Архиереј – јеромонах Атанасиј Трајковски

            Завршувајќи ја Својата сеспасителна мисија на земјата, засекогаш ослободувајќи го човечкиот род од робувањето на гревот, смртта и ѓаволот, Воскреснувајќи од мртвите, за да ни покаже дека Он е патот, вистината и животот, и дека, освен Него не постои друг пат, друга вистина и друг живот, нашиот Спасител и Бог, Господ Исус Христос, за да не нè остави сираци и осамени овци во овој минлив свет, на денот Педесетница ни го испрати Утешителот, Духот на вистината, Кој излегува од Отецот (Јован 15, 26) и Кој нè упатува на секоја вистина. А како ни го испрати?  „Кога се навршија дните на Педесетница, сите апостоли беа заедно и еднодушни. И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив. И сите се исполлнија со Дух Свети…(Дела 2, 1-4)

            И од тој миг, па се до денес, Светиот Дух грижливо се чува единствено во единствената, неповторлива, вистинска света, апостолска православна Црква, во трлото Христово, каде што Господ Исус Христос е Пастир, Кој душата своја ја полага за овците Свои, Кој не го ограничи Светиот Дух само на апостолите, туку од нив го предаде на епископите, од епископите на свештениците и ѓаконите, за исполнети со Светиот Дух, облагодатени, очистени, просветлени, и обожени, секогаш да се угледуваат наНебесниот Архиереј и Добриот Пастир – Исус Христос, и секогаш кога ќе е потребно да ја положат душата своја, за своето стадо, за својот верен народ кој што Бог им го доверил да се грижат за него.
 Но, истовремено, да бидат и апостоли, просветители, подвижници, и ревнители за Единствената Вистина – Господ Исус Христос, и  секогаш кога ќе биде потребно да застанат во одбрана на Вистината, смело да ја разобличат секоја лага, секоја прелест и секоја ерес, која како крвожеден волк сака да влезе во трлото Христово за да ги разграби и распрсне овците. Доколку секој православен епископ, свештеник и ѓакон, не дадат се од себе, страшниот волк на лагата, прелеста и ереста да биде фатен и исфрлен од Трлото Христово – Светата Православна Црква, тогаш тој согласно со зборовите Господови е „наемник кој не е пастир и кому овците не се негови, и виде ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и распрснува овците“ (Јован 10, 12).
Но за жал, во нашите помрачени времиња и во рамките на Православната Црква се појавија поединци кои на лажното еретичко учење гледаат поинаку од Спасителот. Овие модерни наемници и отстапници од Православието, и проповедници на новата ерес наречена екуменизам, слободно и отворено проповедаат лага, прелест и богохулна ерес, сакајќи Православната Црква, која што е Тело Христово, Единствена Арка на спасението, да ја претворат во една обична световна организација која на се ќе личи, само не на Црква. Тие заедно со нивните браќа во ерес – паписти, протестанти, муслимани, евреи, масони и др., преку лажно смирение и лажна љубов која што е блуд, хулат на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, признавајќи дека таа е „поделена на гранки“, и преку нивно обединување повторно ќе ја „пронајдеме“ едната, неделива и вистинска Црква Христова. Затоа екуменизмот е еклисиолошка ерес.
Св. Серафим Платински (Роуз) нè предупредува: „Денес целта на непријателот на човечкиот род не е само да ги одели верните од патот на спасението по кој ги води Црквата Христова, туку да создаде сопствена „Црква Христова“( на лажен и фалсификуван Христос)… и да го претвори самото Тело Христово во една „екуменска“ организација, за на тој начин да го подготви доаѓањето на својот изабраник – Антихристот…“ Накратко кажано, екуменизмот е религија на антихристот.
Екуменизмот не е нешто ново. Веќе неколку децении оваа лута ерес како чума се шири внатре во самата Православна Црква, од која пред се, боледуваат многу патријарси, архиепископи, митрополити, епископи, но и свештеници, ѓакони, монаси и мирјани, кои  секојдневно се трудат со нивната болест да заразат колку што е можно повеќе членови на Црквата. Под велот „дијалог на љубовта“, тие заедно со другите еретици се собираат на разни конференции, богословски дијалози, кои секогаш се пропратени со заеднички „молитви“, тие меѓусебе се нарекуваат „браќа“ и отворено проповедаат дека постојат и други цркви, и на тој начин, го нарушуваат Символот на верата, кој засекогаш е утврден на Седумте Вселенски Собори, кои за нас вистинските православни христијани се седум столбови на православната вера.Затоа, тие лукаво сакаат ереста и официјално да ја воведат преку Осмиот вселенски собор, или како што тие го нарекуваа „Велик и Свет Собор“ чии што одлуки треба да бидат општоважечки и општоприфатени од сите православни христијани. На тој разбојнички и наемнички собор тие отворено ги повикаа и своите „браќа“ еретици: паписти, протестанти и др., свесно воведувајќи ги волците внатре во Трлото Христово.
А за да бидат нештата уште покомплицирани и јавно да се покаже насоката на екуменистите и нивниот „Собор“, во наше време се случува една „историјска средба“ помеѓу Неговата Светост Патријархот Московски и на цела Русија Кирил со римскиот папа Франциско, во комунистичка Куба. Оваа средба официјално се нарекува како средба помеѓу „главите на Римо-Католичката и Руската Православна Црква на островот на Слободата“. Во официјалното соопштение на Московската Патријаршија, постојано се спомнуваат „две Цркви“, мислејќи на Римо-Католичката и на Руската Православна Црква. Интересно. Веќе две илјади години знаеме за Една Црква, но ете според екуменистите имало повеќе… А тоа значи, дека, има и повеќе Христоси… Ужасно и тажно!
Но, искрено се надеваме, дека, оваа средба навистина ќе биде историјска. Искрено се надеваме, дека, поводот за оваа средба е јавното покајание на римскиот папа, неговото отфрлање на папистичката ерес и неговото официјално враќање во лоното на Вистинската Православна Црква Христова, а заедно со него, и враќањето на многуте народи кои што се надвор од неа.  Искрено се надеваме, дека „Римскиот“ Папа го слушнал гласот на неговата совест, и ја согледал опасноста од неговата ерес, јасно ја согледал погибелта од стоењето надвор од новозаветната Арка на Ное – Православната Црква, и свесен за гневот Божји, како ниневјаните ита кон покајание. Помогни им Господи, на 12 февруари, Патријархот Кирил искрено да се покае и откаже од екуменизмот, а и Папата вистински и искрено да се покае и да ги прими Светите Тајни Крштение и Миропомазание, а потоа, ако Патријархот се увери во неговата подготвеност, да ја прими и Светата Тајна Свештенство. А наместо потпишување на заедничка Декларација, Патријархот Московски да го потпише крштелниот извод, а новоракоположениот Епископ Римски православното архиерејско исповедање на верата, како што е обичај во Црквата Христова. И тогаш Патријархот ќе биде вистински Архиереј и Пастир, вистински следбеник Христов и Апостол на 21 век! И тогаш, навистина сите ние вистинските христијани, од Исток и од Запад, радосно ќе воскликнеме, и ќе Му вознесеме славословие на Бога и оваа среба ќе ја прогласиме за историјска и спасоносна, а доколку не дојде до ова, ќе биде уште една жална, трагична и душепогубна.
 
На 28 Јануари, 2016 г., кога Светата Црква Го празнува споменот на Преп. Ефрем Сирин и Преп. Исаак Сирин.
Иеромонах Атанасиј (Трајковски), Свјато-Илинска пустина, Кожув, Македонија.