На 7 јуни 2026 година, во Неделата на Сите Светии, кога Црквата го празнува Третото наоѓање на чесната глава на Свети Јован Крстител, како и споменот на Светата преподобномаченичка Стефанида Скадарска и Битолска, во манастирот „Свети Јован Крстител“ во с. Слепче беше отслужена Света Божествена Литургија.
Со Светата Литургија чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Архиепископ Цетињски и Митрополит Црногорско-приморски г. Јоаникиј, во сослужение со Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар и Неговото Преосвештенство, Епископот Хераклејски г. Климент, како и бројно свештенство од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Митрополијата Црногорско-приморска. На богослужбата молитвено присуствуваше многуброен верен народ.
По завршувањето на Светата Литургија, Митрополитот Петар упати срдечни зборови на добредојде до високиот гостин, истакнувајќи дека со Митрополитот г. Јоаникиј го поврзува долгогодишно братство и пријателство уште од младоста. Притоа нагласи дека неговото присуство во древниот слепчански манастир и заедничкото служење на Светата Евхаристија претставуваат особена радост и сведоштво за единството на Православната Црква.
Во своето обраќање, Митрополитот г. Петар потсети на зборовите на Свети Климент Охридски за силата на заедничката молитва, како и на Христовите зборови: „Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас меѓу нив“ (Мат. 18, 20).
Светата Литургија заврши во духовна радост и братска љубов, а верниот народ се причести со Светите Христови Тајни и ги прими архипастирските благослови.





