Господ не води по животот – Старец Зосима Сокур

„Каде што има гордост – радост нема, само надменост“.

„Ако те напаѓа бесот на гневот, бегај во друга соба, во тоалет – смири се, расуди сè и врати се, смирено решавај ги сите проблеми. Ако настанала расправија, прва побарај прошка – победи го бесот“.

„Од лицемерието до лукавството, само еден чекор. А од лукавството до предавањето на Господа – исто така еден чекор, кој многу лесно се пречекорува“.

Чувајте го светиот крст

„Чувајте го светиот крст, никогаш не симнувајте го, секогаш бидете со светиот крст: и ноќе, и дење, и на пат, и на одмор, и во вода, и на суво. Излегувајќи од дома, осени се со крстот. Доаѓајќи дома – прекрсти се со крстот. Седнувајќи да јадеш – прочитај ја молитвата „Оче наш“, прекрсти се себеси и храната, за храната да биде пријатна, полезна и во радост на нашето тело“.

 

Оставете ја суетата – одете кон Господа

„Со љубов однесувајте се кон службите. Оставете ја суетата, одете кон Господа. Господ ги чека сите, оставете ги сите работи, одете кон Господа, тогаш ќе има радост. Во спротивно, нема радост“.

„Секој празник – е како ѕвездичка на црковниот небосвод. Ценете го, подготвувајте се за средбата, доживувајте го секој, како настан во животот! Затоа што, толку долго сме се подготвувале, чекале, а тој раз! – и веќе поминал. И готово! Веќе е во Вечноста! И ниту еден миг не може да се врати назад…“

Синодикот на вашиот живот

„Читате некое житие, или сте слушнале за некој старец, или за некоја старица ви раскажале нешто, – дај, ќе се молам за нив, зашто и тие ќе се молат за мене. И така, тој ваш постојан синодик – вашата книга на животот, кој не поминал залудно, а имено духовен живот – постојано ќе се пополнува“.

„Стоиш во храмот – спомни си за сите твои воспитувачи, учители, кои те учеле, лекари, сестри, кои во тешките мигови биле покрај вас, другари, познати. И така ќе летне службата – нема ни да забележиш… Минуваш покрај болница – помоли се за страдалниците, Господ да ги закрепи, утеши, за лекарите, Господ да ги вразуми да донесат правилна одлука. Минуваш покрај училиште, градинка – помоли се за децата, за нашата иднина, за учителите, Господ да им подари мудрост… Така и ќе имаш непрестајна молитва!“

Господ нè води по животот

„Господ нè води по животот – по нашите дела, по нашите заслуги. А живееме, за еднаш да се вратиме кон Бога, во Царството Небесно“.

„Зошто Господ нè создал? Да нè спаси или да нè погуби? Секако – да нè спаси! Никогаш не замислувајте си го Господа жесток, Кој казнува! Тој е ДОЛГОтрпелив и МНОГУмилостив!“

„Јас од никого не се плашам! – Само од Бога, и тоа, од Него не се плашам, туку Го сакам“.

„Од затвор и од вреќа никогаш не одрекувај се. Насекаде е Бог – и во затворите, и секаде каде се наоѓаме – насекаде е Бог. И со Бога, ништо во животот не е страшно, никогаш“.

„Од Бога, не од луѓето се испраќаат страдањата. На сè е волјата Божја, слава на Бога за сè! Спасителот сè трпел, светите угодници Оптински, Печерски. Свети Јован Златоуст велел: „За сè, фала Му на Бога“. И со тие зборови заминал во вечноста, подражавајќи му на Многустрадалниот Јов. Тој е жив и нам ни го укажува патот во Вечноста. Се појавила тешкотија – бакни го светиот крст, отвори ја книгата на праведниот Јов, читај“.

Нашата Православна Црква е чудо

 

„Какви сили и да се кренат против Црквата, верувајте, Црквата ништо нема да ја совлада. Ќе остане еден грст од нас, но тој грст ќе ги победи сите непријателски сили!“.

„Токму светата непорочна православна вера – е тоа најголемо чудо, за кое треба постојано да Му благодариме на Господа и да го цениме како најголема ризница. За верникот, ништо не е страшно“.

„Самиот наш живот – е чудо. Самата наша Православна Црква, која стои непоколебливо – е чудо. Секаде наоколу чуда – гледај со духовните очи, разбирај, зацврстувај се во верата и восхитувај се. Со нас е Бог! И никакви искушенија нема да ни бидат страшни, никогаш. Амин!“