Крстот симбол на победата и оружје на мирот

cross-man-way

Крстот на Нашиот Спасител Господ Исус Христос, бил и ќе остане неприфатлив, дури и одбивен за човечкиот разум кој е непросветен од благодата Божја. Зборувајќи за крстот, користиме прилика да нагласиме дека за православната теолошка свест, спасителното дело на Богочовекот Христос, особено Неговото распетие на крстот и Неговата искупителна смрт, е голема и неописива тајна. Но, сепак има нешто, нешто кое е целосно јасно, секогаш кога бегаме од животот и се оттуѓуваме од Бога, а секогаш кога крстот свој, крстот на животот го примаме со радост, животот го прегрнуваме и на живиот Бог му се приближуваме.

***

Тајната на живототворниот крст и неговата смисла не можат да се изразат со јазикот на човечките поими, потполно и прецизно, без ризик да се искриват и стеснат.

За нас, православните христијани, од Бога создадени, крстот е непобедлива и несфатлива божествена сила, која секогаш не носи по правиот и по вистинскиот пат, патот на вистината и на живот.

Крстот не е геометриска фигура, ниту географски поим. Неговите четири краци ги допираат четирите страни на вселената. Дури и човекот како анатомска градба претставува крстообразно битие. Соберете ги нозете и раширете ги рацете, па ќе се уверите дека и ние сме крст. Крстот е и икона. Како икона, крстот не приведува кон архетипот сочинет од хоризонталата на овој свет и од вертикалата на вечниот град Ерусалим. Вкрстени, човекоцентричната хоризонтала и богоцентричната вертикала го градат крстот во чиј фокус е вечно распнатиот човек.

Крстот е глава на нашето спасение, крстот е причина за безбројно направени добри дела. Преку него, сите ние, кои порано бевме отфрлени, сега сме примени меѓу синовите на спасението. Преку него, веќе не сме во заблуда, но ја познаваме вистината, крстот не помири со Бога, не извлече од длабочините на пороците и не вознесе во самиот врв на добродетелите, кои живот значат. Крстот ја уништи демонската заблуда, ја уништи лагата. Преку него, веќе нема чад, реа и пролеана крв на бессловесните животни, принесени како жртва пред Бога, туку има света Литургија која не прави заедница со Бога и е мост кој води во Царството Небесно. Преку него, демоните се принудени на бегство, додека пак, човечката природа е со ангелската. Преку него, девственоста се одомаќини на земјата, зашто од времето кога е дојден Оној Кој се роди од Пресвета Богородица, човечката природа го запозна патот кој води кон сите добродетели. Он не просвети нас кои седевме во сенката на темнината, не измири со Бога, против Кого се боревме, не направи граѓани на небесата. Со него, веќе немаме страв од тираните кои можат не телесно, но духовно да не поробат, зашто духовно сме со нашиот Цар Христос. За сите овие духовни добра, причината е светиот и живототворен крст Господов, бидејќи сето тоа го добиваме преку него и со него.

Крстот на кој беше распнат нашиот Спасител го отвори заклучениот рај, прв во него го воведе разбојникот и ја врати татковината на нашите отци.

Навистина ти велам-рече Господ-денес ќе бидеш со мене во рајот (Лк. 23, 43). Како ќе го направиш тоа? И самиот си распнат и прикован со клинци на крстот, а мене ми ветуваш рај? Св. Апостол Павле вели:”Оти, ако по слабоста распнат, Он е жив по силата Божја, бидејќи и ние сме слаби во Него, но, ќе бидеме живи со Него, преку силата Божја меѓу вас” (2 Кор. 13, 4). На друго место пак, вели: “Мојата сила, наполно се покажува во слабоста” (2 Кор. 12, 9). Затоа, ти ветувам сега, на крстот, овде, да ја познаеш Мојата сила. За да не очајуваш овде, распнат со Мене, туку, гледајќи ја силата Моја на крстот, да бидеш радосен.

Што направи разбојникот на крстот, одеднаш да биде достоен за (во) рајот?

Го исповеда Христа распнатиот, вистински и искрено, не гледајќи го народот што беше под крстот, кој хулеше и го понижуваше Спасителот. Рабојникот го прифати небесниот Владика, изговарајќи ги накратко зборовите: “сети се на мене Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!” (Лк. 23, 42). Разбојникот не ги виде чудата кои ги направи Христос,- ниту како мртви воскреснува, како губави се очистуваат, како морето во послушание своите бранови ги смирува, ниту пак, учествуваше во проповедта Христова за Царството небесно, а сепак, прв вкуси од рајската убавина, која Христос за сите нас ја подготвува, ако се удостоиме, како разбојникот да се исповедаме, затоа што силата на исповедта е голема и може многу да направи за наше преумуваwе.

Многу е важно да се молиме за непријателите, отколку за пријателите. Молитвата за пријателите не ни нуди многу духовна корист, за разлика од молитвата за непријателите. Христос вели: “Оти ако ги qубите оние што ве милуваат вас, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и митниците? (Мт. 5, 46). За да бидете синови на вашиот Отец небесен; зашто Он го остава Своето сонце да грее и над лошите и над добрите и праќа дожд и на праведните и а грешните (Мт. 5, 45). “И ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабожците? Но, бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен” (Мт. 5,47).

Верата на Црквата, во исклучителната и спасителна сила на крстот Христов е изразена во молитвата на светата проскомидија:”Не искупи нас од законската клетва со твојата крв. Прикован на крстот и прободен со копје, Ти на луѓето им стана Исток (извор) на живот вечен. Спасителу наш, слава Ти”.

 

Протоереј-ставрофор

Никола Грамбозов