Сеноќно бдение во пречек на Новата Година во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Битола

На 31.12.2014 г, во пречек на Новата Година, митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи сеноќно бдение во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Битола.
Во беседата, владиката ги поздрави верниците со празнична беседа, раскажувајќи им го житието на св. Бонифатиј, како голем пример за покајание и преумување.

Мачеништвото за Христа од грешникот прави светител. Тоа го покажува примерот на Свети Бонифатиј. Тој најпрво ѝ беше слуга на некоја богата и развратна жена во Рим, Аглаида, со којашто имаше нечиста и незаконска врска. Обајцата беа незнабожци. Еднаш Аглаида посака да има во куќата маченички мошти и да ги чува како амајлија што штити од зло. Затоа го прати својот слуга во Азија, за да најде и да ѝ купи мошти. Бонифатиј зеде со себе неколкумина робови и доста богатство, а при разделбата ѝ рече на својата господарка: „А ако не можам да најдам никаков маченик и ако ти го донесат моето тело, госпоѓо, пострадано за Христа, ќе го примиш ли со чест?“ Аглаида се насмеа и го нарече пијаница и грешник. Така се разделија. Кога дојде во градот Тарс Бонифатиј виде мнозина христијани на маки: едни со отсечени нозе, други без раце, трети избодени, четврти на бесилки итн. Нему му се измени срцето, се покаја за својот грешен живот и заплака. И сред христијанските маченици возвикна: „И јас сум христијанин!“ Судијата го подложи на маки, нареди и грозно го биеја, потоа му истурија врело олово во устата и бидејќи тоа не го повреди – му ја отсекоа главата со меч. Робовите го зедоа неговото тело и го однесоа во Рим. Ангел Божји ѝ се јави на Аглаида и ѝ рече: „Прими го оној што некогаш ти беше слуга, а сега ни е брат и сослужител; тој ти е чувар на душата и заштитник на животот“. Ужасната, Аглаида излезе во пресрет, го прими телото на Бонифатиј, му изгради црква и во неа ги положи моштите на маченикот. Таа потоа се покаја, им го раздаде сиот свој имот на бедните, а самата се повлече од светот и поживеа уште петнаесет години во горко покајание. Свети Бонифатиј пострада во 290 година.
Започнувајќи од св. апостол Павле, па св. Марија Египетска, и овие двајца светители Бонифатиј и Аглаида, сведоци сме на чудесното преобразување што може да се случи со човекот кога ќе го допре благодатта Божја. Борбата е долга, патот е трнлив, и малку се оние кои зачекоруваат во пустината на срцето, оддалечувајќи се од бурното море на секојдневните новогодишни еуфории. Но, ако човекот посака да оди по патот Христов, и го докаже тоа со труд според силите, благодатта Божја може да го направи нов светилник и духовен столб на кој мнозина и денеска ќе се потпираат.
Зашто, како што вели ап. Павле: „со благодатта на Бога сум тоа што сум, и Неговата благодат, која е во мене, не остана празна, но повеќе се потрудив од сите нив; само не јас, туку Божјата благодат, која е со мене“. (1 Кор. 15, 10)

Бог да ве благослови!

P1100637

P1100450

P1100475

P1100481

P1100495

P1100504

P1100513

P1100515

P1100519

P1100527

P1100546

P1100606

P1100598

P1100580

P1100575

P1100549

P1100548

P1100466

P1100614

P1100616

P1100617

P1100621

P1100624

P1100642