Осветување на црквата „Св. Петка“ во Кавадарци

Градењето на нови Божји храмови, македонскиот православен народ отсекогаш го разбирал како градење на својот национален идентитет и на својата совесна христијанска личност. Македонецот уредно се грижи за зачувување на наследеното, но и за преземање нови творечки потфати во слава на едниот вистински и жив Бог.

Преку изградбата на нашите духовни светилишта добронамерните ктитори и градители, преку делата на своите раце, со својот труд и посветеност се вградуваат и себеси како живи камења во Светата Црква Христова.

Осветување на новоизграден храм е торжество кое ја радува секоја христијанска душа, го радува секое православно битие, и го утврдува и унапредува православниот поредок. Доколку, пак, во изградбата на православниот храм се вградат и мирјани, подеднакво со црковните лица, со својот личен подвиг и пример, дотолку е поголема радоста за Мајката Црква, бидејќи тие, од тој момент, широко ги отвориле портите на своите срца за да може Христос во нив да се всели и да биде вечен патеводител во нивниот живот, во кој ќе успее да изроди уште многу добродетелства.

Таква црковна симбиоза и такво заедничарење, таков ревносен пример за свештенодејствувањето, како епархија, имавме последниве години во градот Кавадарци. Таму целиот град, предводен од неколку ктитори: Фени индустри, Кожувчанка, Општина Кавадарци и Градба промет, а под духовно водство на Митрополитот Агатангел, успеа да се обедини околу една цел, изградба на импозантен и велелепен храм кој ќе биде духовен и естетски симбол на Кавадарци.

Кавадарчани, предводени од овие ктитори, неуморно и бескомпромисно пристапија кон остварување на оваа цел, па така, можеме да кажеме дека во релативно краток временски период од само пет години, успеаа и да ја остварат зададената цел.

Па така на 18. 10. 2015 година, исполнети со духовна радост, во присуство на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, надлежниот Митрополит Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, како и бројно свештенство и монаштво на Повардарската епархија и на целата Света Македонска црква, се изврши осветувањето на храмот „Света преподобна Параскева“ во Кавадарци.

Торжествувањето започна ден претходно, кога Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи вечерна богослужба. Следниот ден, веднаш по пречекот на Неговото Блаженство и Митрополитите, започна чинот на осветување на храмот, кое покрај многубројните кавадарчани, молитвено го проследија и Претседателот на Република Македонија, г-дин Ѓорѓе Иванов, министерот за финансии и вицепремиер, г-дин Зоран Ставревски, министерката за култура, г-ѓа Елизабета Канчевска Милевска и претседателката на Комисијата за верски односи, г-ѓа Валентина Божиновска.

По осветувањето на црквата, со одлука на Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква Охридска Архиепископија, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ги додели следниве црковни одличија:

Орден од прв ред на Македонската православна црква за г. Константинос Даскалакис, генерален менаџер на Фени Индустри, за  големата поддршка во изградбата на овој храм;

Орден од прв ред на Македонската православна црква за г. Митко Јанчев, генерален менаџер на Кожувчанка, кој беше и претседател на иницијативниот одбор во изградбата на црквата, за  исто така големата поддршка во изградбата на овој храм;

Орден од втор ред на Македонската православна црква за Општина Кавадарци, предводена од градоначалникот Александар Панов, за  големата поддршка во изградбата на овој храм;

Орден од втор ред на Македонската православна црква за г. Никола Наумов, генерален менаџер на ГП Градба Промет, изведувач на градежните работи, исто така за големата поддршка во изградбата на овој храм;

Орден од трет ред на Македонската православна црква за компанијата Кав Комерц од Кавадарци, за  големата поддршка во изградбата на овој храм;

Орден од трет ред на Македонската православна црква за ЈП Комуналец од Кавадарци, за големата поддршка во изградбата на овој храм;

и Орден од трет ред на Македонската православна црква за г. Трајче Ристовски – Зуко, за големата поддршка во изградбата на овој храм;

Покрај одличјата на Светиот Синод на Македонската православна црква, црковни одличија додели и Повардарската епархија, односно Митрополитот Агатангел и тоа ордени за црковни заслуги за фирмите: ДОО Кожувчанка, Метал Апостолов, Бадев, ЦМЦ Екокон, Слога – пром, Хотел Фени, Трасер, Урбан Инвест, сите од Кавадарци, како и за г-дин Константинос Даскалакис, г-дин Димо Голчев и архитектот на оваа прекрасна црква, г-дин Трајче Грков.

Инаку црквата според архитектонската форма преставува граден крст во правоалогно пространство, градена е од клесан камен во византиски стил, со четири помали куполи и една поголема централна купола. Од северната и јужната страна на црквата поставени се два параклиси посветени на Св. Јован Крстител и Св. Климент Охридски. Покрај црквата на нејзината југозападна страна е поставена камбанарија со придружен објект, помошни црковни простории.

Целиот комплекс на црквата е со зафатнина од 9000 м2, од кои околу две третини е облагородена зелена површина.

DSC_0003 DSC_0079 DSC_0343 DSC_0372 DSC_0386 DSC_0393 DSC_0424 DSC_0430 DSC_0444 DSC_0456 DSC_0486 DSC_0491 DSC_0520 DSC_0548 DSC_0564 DSC_0578 DSC_0614 DSC_0634 DSC_0646 DSC_0664 DSC_0687 DSC_0703 DSC_0707 DSC_0825 DSC_0884 DSC_0891

Осветувањето беше пренесувано во живо на Македонската телевизија.

Извор: http://www.povardarska-eparhija.org.mk

Повеќе фотографии тука