Во спомен на Руските новомаченици

„Пак се приближи часот за помен, ве гледам, ве слушам, ве чувствувам вас…“

– овие зборови од ахматовскиот „Реквием“ денеска, во денот кога ги празнуваме сите Новомаченици и Исповедници Руски, некако посебно ја трогнуваат душата. Во спомените ми испливуваат гласовите, лицата на луѓето, со кои јас, како член на епархијалната комисија за канонизација на светиите, имав можност да се сретнам и да разговарам за тоа страшно време, кога за малечок граден крст можело да бидеш лишен од кариерата, слободата, а некогаш и од самиот живот… За неколку години работа, пред нашата комисија се појавија стотици исповеднички судбини – многу од нив, веќе се нарекуваат житија. Но, во нашата архива има и многу такви животни истории, кои засега не може да се испратат во Синодалната комисија, најчесто поради недостаток од сведоштва за подвижникот, но кои исто така зборуваат за христијанскиот подвиг на вера и верност. Тие малечки истории, кои моментално се наоѓаат под покривало, не ни се помалку драги од житијата на веќе прославените светители.

konstantin shipunov

«За мене, Господ е над сè»

Магдалена Даниловна Качалкова, жител на Екатеринбург, била духовно чедо на отец Константин (Шипунов) – познат старец, од средината на минатиот век. Комисијата се занимаваше со збирање на сведоштва за тој уралски подвижник, и ние ги испрашувавме сите кои беа блиски со него. Со љубов спомнувајќи си за духовниот отец, Магдалина неволно ни раскажа и за својот подвиг. Ние го запишавме нејзиниот расказ:
„… Тоа беше во 1967 година. Мојот помлад син Саша учеше во четврто одделение. Ние живеевме во нова куќа, јас само што се вработив во фабрика за волна. И еднаш, дојде кај нас дома учителката на мојот син и рече, дека до неа дошле гласини, дека јас наводно ги носам децата во црква. Јас не одреков. Тогаш учителката се обрати кон Саша со ласкави зборови: „Сашенка, кога мајка ти ќе те вика да одиш во црква, ти трчај кај мене. Јас ќе ви дадам со Андреј (нејзиниот син) пари, и ќе одите во кино. Тебе нели, не ти се допаѓа во црква? Таму мириса на темјан, има само баби, има многу тежок воздух. Не ти се допаѓа, нели, Сашенка?“ А тој толку сериозно, спокојно ѝ одговори: „Не, мене ми се допаѓа в црква“. Тогаш таа, како лавица му се нафрли: „А што има да ти се допадне таму?!“ Тој пак сериозно и спокојно одговори: „И јас не знам, но нешто в црква ми се допаѓа“. Учителката тогаш замолчи, се стиши. Таа мислеше дека јас присилно ги водам децата во црква. Заминувајќи, ми рече: „Тогаш, ќе дојдам кај вас на работа и сите ќе ги постројам“.
Неодамна, пред тоа, со мене се случи и друга историја: ми дадоа картичка „Работник на комтрудот“ (почесна титула за вреден работник), а после неколку дена ме повика кај себе секретарот на партијата и почна да ме прашува, каде е уверението кое ми го дале. Јас му реков: „Му го дадов на синот. Му се допаднаа кориците, и од нив тој си направи нотес: средината ја скина, и си стави чисти листови“. Секретарот како да се сруши на мене: „Таму Ленин беше! Каде ги исфрли синот? Можеби, ги изгори?!“ Јас реков: „Не знам, каде ги исфрлил“. Токму до тој секретар дојде жалбата за мене, дека децата ги носам во црква.
И започнаа моите митарства. Мене почнаа да ме повикуваат во „Црвената канцеларија“, а таму началниците ќе се собереа и ме прашуваа. Надзорникот на фабриката, жена, ќе ми поставечше прашање: „Во кој Бог вие верувате?“ Јас: „Во Бог, Кој создал сè“. Таа повторуваше: „Кој создал сè? Ете, да речеме, вас не може да ве преубедиме. Но, барем децата воспитувајте ги во духот на комунизмот“. Јас одговорив: „Јас за децата тагувам повеќе, отколку за мене, за тие да бидат со Бога“. Ми рекоа: „Ќе ви ги земеме правата на мајчинство“. Јас одговорив: „Ако е таква волјата Божја, можете тоа да го направите“. Тие ме отпуштија, но утрото одржаа предавање: „Жената и религијата“. Јас не останав на предавањето, за што потоа пак ме караа. Уште долго ме носеа по собранија, долго ме притискиаа, и во весникот „Камвољшчик“ пишуваа за мене, и дома ми доаѓаа. Еднаш, само што започна смената – повторно по мене дојдоа. Јас дојдов, а тие многумина се собрале, началници во „Црвената канцеларија“. И пак почнаа да ме испрашуваат. А јас се сетив, како еднаш отецот (отец Константин) ми рече: „Ќе работиш во таква организација, каде што има многу народ. Ќе те прашуваат дали веруваш во Бога. И ти задолжително кажи: „Верувам“. Ако кажеш: „Не, не верувам“, ќе отидеш во пеколот, во вечниот оган, и вечно ќе гориш“. Се сетив на тоа и им реков на началниците: „Не губете си го времето на мене. Јас тука стојам, а таму машините стојат, и заради мене и другите работници заостануваат. За мене, Господ е над сè, и што сакате зборувајте, бесполезно ќе биде. И ве молам, повеќе да не ме вознемирувате со тоа прашање„. Од тогаш, интересот на началниците кон мене почна да се намалува, и наскоро ме оставија на мира“.

