Црквата е Тело Христово – Светиот отец наш Јован Битолски, Шангајски и Сан–Франциски

И Он (Христос) е глава на Црквата,
која е Негово тело, полнота на Оној Кој исполнува сè во сè.

Неколкупати во Светото Писмо – Црквата е наречена Тело Христово. Сега се радувам во своите страдања за вас … за телото Негово, кое е Црквата, напишал за себе апостолот Павле. Апостолите, пророците, евангелистите, пастирите и учителите, кажува тој, дека најнапред дека се дадени од Христа за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело.
Во исто време во Тело и Крв Христови се преобразуваат лебот и виното на Божествената Литургија и верниците со нив се причестуваат. Така одредил Самиот Христос, Кој ги причестил Своите апостоли на Тајната Вечера, со зборовите: земете, јадете, ова е Моето тело; пијте од неа сите, зошто ова е Мојата крв на Новиот Завет.
А, како истовремено Тело Христово е Црквата и Светите Тајни? Дали верниците, кои самите се членови на Телото Христово – Црквата, исто така и причестници со Телото Христово преку Светата Тајна? – И во едната и во другата ситуација Телото Христово не се користи во преносна, но во буквална смисла на зборот. Ние веруваме дека Светите Тајни, задржувајќи го обликот на лебот и виното, се вистинско Тело и вистинска Крв Христови. Исто така, веруваме и исповедаме дека Христос е Син на живиот Бог, Кој дошол во светот да ги спаси грешните, постанал вистински човек и дека Неговата плот, која ја примил од Дева Марија била вистинска човечка плот, дека и по тело и по душа Христос бил вистински човек, во се сличен на останатите, освен во гревот, останувајќи во исто време вистински Бог. Божествената природа не се намалила и изменила кај Синот Божји ни при Неговото воплотување, како што ни тогаш не се променила човечката природа, туку во потполност ги задржала сите свои човечки особини. Непроменливо и неслеано, вечно, неразделиво и неразлично се соединиле во Едната Личност на Господа Исуса Христа – Божја и човечка.
Синот Божји се воплотил за луѓето да ги направи учесници во Божјата природа, за човекот, којшто паднал во гревот и смртта – да го ослободи од нив и да го направи бесмртен. Соединувајќи се со Христос, ние ја прифаќаме Божествената благодат, која ѝ дава на човечката природа сила за победа над гревот и смртта. Господ Исус Христос со Своето учење им го покажал на луѓето патот до победата над гревот и им подарил вечен живот, правејќи ги преку Своето Воскресение, учесници во Неговото вечно Царство. За да ја прифатат од Него таа Божествена благодат, неопходен е најблизок однос со Него. Ги привлекува сите кон Себе со Својата Божествена љубов и ги соединува со Себе, Господ меѓусебно ги соединува оние, кои Го возљубуваат и оние, кои Му приоѓаат, соединувајќи ги во Единствената Црква.
Црквата е единство во Христос, најтесно соединување на сите со Него, кои искрено веруваат во Него и Го сакаат и се соединуваат преку Него. Црквата е составена од нејзиниот земен и небесен дел.
Синот Божји дошол на земјата и се воплотил за да го вознесе човекот на небото, повторно да го направи жител на рајот, враќајќи му ја првобитната состојба на безгрешност и чистота, соединувајќи го со Себе. Тоа се случува со дејство на Божјата благодат, која се дава преку Црквата, но истата бара и напор од самиот човек. Бог го спасува Своето паднато создание со Својата љубов кон Неа, но неопходна е и љубовта од човекот кон својот Творец, без која тој не може да се спаси. Стремејќи се кон Бога и подражавајќи Го со својата смирена љубов, човечката душа добива сила, која ја очистува од гревовите и ја зајакнува во борбата против гревот до потполната победа. Во оваа борба учествува и телото, кое сега е пребивалиште и орудие на гревот, но е предодредено да биде орудие на вистината и сад на светоста.
Бог го создал човекот, вдахнувајќи му Божествен дух во одушевеното тело, кое предходно го создал. Телото требало да биде оружје на духот, потчинето на Бога, бидејќи преку тоа се манифестира човечкиот дух во матријалниот свет. Преку телото и неговите поединечни делови, духот ги открива своите особини и квалитети, кои Бог му ги подарил, како на Свој образ, поради што и телото, исто така, се нарекува манифестација на Божјиот образ, но и навистина – нашата убавина е создадена по слика Божја. Кога првосоздадените луѓе отпаднале со духот од својот Творец, телото, кое дотогаш било покорно на духот, преку душата ги примало неговите заповеди, но подоцна престанало да биде потчинето и тенденциозно почнало да владее над нив. Наместо Божјиот закон, во човекот започнал да владее законот на телото.
