот живот, ќе го изгуби, а кој ќе го изгуби заради Мене, ќе го најде (Матеј 10,39). За да се сфати значењето на овие зборови, треба да се знае што е тоа човечка душа. Душата не е ништо друго, туку, збир на мисли, поими и стремежи. Има добри души, а има души наклонети кон зло, полни со гревовни желби. Кај мнозинството луѓе, душата е потчинета на телото и се стреми кон тоа, да служи на неговите страсти, наклонета е кон презаситен живот со многу задоволства. На оваа душа треба да ѝ се погубат, истребат сите нејзини ниски телесни барања, кои го сквернават и телото и самата душа.

Свети апостол Павле се обраќа на Римјаните кои поверувале во Христа, кои го напуштиле некогашниот пагански начин на живот, полн со гревови и разврати, со следните зборови: Но, благодарејќи му на Бога, вие, иако бевте робови на гревот, од сѐ срце му станавте послушни на оној вид учење, на кое му се предадовте. Откако се ослободивте од гревот, вие станавте робови на правдата (Рим. 6,17-18).

Пред да го познаат Бога тие биле исполнети со секаква неправда, блудство, злоба, лукавство, користољубивост, полни со завист, убиства, расправии, измами, лоши нарави, озборувачи, клеветници, богомрасци, силеџии, фалбаџии, горди, измислувачи на зло, непослушни кон родителите, неразумни, неверни, недружељубиви, непомирливи, немилостиви (Рим. 1,29-31).

После големиот спасоносен преврат, во нивната свест се откажале од робувањето на гревот и станале слуги на праведноста. А, што значи тоа – да бидеш слуга на гревот или слуга на праведноста? Зар не знаете дека тешките пијаници или закоравените пушачи, никако не можат да се ослободат од лошите навики, и стануваат вистински робови на вотката и тутунот? А, што воопшто значи да бидеш роб? Значи, да се наоѓаш во нечија власт, во потчинетост на туѓа волја. Робот нема своја волја, туку ја исполнува волјата на својот господар; така е и со робовите на гревот. Што повеќе го повторуваат гревот, тој преоѓа во сѐ појака и појака навика, се вкоренува во човекот, постепено завладејува со неговата волја, чувствата, помислите, го држи во своја власт. Малку по малку, ваквиот човек целосно паѓа под власта на гревот. А, тоа значи дека станува слуга на ѓаволот, зашто ѓаволот е татко на секој грев и лага.

Помеѓу злосторите може да се сретнат многу луѓе со високо образование, кои некогаш имале угледна општествена положба, кои кога еднаш тргнале по крив пат, подоцна сѐ подалеку и подалеку оделе кон него. Стигнале до затвор, логори, на крај биле ослободени. И што? Гревот кој еднаш е направен, ако останал без покајание, неизбежно почнува да се вкоренува во душата на грешникот, слично на жива кал, вшмукува, влече кон себе во нови и нови гревови. Како непобитно правило, сите вакви несреќни луѓе отворено ја признавале целосната зависност од гревот: „Не можам да го прекинам престапничкиот живот и да почнам да работам“.

Господ бара од нас да ги промениме мислите и расположението, од корен да ги откорнеме лошите страсти кои ја исполнуваат душата и нѐ оттргнуваат од Христа. Да отстраниш сè нечисто од душата, значи да ја изгубиш душата; кој така ќе ја изгуби својата душа ќе ја најде и ќе ја сочува за вечен живот, зашто неговата душа ќе стане лесна и непречено ќе се издигне кон Бога. Таа ќе најде најмногу богатство во општењето со Него. Значи, за човекот да го стекне вечниот живот, треба да стане слуга на праведноста. Секое добро дело и секоја усрдна молитва, оставаат длабока и благодатна трага во човечките уши, го осветуваат неговото срце.

Зарем не биле вистински слуги на праведноста, големите отци-пустиници или светители? Или светиот отец наш Питирим, чудотворец Тамбовски? Тој бил целосно во власт на доброто, исто како преподобен Серафим Саровски, Сергеј Радоњешки, Антониј и Теодосиј Печерски и цел безброен собор свети отци. Потребата да се молат, да го чистат своето срце, да ја умножуваат љубовта во него, станала незадржлива потреба на нивните свети души. Заборавајќи на сѐ, тие се стремеле само за ослободување од гревот, само кон ропство на праведноста.

За тоа истото зборуваше Господ наш Исус Христос, упатувајќи ги Своите зборови на Јудејците кои Му поверувале. Ако вие останете во Мојата наука, навистина сте Мои ученици, и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи. Му одговорија: Ние сме семе Авраамово, и никогаш никому не сме робувале. А, како Ти велиш: Ќе бидете слободни? Исус им одговори: Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, робму е на гревот (Јован 8,31-34).

