За гревовите. Прв дел

За гревовите. Прв дел
Беседа со отец Андреј Кураев
-Отец Андреј, на почетокот од нашиот разговор би сакале да ви поставиме општо прашање: гревот – е болест на душата, и како денеска да му се објасни на современиот човек, дека на гревот се подложни сите луѓе, и дека нема добри и лоши луѓе?

– Пред сè, треба да се каже, дека поимот „грев“ и „престап“ воопшто не се синоними. И затоа определувањето на гревот или дефиницијата за тоа што е гревот, не треба да го бараме во Кривичниот Кодекс.
Гревот – пред сè е штета, која си ја нанесувам на себеси. Современиот човек тоа го разбира малку подобро, од минатите поколенија. На пример, денеска луѓето прекрасно знаат дека има гревови против нивното тело: преголемата исхрана, или предолгото седење пред телевизор, неподвижниот начин на живот и.т.н.
Но, исто како што можеме да му наштетиме на сопственото тело – иако до одредено време телото многу ќе се радува на тоа што му штетиш, – исто така можеме да ѝ наштетиме и на нашата душа.
И оттука, како заклучок: ни останува само да определиме, дали постои таа душа или не. Секако, за тоа, секој сам нека си решава. Човек може себеси да се смета само функција на некакви биохемиски реакции кои се случуваат во организмот, и да тврди, како материјалистите од XIX век, дека мозокот ја изработува мислата, исто како што џигерот ја изработува киселината. Но, човек кој е повнимателен кон себеси, и едноставно повеќе се почитува, веројатно ќе забележи, дека во човекот постои таков орган, кој го боли, кога цело тело е здраво. Некогаш, во мене нешто се радува, без оглед на жалосната состојба на организмот, или напротив. То ест, ако човекот си дозволи да го рашири својот опит, опитот на историјата на неговата болест од клиниката, ако сфати, дека биографијата не е само историјата на телото или професионалната кариера, дека постои и историја на душата со свои плусови и минуси – тогаш, веќе може да се премине на темата за гревот. Гревот – е она што ја труе душата, што ми смета да бидам целосен човек. Секако, веднаш ќе кажам, дека во Православието има многу високо разбирање на гревот: грев – е сè она, што ми смета да бидам Бог. Познатата фраза од Евангелието: „Реков: вие – сте богови, и синови на Севишниот – сите вие“ различно се разбира во христијанската традиција и во сега модерниот неопагански окултизам. Ако за окултистите тие Христови зборови – се дијагноза, за христијаните – тие се мечта. Дијагнозата го констатира она што е, а мечтата зборува за замисла. Значи, Бог има замисла за човекот, сака да нè направи еднакви со Себеси. Чудесни се зборовите на Василиј Велики: „Човекот – е животно, кое добило наредба да стане Бог“. И значи, постои само еден грев – несакањето да се стане Бог, несакањето светост, обидот да се оддалечиме од тој потресувачки дар, кој ни го принесува Господ.
Меѓу тој дар и мене нема никакви прегради освен мојата волја. Ништо – ни социјално-политичката клима, ни минатото, ни околината, ни компјутерските вируси – не можат да влијаат на тоа. Само мојата волја, мојата сопствена решителност и отвореност. Но тоа е толку високо, што само Дмитриј Ентео може за тоја јавно да зборува во своите лекции, на тема „Ќе стане ли Путин бог по благодат?“. Иако, ми се допаѓа идејата, тоа навистина е можност да се зборува за тоа, какви Господ сака да нè гледа. Не е важно, како се викаш – Путин, Барак Обама, Порошенко или Петко Петковски од соседството, бидејќи желбата на Бога за секого од нас е иста: да станеме Негови синови и ќерки по благодат.
Гревот ми штети мене лично, конкретно, ги затвора моите хоризонти, го ограничува мојот опит. Би можел да бидам поинаков, и Господ сака, да би станал поинаков, но не се решавам. Ми недостига дух, за да станам вистински поинаков. Слабоста на волјата, слабоста на духот – тоа и е, веројатно, најстрашниот грев, пред нас самите – стравот да пробаме да станеме радикално други.
Постои еден човек во мојот живот, кој ми значи многу, затоа што тој беше прв семинарист во мојот живот, кој прими монашки постриг во Троицко-Сергиевата лавра. Јас тогаш, уште мечтаејќи за семинарија, присуствував на неговиот постриг, заедно го преживувавме тоа. Тој сега е на Света Гора, и еднаш ми рече: „Знаеш, јас имам само еден сон во животот, само еден повот за молитва… Мене во Лаврата и ме хранат и ме облекуваат… Ми останува само за едно да го молам Бога – барем еднаш во животот да ми даде вистински да го сфатам и доживеам она, за кое се молиме на секоја служба. Кому се обраќаме, за што? Не со зборови, заради испит, а вистински да доживеам што е спасението, гибелта, животот со Бога. Ништо во Црквата не ми смета да го доживеам тоа, освен самиот јас“.