Гревот, бидејќи го одвоил човекот од Изворот на животот – Бога, го поделил, исто така, и самиот човек. Нарушена била заедницата на духот, душата и телото, и смртта навлегла во човекот. Душата, која не се напојувала со животни сокови, не можела да ги пренесе во телото, кое постанало распадливо, а душата почнала да венее.
Христос дошол на земјава за повторно да ја воспостави иконата и да ја врати во заедница со Оној, Чија слика е. Соединувајќи го со Себе, Бог го обновува човекот со изворната добрина, во сета негова полнота. Со давањето на благодатта и осветувањето на духот, Христос, исто така, ги прочистува, зајакнува, лекува и осветува – душата и телото.
А, кој се соединува со Господ, еден дух е со Него, а телото на еден човек, кој е соединет со Господ треба да биде Господово оружје, да служи во исполнувањето на Неговата волја и да стане дел од Христовото Тело. За потполно човеково осветување, телото на Божјиот слуга мора да биде соединето со Христовото Тело, а тоа се случува во Светата Тајна Причест. Вистинското Тело и вистинската Крв, Кои ги примаме нè прават дел од големото Тело Христово.
Се разбира, за заедница со Христос не е доволно само едноставно соединување на нашето тело со Христовото Тело. Примањето на Телото Христово станува благотворно кога со духот се стремиме кон Него и се соединуваме со Него. Примајќи го Телото Христово, а во исто време бегајќи со духот од Него – тоа е слично на контактот со Христос, на оние, кои Го биеле, кои Го навредувале и кои Го распнале. Нивниот допир со Него не им послужил за спасение и исцеление, туку за сопствена осуда. Но, оние, кои се причестуваат со побожност, љубов и подготвеност да Му служат, блиску се соединуваат со Него и стануваат оружје на Неговата Божествена волја. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него. Соединувајќи се со воскреснатиот Господ и преку Него, со целата Вечна Троица, човекот црпи моќ за вечен живот и самиот станува бесмртен. Како што Ме прати живиот Отец и Јас живееам преку Отецот, така и тој што јаде од Мене, ќе живее преку Мене.
Сите, кои веруваат во Христос и се соединуваат во Него, Му се предаваат и ја примаат Божјата благодат, заедно ја формираат Христовата Црква, чија Глава е Самиот Христос, а тие, коишто влегуваат во Неа се нејзини членови. Христос, невидлив е за телесните очи, но јасно се покажал Себеси на земјата, видливо преку Својата Црква, како што невидливиот човеков дух се покажува преку своето тело. Црквата е Тело Христово и затоа што нејзините членови се соединети во Христос преку Неговата Божествена Тајна, но и затоа што преку неа, Христос делува во овој свет.
Ние се причестуваме со Телото и Крвта Христови, во Светите Тајни, така за да можеме да бидеме членови на Христовото Тело – Црквата. Тоа не се постигнува веднаш. Потполното постоење во Црквата веќе е состојба на победа над гревот и потполно очистување од него. Сè што е грешно нè отуѓува од Црквата до некој степен и нè држи надвор од Црквата. Поради ова, во молитвата, којашто се чита над секој покајник при исповед, ние слушаме: измири го и соедини го во Твојата Света Црква. Христијанинот преку покајанието се очистува и тесно се соединува со Христа во причестувањето со Светите Тајни, меѓутоа покасно повторно паѓа во прашината на гревот и се отуѓува од Христа и Црквата, поради што пак повторно се неопходни покајанието и причестувањето.
Додека човековиот живот не го заврши својот земен пат, до самото одвојување на душата од телото, продолжува борбата помеѓу гревот и праведноста во човекот. Колку и некој да се здобил со висока морална и духовна состојба, постепениот или дури и стромоглав и длабок пад во бездната на гревот е вечна можност. Затоа за секој е неопходно е причестувањето со светите Тело и Крв Христови, а со тоа се зајакнува нашата заедница со Него и истата нè освежува со животворните и благодатните струи на Светиот Дух, кои течат преку Телото на Црквата – неопходни за секој. Колку е важно причестувањето со Светите Тајни ни покажува житието на преп. Онуфриј Велики, на кого, како и на другите пустиници, кои живееле во таа пустина, ангелите му носеле Света Причест; и во житието на преп. Марија Египетска, чијашто последна желба ѝ била да се причести со Светите Тајни после толку многу години поминати во пустината. Постојат слични примери во житијата на св. Севатиј Соловецкиј и во многу други. Господ залудно не рекол: Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете Телото на Синот Човечки и не ја пиете Крвта Негова, не ќе имате живот во себе.
