Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 48-мо

26-ти мај / 8-ми јуни 8, 1970г.

Свети Георгиј Новомаченик

 

Драг отец Михаил [Азкул],

Благослови нè, Оче!

Го добивме безбедно вашиот ракопис, исто така, и поправките. Со сигурност ќе го испечатиме. Тоа е токму она што е потребно – целосно праведен и објективен текст, суштински, и ги покренува само вистинските прашања за православните, во овој критичен момент. Посакуваме само да може да пошироко да се распространи.

Ние се надевавме да го отпечатиме текстот во нашето ново издание, но следуваа тешкотии, кои покрај вообичаеното доцнење, речиси го оневозможија. Нашето издание за “март-април”,  сега толку доцни, што тоа ќе биде единственото нешто, кое навремено ќе стигне до нашите претплатници, пред датумот на канонизација на отец Герман; и минатата недела словенскиот текст на службата за отец Герман беше конечно одобрен,  така што оставивме сè друго за да го преведеме и да го ставиме во ова издание, при што ќе зафати веројатно половина од страниците.

Згора на тоа, само што го купивме линотипот со посебен договор, што бара од нас да го доставиме тука до први јуни – во зграда која сè уште е само половина завршена. Линотипот сè уште е расклопен, зафаќајќи место во собата за печатење, и нема да може да се стави во работна состојба уште неколку недели, при што имаме краток долг кој не можеме да го отплатиме сè додека не излезе изданието за “мај-јуни.” Но, слава му на Бога за сите работи – за  месец-два, со Божја волја, двојно ќе се зголеми нашето производство. Така што, молете се за нас, да го  пуштиме ова издание навремено.

Вашиот напис, тогаш ќе биде во изданието за мај-јуни, заедно со уште една пообемна и важна статија за Катакомбната Црква, за која премногу малку има натписи на англиски јазик. Анти-сергијанските текстови од 1927 година, за кои, исто така, се надеваме дека ќе започнеме да ги печатиме, имаат доста важност во денешницава, како со Грците и со прашањето за новиот календар, така и во Руската Црква за основата на денешните нарушувања кои започнуваат уште во дваесетите години, при што одговорот е даден оттогаш. Навистина, нека Бог даде мир на Неговата Црква! Но, судејќи според темпото на современото отпадништво, во иднина ни претстои многу борба. Господ Бог да ни е на помош.

Верувам во твоите молитви,

Со љубов во Христа, нашиот Спасител,

Евгениј Роуз

P.s. Многу се израдувавме кога слушнавме за вашиот официјален прием во Синодот, за што би сакале да направиме кратка белешка на почетокот на вашата статија. Нека Господ Бог ти даде сила во избраниот пат. Ако случајно се видите со Епископот Лавр, те молиме да му ги пренесеш нашите топли поздрави; со него сме многу блиско поврзани.

Превод: Елена Богдановска