martyr-580x386

„Дојде време за избор“

Свештеникот Евгениј Коливанов исто така беше духовно чедо на старец Константин (Шипунов). Неговата бескомпромисност во прашањата на верата го чинела светска кариера, но тоа завршило промислително – подоцна тој примил свештенички чин. За судбината на о. Евгениј, ни раскажа неговата сопруга, матушка Марија.

Во 1952 година, Евгениј Василевич Коливанов во Свердловска завршил правен факултет, и бил испратен како народен судија во Пермската област, Кунгурски реон. Семејството на Евгениј било религиозно, но подалечните луѓе не го знаеле тоа. На работа, отпрвин сè се одвивало среќно, на младиот специјалист дури му ветиле унапредување и му предложиле да стапи во партијата. Евгениј го нападнале сомнежи: како да постапи? Ако се откаже – ќе ја загуби кариерата. Да се согласи – е невозможно за човек верник. Многу се грижела за Евгениј мајка му, Ана Атанасјевна, и и двајцата барале добар совет. Се обратиле кај разни свештеници, но тие одбегнувале директен одговор, плашејќи се да не бидат кажани. Наскоро, Господ му помогнал: некој и раскажал на Ана Атанасјевна за старец Константин (Шипунов).

Евгениј заминал во Свердловск. Го нашол отец Константин, му ги кажал своите проблеми и слушнал многу сериозен одговор: „Дојде време на избор: или ќе го избереш Бога, и значи, ќе се откажеш од партијата, или ќе станеш комуниста, то ест, отстапник од Христа“. Евгениј олеснително воздивнал. Тој го чул тоа што го сакала неговата душа. Зборовите на старецот ја зацврстиле неговата сила.
Наскоро, во семејството на Евгениј се родила втората ќерка, и требало да ја крстат. Заминале во далечно село, каде што никој не го познавал семејството, се договориле со свештеникот и го крстиле девојчето. Но, жената која читала во тој храм, за несреќа, била цивилен соработник на „органите“, затоа фактот за крштевањето многу брзо се расчул на работа кај младиот судија. За тоа, дека доаѓа време на маки, Евгениј бил предупреден од отец Константин. Еднаш, благословувајќи го на збогување, старецот му рекол: „Те чекаат маки. Животот може да се промени. Но, Бог ќе ти помогне“. После некое време, Евгениј бил повикан во кабинетот на партијата и го прашале, дали знае дека неговата мајка и жена го крстиле детето во некое село, и дали тоа го направиле со негова согласност.
– Да, – отворено одговорил Евгениј, – јас знаев за тоа, и бев согласен.
– Како? Зарем вие сте религиозен?!
– Јас, верник сум, – тврдо одговорил младиот судија.
Секако, после тоа Евгениј морало да чуе многу непријатни работи, и на крајот на седницата, решиле: религиозниот судија – да се отстрани. После два месеци, дошол главниот психијатар на областа, поразговарал со Евгениј на неконкретни теми и донел заклучок, дека според медицинските наоди тој не е соодветен за должноста која ја зазема.
