„Еден – нула“ – Старец Гавриил Ургебадзе

Преподобен Гавриил Ургебадзе, во себеси откривал висок образ на старчество. Му бил даден од Бога молитвен и пророчки дар. Тој го проповедал Словото Божјо, пеел, танцувал, плачел, се смеел, се шегувал, изобличувал, забранувал, советувал, се молел, повторно плачел и повторно се смеел… Било потребно да се проживее покрај него неколку месеци, за да се научи човек да ја разбира длабочината на неговиот внатрешен духовен свет, не соблазнувајќи се од чудните постапки на јуродивиот. Во него имало сила, пред која сите се преклонуваат и сега – сила на молитва и љубов.

Денес, во денот на неговиот спомен, пред нас се избрани приказни од животот на старец Гавриил, исполните со љубов кои ќе нè натераат да се насмееме, и нè оставаат без сомнеж: ни за миг, старец Гавриил не ги напушта верните и продолжува и понатаму, на својот оригинален начин, да радува и утешува во нашите бурни времиња.

Сестрите Ната и Манана се сеќаваат, како еднаш го сретнале старец Гавриил во градот, многу се израдувале и сакале да земат од него благослов. Но, бидејќи било дождливо, пред нив имало бара, и можеле да направат само благ поклон, наведнувајќи ги главите долу. Не успеале ни да се свестат, кога отец Гаврил се пласнал во барата и почнал да бара благослов од сестрите. Сестрите немале избор, освен да го следат неговиот пример. Благословувајќи ги во барата, тој им намигнал: „Еден-нула“.

* * *

Во него имало толкава љубов кон Бога и ближните, што него, осветен од благодатта на Светиот Дух, не можела да го исплаши и да му се спротивстави никоја сила. Голема потврда за тоа е една случка, кога на првомајските демонстрации тој го запалил портретот на „советскиот лидер“. После тоа, тој бил подложен на многу измачувања, но сепак не престанувал да се обидува да го запали жарчето на верата, надежта и љубовта во срцата на луѓето.

Еднаш, тој седел на проспектот Руставели во Тбилиси, покрај него стоеле икони, а во рацете држел крст. Тој проповедал смело и гласно. Полицајците неколку пати му рекле да престане со проповедта, но тој се правел како да не слуша. Ништо не помагало, го зеле во количката од мотоциклот и тргнале во полициската станица. Отец Гавриил ја искористил приликата, станал во полн раст во количката и по патот почнал да вика: „Сакајте го нашиот Господ Исус Христос! Љубете го животворниот крст!“ Додека моторот возел, расото на старец Гавриил се веело како знаме… „Што правите?!“ – гневно го прашале полицајците. „Па вие ми направивте прошетка низ градот“ – одговорил светителот. Тие го застанале моторот и рекле: „Излегувај, те молам!“

***

Неговиот пророчки дар, секогаш бил придружуван со чудни постапки, не сосема јасни и со смешни рецитативи. Едно духовно чедо на старец Гавриил, Кетеван Бекаури се сеќава: „До доаѓањето на монахињата Параскева во манастирот, старец Гаврил ќе излезеше и шеговито ќе речеше: „Ах, остарев јас… Остарев… Речиси сум како Робинзон Крусо. Ми треба една Петка… Петка ми треба!“ А Петка, на грузиски – е Параскева. Поминаа неколку недели, и во манастирот дојде искушеничка Серафима, која наскоро ја пострижаа со името Параскева. Таква беше неговата прозорливост“.

***

Многумина не ги разбираа неговите чудни постапки, но после години, сфаќаа со каков човек се сретнале. Тој имал своеобразен пристап кон сè. Монахињата Параскева се сеќава: „Еднаш, кај старецот дошле од Тбилиси две жени. Откако поседиле, жените побарале да им дозволи да запалат цигара, и тој, како ништо да не се случило, им дозволил. Жените спокојно си запалиле цигари, кога одненадеж, кон келијата се приближила една монахиња, ја прочитала молитвата и побарала дозвола да влезе. Жените се збуниле, се усрамиле, и запалените цигари му ги дале во рацете на старецот. И така, тој седи со две запалени цигари во своите раци, и со две жени. Кога монахињата ја видела таа сцена, се заикала од изненадување, и прашала: „Што? Како? Вие? Како така? Отец Гавриил, зарем вие пушите?“ Жените поцрвениле, не успеале да кажат ни збор, а отецот, подигнувајќи ги веѓите, погледнал на монахињата и рекол: „Да, а што? Кога сакам, со десната рака пушам, а кога сакам, со левата. Што има тука толку чудно?!“ Монахињата се извинила и избегала од келијата. Сфаќајќи што се случило, тие жени престанале да пушат!

***

А кога се смеевме, старец Гавриил ни се приближи и рече: „Што сте се раскикотиле без мене, како да сте добиле виза за Царството Небесно?“ Тој зборуваше, а нашата насмевка се исполни со умиление.

Благодатна насмевка ја нарекуваа насмевката на старец Гавриил неговите духовни чеда. Зашто и навистина, во секоја негова насмевка, во секој негов збор, присуствуваше спасителната сила на неговите дела. Кетеван Бекаури се сеќава: „Почина дедо ми. Во Грузија има обичај: кога човекот си заминува од животот, неговите работи ги подаруваат на луѓето. Така, ние раздадовме сè, но остана само едно совршено ново шамивче. Тоа беше толку убаво, што јас сакав да му го подарам на отец Гавриил. Сакав, но не се усмелував. Ми беше неудобно. „Како да се осмелам? Како на толку набожен старец да му подарам обично шамивче за нос?!“ – си помислив и решив да не му го подарувам. И после неколку недели, дојдов јас во манастирот Самтавро и го гледам старецот, потпрен на оградата од скалите и гласно ги произнесе следниве зборови: „Дојдете сите! Сакам да ви раскажам еден многу интересен настан!“ Сите се приближија, и јас, секако се приближив. Старецот се исправи и почна да раскажува: „Знаете, јас имам огромен актерски талант. Во младоста настапував во театар. Ја исполував улогата на Отело! Отело!“ и наеднаш, ми се приближи и со пеење ми рече: „Дездемона, Дездемона, каде ми е марамата, каде?!“ Сите се насмеаја, а јас се скаменив и веднаш сфатив за што станува збор! Ми стана јасно, дека тој ги читаше човечките мисли!“

(продолжува)

Извор: http://www.pravoslavie.ru