Слово на Покров на Пресвета Богородица – Свети Николај Велимировиќ

Светол празник – Покровот на Пресвета Богородица! Тој ни сведочи за големата слава, со која е овенчана Пресветата Мајка Божја на небесата. На овој ден, Таа се јавила во небесна слава и луѓето ја виделе и се зарадувала. Таа држела во рацете чудесен покров, за да покаже како ги покрива и заштитува луѓето од секакво зло. Двојна е радоста за нас на овој празник, едно, затоа што ја гледаме големата праведничка и страдалничка во земниот живот, овенчана со таква небесна слава, а друго, затоа што Таа, пребивајќи на небесата, внимателно се грижи за христијаните, за наследниците на Нејзиниот Син и Бог.

И ако Таа нè радува со Својата заштита, Своите јавувања, и претходно, и сега, и секогаш, и ние, браќа мои, сме должни да Ја радуваме. Ние навистина можеме да ѝ принесеме радост на Пресвета Богородица. Прашувате како?

Ако веруваме во Синот Божји и Синот на Дева Марија, ние ја радуваме Богородица.

Ако Го љубиме, онака како што Таа нè љуби нас, ние ја радуваме Богородица.

Ако ги пазиме заповедите Христови, со тоа ја радуваме Онаа, Која го родила Господ Христос.

Ако се каеме за своите гревови, Таа се радува со ангелите и сите небесни сили Божји. Зашто рекол Господ: „…на небото ќе биде поголема радоста за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, кои немаат потреба од покајание“. (Лк. 15, 7).

Но ако грешиме и не се каеме, ние ја повредуваме Пречистата Мајка Божја, ги повредуваме светлите Божји ангели и сите праведници на небото. Каква ќе ни биде ползата од празнувањето? Каква полза ќе имаме од молитвените собранија и духовното пеење? Господ не гледа на устите, туку на срцето, и кога ќе дојде да му суди на светот, нема да им суди на зборовите, туку на срцето. Ако нашите срца бидат нечисти, ќе нè отфрли, а ако ги најде нашите срца чисти, исполнети со милост и љубов, ќе нè прими во Своето вечно Царство. Затоа, старозаветниот мудрец рекол: „Најмногу од сè, чувај го срцето твое, затоа што тоа е извор на животот“. (Изрек. 4, 23). Ако изгние срцевината на дрвото, уште долго ли ќе проживее дрвото? А човечкото срце гние од гревот, и кога ќе изгние, човекот се претвора во сенка на човек, и се влече по земјата, додека сосема не исчезне.

Да не биде така со вас, браќа мои, да не се претворите во сенки, но останете луѓе Божји, а ако сте луѓе Божји, тогаш сте и наследници на Царството Божјо.

А за тоа, дека праведниците ќе го наследат Царството Божјо, ни сведочи Пресвета Богородица со Своето јавување во светлина и слава, со Својот Покров, со кого Таа ги покрива од сите зла сите, кои прибегнуваат кај Неа со солзи, молитва и вера. Таа се јавувала и се јавува, не заради виденија, туку за да ги отвори духовните очи на неверниците, за и тие да дознаат за вечниот живот и Царството небесно;

За да ги утеши страдалниците, за да знаат, колку голема радост ги чека во другиот живот;

За да ги поддржи малите и немоќните, за со радост да одат по земниот пат и да влезат во царството.

Да ги охрабри покајниците, да не се сопнат на патот на покајанието, но да издржат и да се спасат;

За секоја капка крв на Синот Свој, да ја отплати со спасението на многу и многу човечки души;

За секоја капка Крв на Синот Свој, да ги заштити од погибел илјадници и илјадници човечки души, зашто, скапоцена е, браќа, Крвта на Синот Божји, пролеана за луѓето. Тешко на оние, кои ќе ја презрат таа скапоцена крв, вечните маки ќе им бидат праведна награда. Блажени сте вие, кои ја почитувате таа крв, и преку неа се спасувате доброволно и свесно, награда ќе ви биде вечниот живот. Навистина, скапоцена е Крвта на Синот на Дева Марија. Сите луѓе, од почетокот до крајот на светот, дури и да ги има колку тревата на земјата или песокот во морето, можат да се спасат со таа Крв. Но, за жал, не сите ќе се спасат, а само оној кој сака, а кој не сака, ќе биде отфрлен, зашто ја презреле цената, со која се купени.

Никого не презирајте, праќа, нема на земјата човек, за кого Синот на Пречистата Дева не ја дал Својата скапоцена Крв. Ако некој сам ја презре Крвта, со која е купен, сам ќе одговара за својата погибел, но никој од вас да не биде причината за ничија погибел. А ако го презирате човекот – ја презирате Крвта, пролиена од Христос за негово спасение. Трудете се да го вразумите грешникот и да го утврдите во верата, и ако успеете, ќе добиете брат и сонаследник во Царството Христово. Праведникот фалете го, грешникот исправувајте го, покајникот охрабрувајте го. Но, исто како што валканата вода не може да ги исчисти валканото платно, така и грешникот не може да очисти друг грешник, додека себеси не се очисти. Затоа нè предупредува Господ – Исцели се сам! Ако сакате да ги исправувате другите, исправете се сами, а потоа и за другите ревнувајте. Тоа е законот Христов.

Така ќе ја израдувате Пресветата Богомајка, Која нè радува непрестајно. И нè чува од неволји и се моли за нас на Бога и нè бакнува, како мајката своите чеда, и гори од желба сите да се спасиме и да влеземе во Царството на Нејзиниот Син.

На нашиот Бог слава и похвала, а вам мир и здравје и радост, и благослов во вечни векови. Амин.

Свети Николај Велимировиќ