За солзите – 1

Оној кој ја согледал својата гревовност, кој стекнал страв Божји и чувство на покајание и плач, може, со ревносна молитва, да испроси од Бога дар на солзи.

Така Ахса, ќерката на Халев, кога се мажела, добила како чеиз земја. Само што седнала на магарето и тргнала да оди во домот на својот маж, заплакала силно и жалејќи се почнала да го моли таткото, кон земјата што ја одредил да ја додаде и онаа другата, што изобилува со води. Таа му рече:Дај ми благослов,ми даде сува земја дај ми и водни извори.* Халев ја исполнил желбата на ќерката. Светите отци во лицето на Ахса ја гледаат душата, која како да е на магаре качена, седи носена од бесловесните страсти на плотта. Сувата земја е слика на делување под водство на стравот Божји, а тоа што Ахса со плач и лелек молела за изворите на вода, значи дека секој подвижник, во крајна потреба од солзи, задолжително мора со воздишки и со бол во срцето, да испроси дар на солзи од Бога.* При молитвата за дар на солзи, неопходен е и сопствен напор да се пролеат. Сопствениот напор и труд им претходат на солзите и ги следат. Трудот што им претходи на солзите се состои во благоразумното воздржување од јадење и пиење, во благоразумното бдение, во нестекнувањето, во одвлекувањето на вниманието од сето она што нè окружува и негово сосредоточување на самиот себе. Свети Јован Лествичник рекол во Словото за плачот:”Покајанието е доброволно себелишување од секаква телесна утеха.”* Свети Давид вака ја опишува состојбата на оној што плаче: Попарен сум како трева, срцето ми е исушено, така што заборавив и лебот свој да го јадам; од гласот на моите воздишки, коските ми се залепија за телото мое. Заприлегав на несит во пустина; станав како був во урнатини, не спиев, седев како самотна птица на покрив.*
Ако не умреме за светот, не можеме да стекнеме плач и солзи. Нив ги стекнуваме во онаа мера во која умираме за светот. Трудот при самиот плач и излевањето на солзите се состои во присилувањето на плач, во великодушното поднесување на сушата и бездождието, од кои е оптоварен понекогаш блажениот подвиг, но после кои трпеливиот подвижник секогаш се наградува со обилен излив на солзи. Како што земјата која долго чека да биде оросена, конечно добива изобилство дожд и наеднаш се прекрива со нежно бујно зеленило, така и срцето истоштено од духовна суша, а потоа оживеано од солзи, шири од себе мноштво духовни мисли и чувства, украсени со заедничкиот цвет на смирението. Подвигот на плачот, бидејќи неразделен од подвигот на молитва, ги бара истите оние услови на успех кои се потребни и за молитвата. На молитвата ì треба трпелив, постојан престој во неа. Истото тоа му треба и на плачот. Нејзе ì треба умор на телото, таа го изнемоштува телото. И плачот го изнемоштува, зашто за да се роди му треба напор и умор на телото. Се изморив воздивнувајќи – вели големиот подвижник на плачот – секоја ноќ го навлажувам леглото мое, со солзи свои ја натопувам постелата моја * Присилата и трудот треба да се во сразмерност со нашите телесни сили. Преподобниот Нил Сорски советува и препорачува плач и солзи. “Тоа е патот на покајание и неговиот плод – вели тој. Оној кој при секоја напаст што го затекнува и против секоја непријателска помисла, плаче пред благоста Божја, за Бог да му помогне, тој набрзо ќе стекне спокојство, само ако се моли според духовниот разум.”* Сепак и овој преподобен, советувајќи нè во подвигот да се раководиме според поуките од книгата на Свети Јован Лествичник и Свети Симеон Нов Богослов, предупредува, позајмувајќи го тоа од Свети Исаак Сирин, да не се доведе слабото тело до растројство заради неумерено присилување. “Тогаш, вели тој, е бесполезно да се војува против природата. Ако немоќното тело го принудиме на дела што ја надминуваат неговата сила, тогаш на душата ќе ì нанесеме само помрачение на помрачението и ќе ја доведеме до смут”* . Впрочем, и при слаб телесен состав и здравје, неопходна е некоја присила, по мера на силите. Таа мера може да се забележи после мал број опити. Немоќните треба да се доведуваат до плач и солзи со најголемо внимание во молитвата и да се трудат да стекнат плач во духот,* при што се леат тивки солзи и болката во срцето не е толку силна. Секое духовно делување, бидејќи дар Божји во нас, неизоставно бара наше самоприсилување: зашто присилата е дејствително пројавување и сведоштво на нашата добра волја. Присилата е особено нужна тогаш кога поради паднатата природа или поради злото делување на бесовите, во нас се пројавува некаков гревовен стремеж или немир. Тогаш е неопходно плачните зборови на молитвата да се кажат малку гласно. Телесниот, махиналниот, гласниот, а особено плачот на сила, не им одговара на немоќните, зашто го потресува телото и предизвикува во него мачен умор и болка. Таквите умор и болка Отците ги сравнуваат со болките на родилката.* Како последица од нив настапува битна изнемоштеност дури и кај силни подвижници. На монасите со кревок телесен состав можно им е и полезно позасилено да се присилуваат на плач и солзи. Тие треба, особено на почетокот на нивниот подвиг, уште пред да стекнат плач на духот, зборовите на молитвата да ги изговараат со плачен глас, за душата која заспала во смртен сон од гревовно пијанство, да се разбуди на гласот од плачот, и сама да го доживее чувството на плач. Така плачел силниот Давид: Рикав поради воздишките на срцето мое,* вели тој – рикав како лав што се огласува сред пустина со крик, страшен по својата сила и по тагата што ја изразува. За гласната молитва и плачот, во најмала рака, потребно е осамување во ќелија. Таквото делување нема место меѓу браќата. Од животописите на светите Отци се гледа дека оние од нив коишто имале можност се предавале на гласно плачење, што понекогаш неволно ечело надвор од ѕидовите на ќелијата, иако тие со крајна грижа се труделе секое нивно делување да остане тајно, познато само за Бога. Како што насобраните во воздухот гасови при обилен дожд, се празнат во гром, така навалата од чувства на плач во душата избиваат низ плач со лелек и изобилие од солзи. Тоа се случило со монахот чиј подвиг е опишан од Свети Исаак во неговото Слово 10. Како што после грмотевици и дожд настанува некое необично благорастворање на воздухот, така и душата што низ силен плач ì олеснува на тагата, освежувајќи се, вкусува особена тишина и мир. И како што од ароматични твари се шири опоен мирис, така од нив возникнува и дејствува најчиста молитва. И воопшто, полезно е да се запознаат од Светото Писмо и списите на светите Отци разните начини на монашко делување, да се испитуваат, и да се избира за себе оној подвиг кој ќе се покаже како најсвојствен за нас. Луѓето се така разнообразни, нивните способности и квалитети се така разнообразни, што едно исто делување и начин на делување, користен од различни подвижници, кај секој од нив дејствува многу поинаку. Затоа е неопходен опит, како што советува и Апостолот: Сè испитувајте, за доброто држете се!*

Авва Пимен