На 4 октомври 2026 година, во Неделата посветена на Сите Македонски Светители, во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, чиноначалствуваше со Светата Архиерејска Божествена Литургија, по повод одбележувањето на значајниот јубилеј – 40 години од неговата архиерејска служба.
На Светата Литургија сослужуваа Нивните Високопреосвештенства, Митрополитите: Преспанско-пелагониски г. Петар, Струмички г. Наум, Повардарски г. Агатангел, Европски г. Пимен, Брегалнички г. Иларион, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Кумановско-осоговски г. Григориј и Дебарско-кичевски г. Георгиј, како и Нивните Преосвештенства, Епископите: Дељадровско-илинденски г. Јоаким и Делчевско-каменички г. Марко. Во молитвено присуство беше и Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски г. Климент.
Во присуство на многуброен верен народ, ова свечено евхаристиско собрание претставуваше израз на благодарност кон Бога за четирите децении архипастирско служење на Неговото Блаженство, исполнети со молитва, духовна грижа, пожртвуваност и неуморно сведочење на православната вера.
Четириесетгодишниот јубилеј претставува значаен настан во животот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, сведочејќи за долгогодишната посветеност на Неговото Блаженство во духовното раководење на довереното му паство, во зачувувањето на црковното единство и во унапредувањето на црковниот живот.
По повод овој голем и благословен јубилеј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, заедно со свештенството, монаштвото и верниот народ на Преспанско-пелагониската епархија, упатува искрени и срдечни честитки до Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан.
Молитвено посакуваме Семилостивиот Господ, по молитвите на Пресвета Богородица, Свети Климент Охридски и Сите Македонски Светители, да му дарува добро здравје, духовна крепост, мудрост и долгоденствие, за уште многу години достојно и благословено да ја продолжи својата архипастирска служба, на славuа Божја, за доброто на Светата Црква и за духовна полза на верниот народ.
На многу и благословени години, Ваше Блаженство!