Значи, да се вратиме на разликата на гревот од престапот. Ќе спомнам еден класичен и прост пример од книгата на Клајв Луис „Просто христијанство“. Тој вели отприлика вака: имам кола, јас сум уреден возач и граѓанин, ги пазам правилата за движење по патот, секогаш ги исполнувам сите повелби на патните знаци, и полицијата. Дали тоа значи дека од мене не произлегува закана за светот, дека јас никогаш во животот нема да убијам никого? Колку и да е чудно, не, не значи така.
Тука јас ќе го прекинам Луис и ќе му се спротивставам. Постои многу важно правило на движење во Москва, и тоа е многу антихристијанско. Луис за тоа не ни знаел, но јас како скутерист ќе ви раскажам за тоа: за еден бајкер да преживее во Москва, тој треба да излегува од радикално антихристијанска позиција – во секој пешак и возач треба да гледа клинички идиот, кој во секоја секунда може да изврши сосема непретскажлив маневар. Ако го имаш во предвид тоа, и самиот ќе возиш внимателно – што ако одненадеж ти излезе на црвено некој искусен коњаник? То ест: ќе се сомневаш во малоумноста на другите – ќе преживееш самиот, а со тоа и на „другите“ ќе им помогнеш.
Но, да се вратиме на Луис. Работата е во тоа, што освен јас и „другите“, во безбедноста на движењето има и трет компоненет – техничката состојба на мојата кола. Ако не ја одржувам, порано или подоцна може да се заглави педалот од туражата, или да откажат кочниците. И тогаш, дури и да се спротивставувам со сета душа, и јасно да ја гледам претстојната катастрофа, не можам да ја спречам, затоа што технички мојата кола не може да го изврши потребниот спасителен маневар. Истото е и со душата: ако сум премногу нежен, разгален, во некој момент можам да престанам да ги контролирам своите реакции, и, на пример, да се истишам – на децата, на жената, на родителите – старци, на соседите, колегите, на патниците во автобусот. Во некој решавачки момент сè во моите постапки, дури и покрај мојата волја ќе се случи како што не треба.
Мене, во таа смисла, ме плаши модата на нашите епископи да зборуваат високи работи за патријархот Гермоген, свештеномаченикот митрополитот Филарет или патријархот Тихон. Вистински зборови. Но, ќе можат ли тие, во потребниот момент да излезат од својата позлатеност и да застанат против властите, да ја отстојуваат христијанската, евангелската, црковната вистина?
Јас не верувам во тоа, дека може целиот наш живот да живееме компромисно, да собираме знаци на почит, чевствување од старан на потчинетите и власта, да ја рашируваме својата лична црковна власт, врски, а потоа наеднаш, во еден момент решително да станеме и да речеме: „Царе, ти не си во право“. Чуда секогаш се случуваат, но можноста за чуда сепак се стеснува со таквиот начин на живот.
Има едни зборови, кои ги знае секој христијанин: „Бог им се противи на гордите“. Но рускиот читател на Светото Писмо, мислам, не сосема разбира, за што станува збор. Работата е во тоа, што зборот „горд“ во грчкиот јазик има многу интересна смисла: υπερηφανία. Приставката „ипер“, – над, и коренот „фаниа“ – појава. Иперфанија, на руски би било – показушност. Токму на оние, кои секогаш се стремат да се покажуваат, да се истакнуваат, на таквите прчковци – Господ им се противи („По својот филолошки состав, υπερήφανος означува човек, кој самиот прекумерно се истакнува, т. е., оној, кој има толку голема суета, и во секој случај својата личност ја истакнува во прв план. Така, зборот υπερηφανία е многу тесно поврзан со нашиот луксуз, раскош. Оттаму терминот υπεριφάνως се упторебува како нешто спротивно во смисла од зборот μετρίως (умерено, скромно) – С. Зарин. Аскетизмот според православното-христијанско учење).
Исто така, и зборот „лицемерие“ – ипокрисис: „ипо“ – под, „крисис“ – суд. Лицемерието – е доброволна надлежност. Лицемер – е оној, кој се прави себеси надлежен за другите. Тој живее со неговите одрази во туѓите очи, лајкови и слично… Е, на таквите луѓе им се противи Господ…
Некогаш гледам на телеканалот „Сојуз“ и ме фаќа страв за нашите епископи – во каков свет живеат тие. Сите бескрајни знаци на пристрастеност, почит… Како може да се одстои пред тоа, и уште повеќе, до тој степен, за подоцна, во потребното време да може сè да се отфрли и да се рече: „не, според совеста и Евангелието, тоа не е така!“. Секој од нас има минути на проверка, како што се пее во една позната балада на Владимир Висоцки: „ Значи, си ги прочитал во детството потребните книги“. Но, дури и прочитаните потребни книги во детството, можат да бидат разјадени од идните многугодишни потоци на комплименти и задоволство.