Причестувањето со Телото и Крвта Христови е примање во себе на воскреснатиот Христос, Победникот на смртта, Кој им дарува на оние кои се со Него победа на гревот и смртта. Со одржувањето во себе на благодатниот дар – Причеста, имаме залог и почеток на блажениот, вечен живот на душата и телото. До самиот Христов ден, Неговото Второ доаѓање и суд на целиот свет, борбата против гревот со праведноста ќе продолжи поединечно во секоја личност, а и заедно во целото човештво.
Земната Црква ги соединува сите оние, кои преку Крштението се повторно родени, кои го носат својот крст во борба со гревот, која се крунисува од Оној што го насочил на тој подвиг – Христос. Божествената Евхаристија, принесувањето на бескрвна жртва и нејзиното примање ги осветува и зајачнува своите причестници и ги прави оние, кои ги примаат Телото и Крвта Христови – вистински членови на Неговото Тело – Црквата. Но, само со смртта се одредува – дали човекот останал вистински член на Телото Христово до своето последно издивнување, или гревот триумфирал и ја истерал благодатта, која тој ја примил во Светите Тајни и која го поврзувала со Христос. Оној, кој како член на земната Црква се упокоил во благодат, преоѓа од земната во небесната Црква, а оној, кој отпаднал од земната Црква – нема да влезе ни во небесната, бидејќи Црквата во овој свет е пат кон небесната.
Колку што повеќе човекот е под влијание на благодатта на Причеста и колку што е поблиску соединет со Христос, толку повеќе ќе се насладува во заедничарењето со Него во Неговото идно Царство.
Важно е да учествуваме во Христовите Тајни непосредно пред смртта, кога подвигот на човекот се возвишува за на век. Неопходно е да се потрудиме тие да се примат непосредно пред смртта, ако постои дури и најмала можност за тоа, да Му се молиме на Господ да нè удостои со тоа и да ги потсетуваме и другите, за да не бидат лишени од Причест пред крајот на животот. Затоа што гревот во човековата душа продолжува да дејствува до неговата смрт и човековото тело е изложено на неговите последици, носејќи го во себе семето на болестите и смртта, од кои ќе се ослободи само кога ќе се распадне по смртта, а конечно во сеопштото Воскресение. Оној, кој во овој живот се соединува со духот и телото со Христос ќе биде со Него во дух и тело во животот, којшто доаѓа. Благодатните зраци на животворните Тајни – Телото и Крвта Христови се извор на нашата вечна радост во заедница со воскреснатиот Христос и сведоци на Неговата слава.
Истите последици на гревот, кој сè уште не е конечно протеран од човечкиот род, делувајќи не само на поединци, се манифестираат преку нив и врз земните активности на делови од Црквата. Постојано се појавуваат ереси, расколи, кавги, кои одвојуваат дел од верниците. Недоразбирањето помеѓу Помесните Цркви или нивните делови од дамнина ја загрижувало Црквата и постојано во богослужението се слушаат молитви, кои бараат тоа да се прекине.
Ги молам Црквите за единство, за Црковно единство; Стоп за поделбите во Црквата, и преку слични молитви во текот на вековите – сугерира Православната Црква. Дури и на Велик петок, пред плаштаницата, Црквата воскликнува: Пренепорочна, Чиста Дево, Која Животот Го роди, воздржи нè од црковни соблазни и мир дај ни како добро. Дури кога Христос ќе се појави на облаците, уништен ќе биде искушувачот и ќе изчезнат сите соблазни и искушенија. Тогаш ќе се стави крај на борбата помеѓу доброто и злото, помеѓу животот и смртта, и земната Црква ќе се прелее во победничката Црква, во која ќе биде Бог сè во сè.
Во идното Христово Царство веќе нема да има потреба за причестување со Телото и Крвта Христови, бидејќи сите, кои се достојни ќе бидат во најблиско општење со Него и ќе се насладуваат со Светлината на вечната Животворна Троица, чувствувајќи блаженство, кое не може да се искаже со зборови, ниту да се сфати со нашиот слаб ум. Затоа по причестувањето со Светите Христови Тајни, по Литургијата, во олтарот постојано се кажува молитвата, која се пее во воскресните дни: О, Христе, Пасха велика и најсветла! О, Мудрост и Божјо Слово и Сило! Удостој нè уште подостојно да се причестуваме со Тебе во невечерните дни во Твоето Царство.

Извори:
http://www.pravoslavni-odgovor.com/Crkva_Hristova/Crkva_Telo_Hristovo.htm
http://www.svetosavlje.org/biblioteka/Besede/Besede_Jovana_Sangajskog_bogoslovlje.htm#03

Превел:
Петар М. Петковски,
студент на теологија во III година при ПБФ „Свети Климент Охридски“ – Скопје