Духовни поглавја – 3

31.
Не постои разлика помеѓу Христовите заповеди и животот на Самиот Бог.
32.
Пазејќи ги Неговите заповеди, стануваме органски слични со Христос.

33.
Како да го поминеме денот без грев, или со други зборови, свето? Еве го нашиот секојдневен проблем. Како да ги преобразиме нашето битие, умот, чувствата, самите наши природни реакции, така што да не сториме грев против нашиот Небесен Отец, против Христос, против Светиот Дух, против човековата ипостас, против нашиот брат и против секое нешто во овој живот?
34.
Удостој нè, Господи, да нè зачуваш без грев во овој ден. Многупати ја повторував оваа молитва на Црквата. Нашиот безгрешен живот на земјата, ни ја отвора вратата на Небото. Она што го спасува човекот не е богатството на знаењето. Животот без грев е она што нè подготвува за живот со Бог во идниот век. Благодатта на Светиот Дух нè поучува на вечните вистини, според мерата на нашето живеење согласно заповедите: Возљуби Го твојот Бог и твојот Создател со целото твое битие и возљуби го твојот ближен како самиот себеси. Да, држете ги секогаш овие заповеди.
35.
Останете во молитва, останете во подвиг, да го поминеме денот без грев. Сè останато ќе ни биде дадено од Самиот Бог.

36.
За да ја зачуваме благодатта на Светиот Дух, должни сме да се држиме подалеку од секоја помисла која не Му е угодна на Бог – ни вели старец Силуан. Ова е нашето дело. Ова е нашето духовно восовршување. Но, бидејќи станува збор за спасение во вечноста, ова восовршување никогаш не завршува. Почнуваме и повторно почнуваме, без крај.
37.
Не можеме да го вообличиме внатре во нас Христовиот образ, освен ако не сме навистина соединети помеѓу себе, како што тоа Христос го бараше од Своите ученици: Љубете се еден со друг, за да познае светот дека сте Христови (сп. Јован 13, 34-35).
38.
Животот на другите за мене има поголема вредност од самиот мене, од самиот мој живот. Кога ќе го разберете ова, меѓу вас повеќе не ќе постојат судири. Решението на еден проблем или на една расправија не зависи од некаква посебна постапка, ниту пак од начинот на однесување, туку од одлуката да истрпиме сè. Секој од нас е должен за другите да има љубов, таква каква што има мајката.
39.
Должни сме да бидеме крајно чувствителни за потребите на другите. Тогаш ќе бидеме едно, и Божјиот благослов ќе останува секогаш со нас. Неисцрпен!
40.
Треба да ја имаме свеста на Христос, Кој го носи во Себе целиот свет; во ова се состои соборноста на човечката ипостас (личност). Словото Христово не се врзува, нема граници.
41.
Ако, како што исповедаме во Симболот на Верата, Христос е вистински Бог, Спасител на светот, Творец на сè создадено – преку Кого сè стана – како можеме да ја восогласиме оваа теорија со идејата на национализмот, на местото, на времето…?
42.
Не познавам Христос грчки, руски, англиски, арапски… Христос за мене е сè, надсветско Битие.
43.
Во Писмото често се наведува дека Христос умре за целиот свет, заради гревовите на сите луѓе. Доколку ја ограничиме Христовата личност, доколку ја спуштиме на рамниште на нациите, губиме сè и се внурнуваме во темнина. Тогаш се отвора патот кон омразата меѓу народите, патот кон непријателството меѓу општествените групи.
44.
Читајте го свети Силуан. За него секој човек во светов има свое дело: еден е цар, друг патријарх, трет професор или работник. Тоа не е важно. За свети Силуан не постои никаква разлика ако некој е цар или работник. Оној, пак, кој Го љуби Христос, ги вподобува и ги носи внатре во себе чувствата што ги имаше Исус Христос, го живее човештвото како едниот Адам, се моли за Адам серодителот. Еве го вистинското Христијанство.
45.
Христос е неограничен Бог. Не се распна само за верните, туку за сите луѓе, од Адам до последниот што ќе се роди од жена. Да Го следи некој Христос, значи да страда заради исцелување и спасение на целото човештво. Поинаку не може да биде.

Старец Софрониј Сахаров