Но, Бог нека е со нив, епископите и нивните искушенија. Секој човек, кој не размислува за внатрешната клима, заборава дека и најважниот во домот, еднаш може многу сериозно да згреши. Самиот се смета за херој, храбар човек, кој е способен на многу сериозни постапки, а кога дошло време да се направи таа постапка, излегува дека бензинот завршил. Како кај девојките од евангелската приказна: им изгорело маслото.Младоженецот дошол, а сето масло се истрошило на некакви надворешни, предвремени ефекти.
-Дали човек може да се научи да внимава на себеси, да ги следи некои свои гревовни дејствија.
-Тој е должен тоа да го прави. И не само тоа, туку и претходно да го прогнозира и да се воздржува од нив. Тоа и е, христијанскиот пат на искачување.
-Кога зборуваме за гордоста, да речеме – поставив некои фотографии од одморот на фејсбук. Тоа е гордост? А што – зарем не смеам да се порадувам и да им раскажам на пријателите? И ете бројам, колку луѓе поставиле лајк – тоа е гордост? И што – да престанеме да броиме? Тогаш, за кого пишувам јас?
– Искрено, јас кон тоа сум сосема рамнодушен – кој, каков рејтинг составува и мери, јас не знам. Но, во човекот заложено е некакво натпреварување. Уште од детствотот децата се натпреваруваат – кој прв ќе истрча, тој прв ќе јади, при што родителите и педагозите често го заоструваат тоа. Во одредена мера тоа е добро. А интернет-лајковите, можеби, боопшто не се од таа област. Едноставно, на човек му е тешко да биде сам, сака да биде заедно со сите: гледате, не мислам само јас така, со мене имам група на поддржувачи. Тоа е сосема природно. Тоа не е гордост, а можеби, напротив – некакво самопонижување, незнаење да се биде сам, и оттаму желбата да се биде во некаква општина, да се најде своето место.
– А вие, сте сретнале ли луѓе, за кои би можеле да речете дека не се горди? Какви се тие?
– Не горди – веројатно се смирени? Мислам дека сум сретнал. За да не одам далеку – татко ми. На еден начин, тој имаше многу тешка судбина: третина од својот живот тој проживеа во слепило. Како е тоа – да се живее, знаејќи дека нешто многу важно, веќе нема да се врати, и дека секоја година ќе биде само полошо, организмот ќе старее, слабее и дојденото слепило – е само една од пројавите на таа болест. Но,тој не бараше сочувство, никому не ги наметнуваше своите проблеми. Тоа беше еден тивок подвиг на замирање, многу незабележлив, но многу сериозен. Умешноста да не се биде терет на другите, да не се сведува секој разговор на себеси и своите проблеми, покрај тоа, што природно, тој имаше целосно право на тоа и како глава на семејството, и како навистина болен човек…
– Во таа смисла, постојат ли некакви практични начини за борба со гордоста? На пример, дела на милосрдие?
– Ако навистина постои гордост, гордост како реалност, а не како повод за исповедална брзозборка, тогаш и делата на милосрдие нема да помогнат, зашто тоа само ќе додаде масло во огнот. Лекот за гордоста им е познат на сите христијани: „гревот мој е секогаш пред мене“, то ест, споменот за своите сериозни гревови. Мислам дека многу важно во борбата со гордоста е да се избега од девалвацијата на тој збор. Често, тоа е само дежурен почеток на секоја исповед, збор кој го отвара списокот со гревовите. Треба многу јасно да разбираме, што е тоа гордост.
Дури и позитивната самооценка – не секогаш е пројава на гордоста.
Позитивната самооценка може да биде едноставно пројава на реалистичноста. Ако, да речеме, јас сум добар професор, зошто треба себеси или некој друг да лажам, дека имам лоши лекции? На крајот на краиштата, кај секој професионалец се оформува некое чувство на успех и неуспех. И обичната наставничка може да рече: денеска во петто „А“ имав добра лекција, а во петто „Б“ – лоша. А пак, ако не може така да каже за себеси – таа е лош професионалец, лош учител. Истото е и со лекарот, и со фудбалерот, и со било кого. Дури и столарот може да каже: овој шкаф го направив ради-реда, а овој – од душа. Човек има право на позитивна самооценка на некои аспекти од неговиот живот. Но поставувајќи си петка за едно нешто, веднаш треба да си признаеме „во никој случај нема да останам на ова“…
Некој може дури и на лајковите да следи. Ако човек е јавна личност, а неговата работа (црковното послушание) се состои во тоа, да се наоѓа во постојана комуникација со општеството, тој е обврзан да закажува социјални измерувања на последиците од неговата работа. Нему професионално му е потребен онлајн: ова мое дејствие, оваа моја постапка како беше прифатена? Кон што доведе? Но, за животот на обичниот читател „ВКонтакте“ или „Одноклассников“ тоа е навистина нешто излишно.
