Гласот од пустината

Денес не замирај
те молиме – не молкнувај,
запрети покарај
со вистината удостојувај.

О, голем Јоване
ти кој треба на секој Христијанин
да бидеш презиме
од тебе сите ние поттик добиваме.

Гласу на нашата совест
лику на нашата разумност
појаво на нашата желбеност
поттикнувач на нашата волевост.

Глава своја подари
вистина со неа овековечи
злобата кога неа ја прими
од ликување во плач лагата се зави.

О, голем Јоване,
обувки не сме достојни да ти целиваме,
но стапалки твои како траги бараме
за да преку тебе Патот го најдеме.

Еве сега камењава
тие одекот на гласот Твој
не го заборавија,
како неми сведоци постојат
кога луѓе се сопнат – да се преумат.

Уши да начулат
очи да ококорават,
ум од мечти да истресат
кон Спасителот да се обратат.

Наука пустинска да изучат
преку едноставна светлина да погледнат
со проста храна да се заситат
со ладна вода изворска да се напојат.

Небаре мисли ќе им стивнат
небаре стомак ќе си умират
небаре мечти неразумни ќе спласнат
па по вечност ќе ожеднат.

Да побараат извор непресушлив
да побараат храна непропадлива
да побараат вистина несоборлива
да слушнат глас од небеса.

“Дојдете при Мене сите оскрбени и обременети”
со гласот од пустината водени
да се израмнат патиштата на вашите души
да се изложи, глава да се сочува,
онаа која е на верата колевка.

Така принесена
да биде залог за вечноста
пред Седржителот на милоста.

0-02-05-b44baac550d09544c68847b77f9d657bd9e1f2688f3be0d44a9175199652d752_full

(Од збирката богољубива поезија „Манастирски води“, на сестринството при Слепченскиот Претеченски манастир)