Од Писмата на отец Серафим Роуз – 2-ро Писмо

02. Понеделник, 15 јули, 1963 г.

Драга Алисон!

Го добив твоето писмо во петокот, враќајќи се од црква, каде што се причестив. И така, изгледа дека за овие неколку години, ни се сменија улогите: јас, кој некогаш бев во потрага, го најдов тоа што го барав, а ти повторно трагаш. Но, сето тоа е по Божјата волја.

Многу се радувам што повторно добив вест од тебе, и значењето на твоето писмо ми е сосема јасно. Јас секогаш се молам и често мислам на тебе, и навистина, во последниов месец или два, особено често си спомнував за тебе.

Последен пат кога ти напишав, јас бев многу близок со Руската Православна Црква, но сеуште немав до крај решено, и иако се одреков од своите најлоши гревови, сепак продолжував воглавно да живеам така, како што живеат во светот. Но, потоа Бог ми го покажа патот мене, недостојниот. Се запознав со една група ревносни православни руси и после неколку месеци (што е особено интересно, во Неделата на блудниот син, точно пред почетокот на постот) бев примен во лоното на Руската Православна Црква во прогонство, и оттогаш, веќе година и половина сум нејзино верно чедо. Јас се преродив во нашиот Господ, и сега сум Негов слуга, и во Него познав таква радост, која претходно ми изгледаше неверојатна, кога живеев по световните обичаи.

serafim rose

Јас станав оној, кого во светот би го нарекле „јуродив“; и навистина, сите вистински православни верници – се „јуродиви“. Таквото „јуродство“ се оправдува со тоа, што Православната Црква – е единствената вистинска Црква Христова, таа е реалност, пред која римскиот католицизам и сите други цркви, во најдобар случај изгледаат како бледи сенки. Тоа тврдење може да ти се чини малку претерано, и како доказ само би те замолил самата да ја откриеш таа вистина.

Сè се случува по волјата Божја, и во последниве две години многу јасно и точно се убедив во тоа. Патиштата Господови многу често ни изгледаат неисповедливи, но Неговата цел е секогаш иста – да ги привлече кон Себе луѓето. Како што веќе реков, значењето на тоа, што ми напиша токму сега, ми е сосема јасно: Господ сака да ме искористи мене, да ти раскажам за Православието – не затоа што јас се одликувам со некаква добродетел, туку затоа што Вистината Божја е толку моќна, што можеме да ја спознаеме дури и преку некој толку недостоен, како јас.

Ова, што јас го пишувам, за световното поимање би изгледало многу необично. Колку што знам, ти во својот живот само двапати си била во православна црква; лично ти, веројатно, формално сеуште припаѓаш на англиканската црква и сега си се оддалечила од сите религии, а твојот сопруг, веројатно е протестант или воопшто нема религиозни убедувања; можеби, на сто милји околу вас нема ниту една православна црква, и ти можеби ги сметаш православните за нешто „источно“ и екзотично. Затоа, воопшто „не изгледа“, дека ти би станала православна, а сепак, јас сум сосема уверен во тоа и чувствувам, дека ти признаваш, дека моите зборови – се по волјата Божја. Ако тоа е така, и бидејќи Православната Црква – е една-единствена Црква Христова, тогаш ништо од тоа што може да го каже или да го направи светот, нема да те спречи да станеш вистинска следбеничка на нашиот Господ во Неговата Црква, а Господ наш во свое време ќе најде средства, за да ги постигне Своите цели.

Нема да се обидувам да ти раскажам многу за Православието во ова писмо, туку ќе почекам, како ќе изреагираш на тоа, што веќе го кажав. И сè, што јас можам да кажам, секако, ќе биде многу несовршено изразување на вистината, која ништо не значи, додека не ја почувствуваш со сета душа. Ако ти навистина се интересираш за Православието, можам да почнам да ти испраќам книги (не толку книги само за Православието, колку книги со многу практични духовни совети, неопходни за секојдневниот живот на православните), икони и т.н., а исто така да те запознаам со православни луѓе. На пример, познавам во Њу Јорк една благочестива девојка американка, новообратена во Руската Црква. Една од радостите во православниот живот – е да познаваш такви луѓе (дури и само преку допишување), бидејќи во Православието особено е многу силно чувството на соборноста, меѓу благочестивите луѓе сите – се „браќа“ и „сестри“, и тие зборови не се само метафори. Сите, кои се нарекуваат православни христијани, заедно се стремат кон една и иста цел, и дури и во овој живот ние имаме претчувство на совршената љубов, која ќе нè обедини со нашиот Господ во вечното Царство, што Тој го подготвил за верните Свои.