Бидејќи биле вистински слуги на гревот, Евреите не сфатиле што е робување на гревот, туку само знаеле дека се слободни по своето потекло од Аврама. И меѓу нас, христијаните, има многу луѓе кои се сметаат слободни и се гордеат со својата слобода. Тие не насетуваат дека сѐ всушност, жалосни слуги на гревот, како што тоа не го знаеле древните Евреи, кои биле увредени од зборовите на Господ Исус Христос.

Откако се ослободивте од гревот, вие станавте робови на правдата. Ви зборувам како човек, за вашата плотска слабост. Оти, како што ги предостававте членовите ваши да бидат робови на нечистота и беззаконието за безаконство, така и сега оставете ги членовите ваши да бидат робови на правдата за осветување (Рим. 6,18-19). Навистина, многу екстремитети од нашето тело служат како орудија на гревот. Нашиот царски ум, кој нѐ разликува од неразумните созданија, можеме да го направиме слуга на беззаконието, ако не го упатиме кон спознавање на волјата Божја и Неговиот закон, а не на измислување расипаности и навредувања на нашите ближни. Ако ги насочуваме своите погледи на ненаситно гледање на сладострасните појави, ако со злоба и презир ги гледаме луѓето, нашите очи природно, ќе станат орудија на нечистота. Ако нашиот слух го заоструваме за слушање сплетки, оговарања и празнословија, за ласкање на оние кои ни се подлизуваат, ќе направиме и нашите уши да бидат презрени. Зарем нашиот јазик, кој ја точи секоја лага, осуда, потсмев, клевета и шпионство не е остро оружје на нечестивоста?

А, колку често нашите раце се испружуваат кон измамништво, кражба, и страшно е да се каже, дури и кон убиство; ноктите и забите ги користиме во тепачките. Нозете на многу несреќни луѓе често трчаат по грабеж или брзаат на совет на нечестивите (в.: Пс. 1,1). Голите нозе предизвикуваат похот. Дури и својата коса умееме да ја направиме оружје на гревот, зашто на жените им се потребни соблазниви фризури и украси во косата за да ги соблазнат и привлечат мажите. Така ја упропастуваме својата душа со гревовна употреба на нашите екстремитети.

Зарем не е познато колку често луѓето кои го предаваат своето тело на сладострастие паѓаат во блуд и прељуба? Но, апостолот зборува дека телото ваше е храм на Светиот Дух кој живее во вас, Кој го имате од Бога (1.Кор. 6,19). А, како храмот Божји може да се даде во власта на нечистотата, како можете да го осквернавите?

Зашто сите свои екстремитети можеме да ги насочиме на добро. Тогаш, ќе го насочиме разумот на целосно спознавање на волјата Божја и законот Христов, на поучување во побожноста и праведноста, од читања на делата на големите преподобни отци и светители Божји. Нашите очи секогаш мисловно да гледаат на Страшниот Крст Христов, на чистата Божја убавина во природата.

Зарем нашите раце, кои во изобилие даваат милостина на беспомошните и сиромашните, кои на секој начин ги олеснуваат нивните потреби и болести, нема да бидат најприродно оружје на праведноста? А, нашите нозе може да станат дури и прекрасни, зашто колку им се убави нозете на оние, што благовестат мир, кои го благовестат доброто (Рим. 10,15).

Да ги предадеш своите екстремитети во ропство на праведноста, значи да ги победиш ниските страсти на телото, стекнувајќи власт над своите екстремитети, да ги задржиш да не прават грев. Тоа значи да слезеш од патот на безаконието, да заминеш од куќата на веселбата и да се населиш во куќата на плачот (в. Проп. 7,4), да го направиш своето срце вистински храм Божји. И тогаш ќе може за вас да се кажат зборовите на апостолот: Кога бевте робови на гревот, бевте слободни од правдата. А каков плод имавте тогаш, дела од кои сега се срамувате? Бидејќи нивниот крај е смртта (Рим. 6,20-21).

Во второто Послание на апостол Павле директно се зборува за такви дела: Делата на телото се познати, Тие се: прељубодејство, блудство, нечистотија, бесрамност, служење на идоли, маѓии, непријателство, кавги, ревнувања, гнев, расправии, несогласности, ереси, зависти, убиства, пијанство, срамни гостувања и други слични работи; однапред ви велам,како што ви реков и порано, дека оние што го прават  тоа, нема да го наследат царството Божјо (Гал. 5,19-23).

Можам ли сега за вас да кажам, моја тамбовско паство, дека се слободивте од гревот и станавте послушни на учењето Христово, за кое се трудам да ве научам? Знам дека сите не станавте слуги на праведноста. Вашите срца нека затреперат како моето, нека не се леат само моите солзи поради тоа, туку и вашите очи нека точат покајнички солзи, скрушеност поради својата нечистотија. Ако ги ослободите своите екстремитети од гревовните окови и се свртите кон Бога, плод на овие промени ќе биде светоста, крај – вечниот живот, кој ќе ги удостои сите оние кои се каат на семилостивиот и сепростувачкиот Христос Бог наш. Амин.

Свети Лука Кримски

Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог

Извор: http://www.pravoslavie.ru