Трета светска конференција за меѓурелигијски и меѓуцивилизацијски дијалог

ТРЕТА СВЕТСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА МЕЃУРЕЛИГИСКИ И МЕЃУЦИВИЛИЗАЦИСКИ ДИЈАЛОГ

Од 10 – 12 мај 2013 година, во Скопје се одржа ТРЕТА СВЕТСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА МЕЃУРЕЛИГИСКИ И МЕЃУЦИВИЛИЗАЦИСКИ ДИЈАЛОГ со тема „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“На конференцијата беa присутни и Архиепископот Охридски и Македонски гг Стефан, Митрополитот Преспанско пелагониски и администратор Австралиски г. Петар, Епископт Хераклејски г. Климент, Епископот Велички г. Јосиф и други преставници на МПЦ – ОА.

Организацијата на оваа значајна Светска конференција во Република Македонија претставува еден вид продолжување на хуманата визија на покојниот претседател на Република Македонија, г. Борис Трајковски, кој на негова иницијатива, а со помош на УНЕСКО, го реализираше првиот Регионален самит на шефови на држави од југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“ во 2003 год. во Охрид. Охридската порака за мир и соработка направи секоја година до денес да се одржуваат вакви регионални форуми на шефови на држави во регионот, под покровителство на УНЕСКО. Република Македонија има задоволство во 2013 година, кога се навршуваат десет години од Охридската порака за мир, да биде повторно домаќини на Регионалниот самит на шефови на држави и на Третата светска конференција.

На ТРЕТА СВЕТСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА МЕЃУРЕЛИГИСКИ И МЕЃУЦИВИЛИЗАЦИСКИ ДИЈАЛОГ присуствуваа Шефови на држави и на влади, министри за надворешни работи, министри за култура, директори/претседатели на комисии за односи со верските заедници и религиозни групи од регионот на Југоисточна Европа; Верски лидери, високи претставници на верски заедници и организции, Претставници на меѓународни организации, како што се: УНЕСКО, Алијансата на цивилизациите, Советот на Европа, Организацијата на исламската конференција, Арапската лига, Советот на цркви, Меѓународната конференција за религии за мир, Меѓународната организација на Франкофонијата; Видни експерти и универзитетски професори кои се занимаваат со пра¬ша¬ња од областа на религијата и културата; Претставници на младите и на невладиниот граѓански сектор

Во рамките на конференцијата беа промовирани и „Собрани дела на Св. Климент Охридски“ Во издание на Македонска православна црква – Охридска Архепископија,  промотори на делата беа Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Господин Господин Стефан и Проф.д-р Јован Таковски.

Во Програмата  на Третата светска конференција  одбележани се три значајни јубилеи на значајни настани:

  •  313 година – 1700 години од добивањето слобода на христијанството;
  • 70 години од холокаустот на Евреите;
  • 10- годишнина од Самитот на шефови на држави од југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“ во рамките на УНЕСКО и Охридската порака за мир.

 

Цели на Третата светска конференцијата

Конференцијата ќе служи за натамошно дефинирање и остварување на приоритетите и заедничките цели поставени за време на Првата и на Втората светска конференција, одржани во Охрид 2007 и 2010 год. Последователно, нејзини главни цели се:

•Низ дискусија да се афирмираат улогата и важноста на слободата и достоинството како универзални човекови права и основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи;

•Да се дискутира за улогата на религиската толеранција во плуралистичките општества, колизиите во модерните времиња и предизвиците на заедничкото живеење во мир;

•Да се нагласи дека културната и религиската различност треба да се сметаат како богатство и предност, бидејќи различните културни и религиски традиции имаат голем креативен потенцијал и претставуваат средства за заемно разбирање и почитување. Гарантирањето и остварувањето на културните и на религиски права, како и еднаквост на националните и на етничките групи во секоја земја, се гаранција за стабилност и оддржлив развој на секое општество;

•Да се разгледа прашањето за зацврстување и натамошно поттикнување на дијалогот, а притоа да се нагласат теоретските и историските основи на глобалниот меѓурелигиозен дијалог и улогата на младите;

•Да се дискутира за придонесот на медиумите во промовирањето на меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог.

 Очекувани резултати

Со одржувањето на оваа конференција, преку размена на мислења и искуства на претставници на различни религии и култури, се очекува да се промовираат религијата и културата како фактори на мирот, а почитувањето на верските права и културната разноликост се темел на мирот и просперитетот.

На Конференцијата ќе се потенцира и улогата на религијата и на културата во трансформацијата на општеството, ќе се афирмираат улогата и важноста на слободата и достоинството како универзални човекови права и основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи. Конференцијата ќе ја потврди и ќе ја афирмира вистината дека слободата и достоинството на луѓето без оглед на нивната национална, културна, религиозна и социјална припадност се права кои треба да се почитуваат и негуваат.

Конференцијата ќе ги истакне важноста и улогата на медиумите и на младите во промовирањето на меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог .

Обновувањето на заемната доверба и воспоставувањето на меѓурелигискиот и меѓуцивилизацискиот дијалог треба да помогнат светот да се ослободи од предрасудите и заблудите од минатото.