Православието – е подготовка на душите за ова Царство, Царството Небесно. Отцепените цркви во помала или поголема мера заборавиле на таа вистина и отишле на компромис со светот, и единствено Православието останало не од овој свет. Целта на православниот живот (која, за жал, не сите ја достигнуваме) – е да се живее во овој живот, постојано помнејќи го идниот живот, вистински да се гледа дури во овој живот, благодарение на милоста Господова, почетокот на тој живот. Тоа е смислата на радоста, за која штотуку зборував, и која за мене е најсилниот доказ за вистинското Православие. Светиот секогаш пребива во таа радост; во иднина ќе ти раскажам неколку чудесни истории за некои од нашите современи руски светители и за тоа, како во нив се пројавувала таа радост. Само Православието продолжува да расте светители: мислам на вистински светители, а не само „добри луѓе“. Сегашниот архиепископ Сан-Франциски (тој неодамна дојде ваму од Париз) – е таков човек. Тој води живот на вистинско самоодрекување – најстрог аскетизам (тој дури и никогаш не легнува), целосно самопожртвувано служење на ближните, христијанска добрина и трпение дури пред лицето на најзлобни и клеветнички напади (зашто ѓаволот многу силно и на секој начин напаѓа на нашата Црква), но тој секогаш е полн со таква љубов и радост, што во негово присуство секогаш чувствуваат радост и мир во душата, дури и оние, кои се наоѓаат во најтешки околности и маки.

Ова се многу тешки времиња. Повеќето свештеници и епископи, кои ги познавам (епископите на нашата Црква се многу блиски со луѓето, многу достапни и срдечни во комуникацијата), се убедени, дека ова се последните дни од светот и дека е блиско владеењето на антихристот. Секако, лесно е да се занесеме по таа тема, но Господ ни заповедал да бидеме спремни за знаците на светот, а тие кои не се интересираат за нив, ќе бидат само прелажани од нив. Во овие последни дни, како што ни рекол нашиот Господ, бројот на вистинските христијани ќе биде многу мал; најголемото мноштво од оние, кои ќе се нарекуваат христијани, ќе го поздрави антихристот како Месија. Затоа, не е доволно да се биде „несектантски“ христијанин; оние, кои не се вистински православни христијани, припаѓаат на „новото христијанство“, на „христијанството“ на антихристот. Папата римски и речиси сите останати денеска зборуваат за „преобразувањето на светот“ од христијанството: свештеници и монаси примаат учество во протести за „расово единство“ и нему слични цели. Тоа нема ништо заедничко со Христијанството, а само ги одвлекува луѓето од нивната вистинска цел – Небесното Царство. Векот кој доаѓа, век на „мир“, „единство“ и братство“, ако дојде, ќе биде царство на антихристот – по име ќе биде христијански, а по духот – сатански. Денеска сите бараат среќа на земјата и мислат, дека тоа – е „христијанство“; вистински православните христијани знаат, дека векот на гонењата, кој повторно започна при болшевиците, сеуште не завршил и дека само по цената на многу страдања и искушенија ќе се подготвиме да влеземе во Царството Небесно.

Срцето на Православието – е молитвата, и искрено, можам да кажам дека до тоа, откако самиот го открив Православието, немав ни најмала претстава за тоа, што е молитвата и каква сила се крие во неа. Секако, често се молиме рамнодушно, но многупати се случило (тоа го велам и за себеси, и за другите) кога молитвата била навистина искрена, силна, со чистосрдечни солзи на покајание, и ја спознав радоста од тоа, што молитвите ми биле услишани. Вдахновен од тоа, јас, немоќниот и недостојниот, имав смелост да се обраќам кон нашиот Господ, кон Неговата Мајка и Неговите светии (не познавав никој, кој им се молел на светителите со таква вера и ревност, како православните верници), и нивното раководство во мојот живот за мене стана толку реално, како сопственото дишење.

Те молам прости ми за тоа, што толку многу пишувам за себеси, но за мене е невозможно апстрактно да зборувам за Православието; сè, што знам за него, го научив од сопствен опит. И ако зборуваме за надворешните работи, тебе можеби би ти било интересно да знаеш, дека не се вратив во научниот свет и веќе никогаш нема да се вратам, дека сеуште не сум ја завршил мојата книга, која ја започнав пред две години – и поради нејзиниот обем, и поради моите изменети погледи оттогаш (таа книга е расудување за духовната состојба на современиот свет низ светлината на Православната Вистина), и дека по Божја волја, имам намера да станам монах (а можеби и свештеник) за да му служам на Господа, откако после година-две ќе ја завршам книгата.