Семејството се преселило во Свердловск, Евгениј се вработил во фабрика и продолжил да се црквува со семејството кај отец Константин. Еднаш, слушнал од старецот нејасни зборови, но кои му се запечатиле во спомените. Старецот го прашал: „Како е, твоите браќа пијат како и порано? Ти не пиј. Но, ќе дојде време – ќе пиеш, добро ќе пиеш!.. ќе пиеш, добро – ќе пиеш!..“ Кажувајќи го тоа, тој ги држел рацете подигнати како да пие од голем сад. Зборовите биле како загатка, но се чувствувало дека не се кажани туку-така.
Времето си врвело, и веќе после неколку години од блажената смрт на старецот Константин, во животот на Евгениј се случиле добри промени; него го повикал надлежниот архиереј и му предложил да прими свештенички чин. А после некое време, отец Евгениј, причестувајќи се од Чашата во олтарот, се сетил на таинствените зборови и сфатил, дека прозорливиот старец тогаш му дал скриен благослов за свештенство…

„Не можете да ме испратите таму, каде што го нема Бог!“

sjenica

Со схимонахињата Николаја (Галина Засипкина) се запознавме, кога собиравме сведоштва за прославувањето на схиигуменијата Магдалена (Досманова), претпоследната настојателка на екатеринбургскиот Ново-Тихвински женски манастир. Схимонахињата Николаја беше нејзино духовно чедо. Во свое време, матушка Магдалена ѝ претскажала на Галина, дека таа – е единствена од нејзините чеда, кое ќе доживее до возродувањето на Ново-Тихвинскиот манастир (што така и се случило). Верувајќи на пророштвото, Галина не се плашела од ништо, а нејзнината бестрашност ги зачудувала дури и чекистите на испрашувањата…

Еднаш, доцна навечер, агентите од НКВД влегле во домот каде што живеела Галина, и каде таа вечер се криел отец Игнатиј (Кевролетин) (сега прославен како преподобноисповедник). Чекистите се обидувале да ја исплашат девојката, за да го предаде о. Игнатиј.
– А ако ве испратиме таму, каде што не летаат птици?
– Птиците не ми се ни потребни. Но, не можете да ме испратите таму, каде што го нема Бога.
– Во затвор ќе ве затвориме. Не се плашите?
– Повелете. А што да се плашам? Зарем таму не се затворени луѓе? И тие се луѓе. Ако ме уапсите, нема да ве обвинам. Зашто сè е по волјата Божја.
– Штета да погубиме ваква млада девојка.
– Во вашата функција нема место за жалост.
– Ќе одиш во црква?
– Ќе одам.
– И ќе примаш луѓе?
– Ако дојдат – ќе ги примам…
– И ќе им предаваш пратки на своите по затворите?
– Ќе им предавам. А и вас ако ве затворат, и кај вас ќе дојдам.
Таа вечер, чекистите така и не ја уапсиле Халина. И отец Игнатиј не го нашле…

***
Изгледа, дека ова се само мали епизоди од личниот живот. Но, токму од такви епизоди и се состои сиот наш живот, и за секој таков случај е кажано од Господ: „Секој, кој ќе Ме исповеда Мене пред луѓето, него и Јас ќе го исповедам пред Мојот Отец Небесен…“

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=wvEE8ZVdB-o[/youtube]

Наталија Сукова
Соработник во епархијалната комисија за канонизација на светиите (при Ново-Тихвинскиот женски монастир, Екатеринбург)