Свети великомаченик Христофор

Житието на светителот ни соопштува дека свети Христофор, пред крштението го имал името Репрев (Ρεπρεβος – отфрлен, осуден).

За време на владеењето на императорот Дециј Трајан, еден човек по име Репрев, бил заробен од римјаните за време на битката во Мармарика. Подоцна, тој служел во римската когорта Кохорс – оддел од мармаритите – луѓе, по потекло од областа Мармарика или претставници на берберското племе.

За овој преславен маченик, чиј спомен се почитува, како на исток – уште повеќе на запад, особено во Шпанија, раскажуваат нешто чудно и необично: тој бил човек со голем раст и страшно поведение. Меѓу другите православни светители маченикот Христофор се одликувал со тоа што преданието му припишува необична особеност. Се сметало, дека имајќи тело на човек, тој имал глава на куче, и потекнувал од земјат на човекојадци. Едни тврдат дека свети Христофор по потекло бил од земјата на хананејците, а други го поврзуваат од канинеевците (canis – куче) или кинокефалите ((κύνος – куче и κεφαλή – глава) – претставници на племето „со кучешка глава“ кучешколики луѓе, чиј опис доста често се среќава во антички времиња или антропофаг (άνθρωπος – човек и φαγείν – јаде). Кучешкиот изглед на светителот во словенскиот Пролог се отфрла, а преп. Никодим во Синаксарот му дава само безобразен вид.

Според друго, доста подоцнежно предание, кое најмногу се распространило на Кипар, светителот од раѓање имал прекрасен изглед, од кој се соблазнувале жените. Сакајќи да ги избегне соблазните и жените кои постојано го вознемирувале, тој се молел Господ да му даде безобразен облик, после што и станал сличен на куче.

Кога од еден комита (така се нарекувале царските телохранители) бил заробен во војната, тој не поседувал дар на човечки говор. Се помолил на Бога, и Господ му испратил ангел, кој му рекол: „Биди храбар, Репрев!“ – тоа било неговото прво име, – а потоа се допрел до неговите усни и преку тоа му дал способност да зборува. Кога после тоа, тој дошол во еден град, почнал да ги изобличува оние, кои ги гонеле христијаните. За тоа, некој Вакх го избил, но тој како одговор му рекол на Вакх, дека тој ги прима ударите негови со смирение, само заради заповедта Христова, а ако му се предадел на гневот, не би издржал ни самиот Вакх, па дури ни силата на императорот, кои тој би ги претворил во ништо. Наскоро, по него испратиле двеста воини, за да го доведат при императорот (според грчките пролози, тоа веројатно бил императорот Дециј, кој владеел во Римската империја од 249 до 251 г.), и, кога тие оделе, по патот, целосно сувиот жезол во рацете на светителот, чудесно процветал, а потоа, кога по патот на војниците им снемало леб, тој го умножил во изобилство. Тоа големо чудо ги восхитило војниците и тие поверувале во Христа и заедно со светителот биле крстени од Антиохискиот епископ, светиот свештеномаченик Вавилој, при што, на светителот, наместо името Репрев, му било дадено името Христофор (Χριστόφορος). Кога светителот бил приведен пред императорот, последниот кога го видел, почувствувал страв и неочекувано паднал ничкум, а потоа, кога повторно дошол при себе, помислил да го натера да се одрече од Христа, но не со јавни мерки на насилство, туку со итрина, најпрвин да го промени неговото расположение, а потоа со ласкавост да го наклони да ја исполни неговата волја. За таа цел, тој наредил да се викнат две жени – блудници, убави по лице и спремни да се предадат на блудно соединување, кои со соблазнителни разговори побудувале во младите луѓе неодолив, безумен стремеж за блуд. Името на една од тие жени било Калиникија, а на другата – Акилина. Императорот им наредил да влезат кај светителот и да му внушат разни соблазнителни мисли, како што бил нивниот обичај, за, побуден од престапната љубов кон нив, тој да се согласи да се одрече од верата во Христа и да им принесе жртва на јазичничките богови. Но, свети Христофор почнал да ги поучува во верата во Христос и со своето слово ги одвратил од служењето на идолите. Враќајќи се кај императорот, тие му рекле дека се христијанки, за што биле фрлени на жестоки мачења, и претрпувајќи така страдања за верата Христова, примиле маченички венци. Силно разгневен на тие жени, императорот наредил да го доведат пред него свети Христофор и почнал да се исмева над него за необичниот изглед на неговото лице, но светителот, како одговор на тоа, го нарекол императорот гнездо на ѓаволски дејства, зашто таква смисла имало името на императорот Дециј. После тоа, императорот наредил да се убијат тие двеста луѓе воини, кои биле испратени да го доведат кај него свети Христофор и кои примиле свето крштение заедно со него, затоа што тие кај светителот, и пред очите на императорот, му се поклониле. Тој наредил на сите да им ги отсечат главите, а телата да ги запалат, а свети Христофор наредил да го заклучат во бакарен сад, да го опковаат со клинци, а садот да го вжештат, но кога тоа било исполнето, светителот останал неповреден. Не чувствувајќи притоа никакви страдања ниту од огнот, ниту од клинците, тој стоел во жешкиот сад, како во пријатна ладовина. Многумина од присутните мислеле дека тоа е измама, а на верните, светителот сосема вистинито и радосно им раскажал, дека за време на мачењето, тој видел некој многу висок и прекрасен маж, облечен во бели облеки, од кого, светлината која излегувала го надминувала сонцето, и на главата своја имал сјаен венец, го опркужувале мноштво воини, со кои некакви црни и смрдливи арапи воделе борба, трудејќи се да го фатат и да го заробат, но тој страшен водач, со гнев погледнал на нив и со својот поглед ги збунил и ја поразил таа непријателска војска, а нему му дал сили неповреден да го поднесе измачувањето. Слушајќи го таквиот расказ и гледајќи го светителот воопшто неповреден, многумина од народот му поверувале и се обратиле кон Христа, а потоа го извадиле светителот од вжештениот сад, за што биле и убиени од царските џелати. После тоа, на свети Христофор му врзале камен за вратот и го фрлиле во бунар, но ангел го извлекол од таму. Потоа му облекле вжештена бакарна облека, и на крај, со меч му ја отсекле главата. Светиот маченик починал во Ликија, при императорот Дециј, околу 250 година.

Споменот на свети Христофор, и на другите свети маченици, пострадани со него, се празнува во Кипарисија – месност во Константинопол – на денот од неговата смрт, близу до денот на смртта на светиот великомаченик Георгиј. Според маченичките акти, денот на неговата смрт, сите стари календари, источни и западни, го припишуваат на 23 април.

Моштите и главата на светителот, кои некое време се чувале во Константинопол, потоа биле пренесени на островот Раб во Хрватска. Кога нормалните нападнале на островот и го опсадиле градот Раб, граѓаните ги ставиле моштите на Христофор на ѕидовите. На чудесен начин, ветерот го променил правецот и бродовите ги изнесил од островот. Една од крупните средновековни тврдини на градот Раб е наречена во чест на свети Христофор.

Споменот на светиот маченик Христофор во православниот календар е 9 (22) мај.