Што се однесува на твојата состојба, мене воопшто не ми изгледа безнадежна, туку напротив. Ти се чувствуваш како оставена од Господа, но сепак најде сили да се спротивставиш на бесовското искушение од твојот татко и со трпение да поднесеш сè што се случило. Мислам, дека Бог те ослабил, за да се подготвиш во Него да ги наоѓаш своите сили и патот кон твоите сили лежи во Православието.

Напиши ми побрзо и раскажи ми што ти лежи на срцето. Ако зборував дрско, тоа е заради големата увереност и радост, со кои нашиот Господ ме исполнува, кога се причестувам со Неговото Пресвето Тело и Крв. Како да не зборувам смело, кога ми е јасно како ден, дека сè во овој свет поминува за миг, а сè што остановуа, е Господ наш и неискажливото Царство, кое Тој го подготвил за нас – оние, кои го земаат врз себе Неговиот лесен јарем (и навистина, колку е лесен јаремот, кој на оние кои не веруваат им изгледа толку тежок!) и врват по Него. Моли се за мене, недостојниот за сè, што ми беше дадено.

Твојот, во Христа брат.

p.s. Во кој дел од Илиноис се наоѓа Урс? Тоа е покрај некој голем град?

p.p.s. Додавам неколку статии на англиски, кои неодамна се појавија во малечкиот весник на парохијата во Сан Франциско.

verbnoe voskresene

p.s., уште „Веќе откако го напишав ова писмо, почнав да го читам еден од нашите Отци од недамнешно минато (тој умре во 1907 год и сеуште не е канонизиран) – отец Јован Кронштадски. Јас секоја вечер читам по неколку страници од него и обично наоѓам, дека тој многу директно и јасно ми зборува за некој проблем или околности, кои ме вознемируваат тој ден. Вечерва, веднаш после завршувањето на ова писмо, го прочитав (на среќа отварајќи ја книгата) следното:

„Како што мајката го учи младенецот да оди, така и Господ нè учи да живееме со вера во Него. Ќе го исправи младенецот, и ќе го остави сам, а самата ќе се оддалечи и ќе му рече да тргне кон неа. Младенецот плаче без мајката, сака да оди кон неа, но се плаши да се обиде да зачекори, се засилува да се приближи, прави чекор и паѓа. Така и христијанинот Господ го учи на верата во него, како во ôд (верата – е духовен пат): толку е слаба нашата вера, толку е почетничка, како младенец, кој се учи да оди. Господ го остава со Својата помош и го предава на ѓаволот или разни беди и маки, а потоа, кога крајно ќе биде потребна помош – ќе се избави од нив (кога немаме потреба од спасение, дотогаш не сме спремни да одиме кон Него), како да ни вели да гледаме во Него (неминовно гледај во Него) и оди кон Него по таа помош; Христијанинот се засилува тоа да го прави, ги отвора срдечните очи (како младенецот што ги раздвојува нозете), се засилува со нив да го види Господа, но срцето, ненаучено на гледање на лицето Божјо, се плаши од таа смелост, се сопнува и паѓа: непријателот и вродената гревовна расипаност ги затвараат неговите подотворени срдечни очи, го одделуваат од Господа, и тој не може да пристапи кон Него со вера, и – кога ќе направиш усилба сосема да Го видиш со срдечните очи на верата, кога ќе Го сретнеш со срдечниот вид, – тогаш Тој Самиот ќе ја простре раката со помош, како да го зема на раце и ги прогонува непријателите, и чувствува христијанинот, дека се нашол во рацете на Самиот Спасител. Слава на благоста и премудроста Твоја, Господи! Толку живо треба да ја видиме со срцето свое, во нападите од ѓаволот и во сите маки, како пред очи да ни стои, човекољубивата утроба на Спасителот; да гледаме смело во таа утроба, како во неистоштлива ризница на благост и штедрост, и да Го молиме со сето срце, Он да ни издвои и нам од тој непресушлив извор на благост и помош духовна: и тогаш просеното ќе биде добиено. Навјажно: е верата или срдечното гледање на Господа и надежта да добиеме помош од Него, како Себлаг, сè. Навистина! Од опит! Со тоа Господ исто така нè учи да ја сознаваме својата крајна морална немоќ без Него, да се сокрушуваме со срцето и да бидеме во постојано молитвено расположение на духот!“ („Мојот живот во Христа“).

 

Превод: Златко Дивјаковски

Извор: Герман и Серафим Платинские

Поврзано:Отец Серафим Роуз – Писмо до родителите