„Мартинка“ која секој мора да ја има

„Браќа, почнувајќи од утрото, преку целиот ден, а ако е возможно продолжете да повикувате и во текот на ноќта: „Господи Исусе Христе, помилуј ме”, и присилувајте го вашиот ум на ова дело постојано, до самата смрт!”
Свети Јован Златоуст

Наспроти традицијата со непознато потекло, во Март да се плетат мартинки за среќа, ви предложуваме проверени „мартинки“ со кои сигурно ќе си ја заработите среќата – Бројаници.

Со помош на бројаницата се кажува Исусовата молитва која се состои од следните зборови: „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот (грешната)!” На секое топче од бројаницата оваа молитва се изговара посебно. Целта на молитвата е да го соедини човекот со Бога и да го исполни човековото срце со светлината на божествената благодат.

Според преданието, имало еден монах што сакал да сплете волнена бројаница за да може да ги брои своите молитви, но ѓаволот постојано му ги расплетувал јазлите што тој ќе ги сплетел. Еднаш му се јавил ангел и го научил како да плете јазол што се состои од седум вплетени крста. Тоа е еден од најкомпликуваните јазли на светот. Таквата бројаница ѓаволот не можел да ја расплете.

Вообичаено, бројаницата е во црна боја, што упатува на потребата од непрестајно покајание. Се плете од овча волна, како сеќавање дека сме словесни овци на Добриот пастир Господ Христос, Кој Самиот како Јагне Божјо пострада за нас и нѐ избави од вечната смрт. Малите бројаници имаат по 33 јазли. Има и поголеми бројаници со 50, 100 или повеќе јазли.

Највообичаената молитва со која се молиме на бројаниците е т.н. Исусова молитва: „Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот (грешната)”, или во пократок облик: „Господи Исусе Христе, помилуј нѐ”.

Исусовата молитва е најважната молитва на секој православен христијанин. Според црковните правила, таа ги заменува сите други молитви. Ако често или непрестајно се повторува, таа во срцето внесува неискажлив мир и благодат.

Во зборовите на оваа молитва е содржана целата наша вера. Велејќи ‘Господи’, веруваме дека сме слуги Божји и дека Он е нашиот господар. Со тоа Му укажуваме почит на Христа Кого Го признавме за Господар, но со тоа уште повеќе ни се укажува чест нам, зашто сме слуги на таков Господар, Којшто е Бог. Велејќи ‘Исусе’, кое е човечкото име Божјо, се потсетуваме на севкупниот овоземен живот Христов – од Неговото раѓање до Неговото Вознесение. Кога велиме ‘Христе’, што Го означува помазаникот Божји, Царот на небото и на земјата, исповедаме и веруваме дека Христос е нашиот Бог, Кој сè создаде, Кој е на небото и Кој повторно ќе дојде за да му суди на светот. Говорејќи ‘помилуј ме’, Го преколнуваме Бога да ни ги испрати Својата помош и Своето милосрдие, зашто признаваме дека без Божествената помош не можеме да направиме ништо.

Оваа молитва може да се практикува на секое место, додека работиме, јадеме, седиме или се занимаваме со што и да е друго – без престанок. Светиот апостол Павле нѐ советува: „Молете се постојано“ (1 Сол. 5, 18). За секој православен христијанин најприродно е оваа молитва, со смирение и љубов кон Христа, што почесто да ја говори во себе гласно или тивко.

Молитвата може да биде упатена и кон Пресвета Богородица: „Пресвета Богородице, спаси нѐ!”, или пак: „Богородице Дево, радувај се, благодатна Марие, Господ е со Тебе; благословена Си Ти меѓу жените и благословен е плодот на Твојата утробазашто Го роди Спасителот на нашите души“; или кон светител, на пример: „Свети Никола, моли Го Бога за нас!”

Според својата суштина молитвата е меѓусебно општење и единство на човекот со Бога (свети Јован Синајски). Молејќи се и за нашите ближни, остваруваме вистинска љубовна личносна заедница со нив, која е благодатен дар Божји. Со молитвата го осмислуваме и целиот наш живот, било да се наоѓаме во страдање и тага, било во радост и утеха.

„Колку повеќе човек истрајува во молитвата толку повеќе ќе се очисти неговото срце, а неговиот ум ќе се просветли и ќе се подобри неговото расположение; дотолку повеќе Царството Божјо ќе ги распростре својата радост и своето присуство во внатрешноста на тој човек, којшто е образ Божји и заради кого Богочовекот Исус ги наткрили сите краеви на земјата со Својата добродетел, со Своите страдања и со Своето Воскресение“ – Старец Ефрем Филотејски.

[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=Z7_ADvXvWpA[/youtube]