Преподобен Јоаким Крчовски – Света Архиерејска Литургија во манастирот Свети Јоаким Осоговски

Со духовна радост и молитвено торжество, Манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ и оваа година го прослави споменот на преподобниот Јоаким Крчовски – пофалба на монасите и украс на свештениците.

Во навечерието на празникот, на 22.05.2026 година, со Празничната вечерна богослужба чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Григориј, во молитвено присуство на Нивните Високопреосвештенства, Митрополитите: Преспанско-пелагониски г. Петар и Тетовско-гостиварски г. Јосиф, како и на Неговото Преосвештенство, Епископот Велбуждски г. Исак.

Утредента, на 23.05.2026 година, во Осоговскиот манастир се собра многуброен верен народ, кој молитвено учествуваше на Божествената Литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар – во сослужение со Нивните Високопреосвештенства, Митрополитите: Кумановско-осоговски г. Григориј, Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Австралиско-новозеландски г. Никола и Високопреосвештениот Митрополит (во мирување) г. Јосиф, како и со Неговото Преосвештенство, Епископот Браницки г. Јован, прв викар на Бугарскиот Патријарх.

На Светата Литургија, голем број верници се причестија со Светите Христови Тајни.

По завршувањето на Божествената Литургија, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение со присутните архијереи, изврши Мал водосвет, ги благослови славските колачи и го освети куполниот крст, кој ќе биде поставен на храмот во конакот што се гради во чест и спомен на преподобниот Јоаким Крчовски.