– А желбата за признание, не за самите себе, а за своите деца – што е тоа? Штетна желба или нормална?
– Што се однесува на децата, тоа е сосема нормално. Сосема е природно, човек да сака, неговите деца да го гледаат онака, како што тој ги гледа – со љубов. Тоа, дури, во некоја смисла е гаранција за безбедноста на моите сакани луѓе. Ако на нив гледаат со истите очи, како и јас.
-А за себе? Да сакаме признанија, да се обезбедиме во животот, полезно ли е тоа?
-Мислам дека, ако го кажам обратното, дека „христијанинот не треба да бара, да се обезбеди во животот“, ќе биде многу чудно. Да се бара професионално признание, луѓето од мојата професија да ме признаат за свој – е нормално. „Василич – е многу добар механичар“, или „ Кузмич, е од нашиот, рударски вид“. Што има тука лошо?
– Гордиот човек многу тешко ги доживува понижувањата, навредите. Како да се научиме да не реагираме на навреди, несправедливости?
– А кој ги преживува лесно навредите и понижувањата? Ако се постави критериумот, според кој сите се горделивци, ќе добиеме некоја тоталност, која ќе стане потполно неопределена: гордоста е насекаде, горделивци- се сите. Тогаш, ако е така, гордоста е само еден синоним на зборот „човек“.
Постојат вистински маки, навреди и понижувања, а постојат и речиси илузорни. Признак на горделивецот – е навиката да се навредува од она, што всушност не е болно. Ме претицаа на автопат или во кариерата (во чинови и награди). Зошто тука да правиме гримаса на болка? Сето тоа е многу виртуелно.
Тука, самиот треба да сфатам кој сум јас. Каде е мојот вистински идентитет? Што ми е вистински важно? Што, заедно со мене, може да помине низ долината на смртта, низ Лета? Во грчкиот јазик, зборот „вистина“, звучи како „алитхеа“ – то ест, она, што не се мие од брановите на Лета, реката на заборавот. На кратко – треба да се бориме и да се грижиме не за сè и за секој повод, а за она што е навистина важно.
А да се каже дека воопшто не треба да се реагира на непријатностите, тоа, мислам дека би било нереално и невистинито. Таква неверојатна дебелокожност може да биде дури и пројава на полн егоцентризам. Кај ава Доротеј има прекрасна историја за тоа, како браќата на некој манастир забележале, дека еден од жителите на манастирот никогаш никого не осудува, со никого не се кара, не се расправа и не спори. И тие рекле: „Што бараме некого од страна? Слушаме за далечни подвижници во туѓи манастири? Нам самиот Господ ни испратил таков скромен светител“. Отишле кај него и му рекле: „Отче, прости ни, што претходно не ги забележувавме твоите духовни дарови, но сфативме, дека ти навистина имаш чудесен дар на незлобивост. Зошто никогаш не му одговораш на никого од нас, кога те вознемируваме, навредуваме, и никогаш не спориш со нас?“ И прашаниот ава, ја отворил устата и им рекол: „Јас ли да обрнувам внимание на нивните недостатоци или да се навредувам од нив како од луѓе? Тоа се – пци што лаат“.
Некогаш дебелокожецот – е дебелокожец, и ништо повеќе. А некогаш навистина се случува хипертрофија на тие чувства, кога човек свесно помножува сè со бесконечност: кој, какви работи ми рекол, или дури не ми рекол, какви комплименти имало, и така натаму, започнувајќи сериозно да се грижи за тоа. И пак, тоа може да биде не пројава на гордоста, туку едноставно некаква внатрешна празнина: човек толку нема внатрешно на што да се потпре, што нему му се потребни надворешни коски, без таа надворешна рамка, тој едноставно ќе се скрши, ќе се разлее. Тоа и е лицемерието. Отец Александар Ељчанинов вистина рекол, дека гордиот човек е како ламарина, завиена околу празно место.
– А како да се научиме да бараме прошка?
– Едноставно треба да бараме прошка. Како да учиме? Да посетуваме лекции,специјални семинари, практики? Како минимум, барем да заборавиме на навредата и оној кој нè навредил. И да не трчаме кај него со добри зборови, но барем да не се траумираме себеси со постојаното чепкање на тој спомен.

Преведено и преземено од: http://diak-kuraev.livejournal.com/691081.html