Недела на блудниот син – Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола

На 08.02.2026 г., во Втората подготвителна недела пред Великиот пост, Неделата на блудниот син, кога го празнуваме споменот на Светиот Јосиф Солунски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот ставрофор Кирил Трајковски и ѓаконот Крсте Атанасов, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

„Оче, згрешив против небото и пред Тебе и не сум веќе достоен да се наречам Твој син, но прими ме како еден од Твоите наемници.“

Го слушнавме, возљубени браќа и сестри, денешното Свето литургиско евангелско четиво, кое се чита во оваа недела што Црквата ја именува како Недела на Блудниот син, и кое пред нас ја отвора длабоката тајна на покајанието, љубовта и милосрдието Божјо.

А кој е, всушност, блудниот син, браќа и сестри, ако не секој човек кој згрешил, а нема човек што не згрешил во својот живот, зашто сите ние носиме лични гревови, но и тежината на првородниот грев на нашите прародители Адам и Ева, грев кој не произлегува од лична телесна страст, туку од падот на човечката природа, која ја наследуваме со самото раѓање.

Токму затоа Христос, нашиот Бог и Спасител, Кој ги зеде врз Себе нашите паднати човечки состојби, по благоволението на Бога Отецот доброволно слезе од небесната слава, се воплоти од Пресветата Богородица, поживеа меѓу луѓето, ги исцелуваше од секакви болести, ги поучуваше во верата во Троичниот Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух – и заради нас и нашето спасение доброволно пострада, беше распнат на Крстот, со Својата смрт ја уништи смртта, воскресна во третиот ден, а потоа ја вознесе нашата човечка природа на небесата и ја постави оддесно на Отецот, прославувајќи ја човечката природа во Своето Свето Тело.

Затоа оваа евангелска парабола не е само приказна, туку суштинско откровение за двајцата синови, односно за два духовни начини на живеење и два различни односи кон Бога.

Постариот син, браќа и сестри, е праобраз и претслика на избраниот јудејски народ, кој ја чувал верата и Законот Божји и го очекувал доаѓањето на Месијата, но кога Христос дојде и поживеа меѓу луѓето, не Го прифати како Спасител, останувајќи во формалното исполнување на Законот без љубов и смирение.

Помладиот син, пак, е слика на незнабожечките народи, кои се оддалечиле од Бога, паднале во многубоштво и не Го познавале вистинскиот Бог, но токму заради таквите – заради грешните, заради оние што се изгубиле – дојде Христос во светот, зашто тие не знаеле за Троичниот Бог, за Отецот и Синот и Светиот Дух, но имаа жед за спасение.

Овој помал син, кој заминува во далечна земја, е образ на сите оние што се одвоиле од Бога, што Го напуштиле вистинскиот пат и поради желбите за телесни наслади и минливи уживања си создале свој „бог“ според потребите на телото, а не според потребите на душата, и токму затоа, браќа и сестри, блудниот син не е некој далечен лик од евангелската приказна, туку тоа сме сите ние, кога живееме без Бога и без покајание.

Таа далечна земја, браќа и сестри, за која говори евангелската парабола, не е некое географско место, туку е состојбата на гревот во која паѓа човечката душа кога се оддалечува од Бога, зашто секој човек што се одделува од заедницата со својот Небесен Отец, всушност влегува во таа далечна земја на духовна темнина и осиромашување.

Имено, богатството што Отецот му го дава на човекот не е пред сè материјално, туку духовно богатство – дарови и добродетели како што се љубовта, верата, надежта, милосрдието, трпението, смирението и сите други духовни плодови што ја хранат и ја оживуваат душата, но кога човекот ќе ги изгуби овие дарови поради гревот, тогаш тој вистински осиромашува и го губи наследството што му било доверено.

И затоа не е случајно што блудниот син, откако ги растурил своите богатства, се прилепил кон еден човек во таа земја и почнал да ги пасе свињите, зашто тоа е слика на состојбата во која паѓа секој човек што свесно и упорно Го напушта Бога, бидејќи кога човек ќе се откаже од вистинскиот Бог, неминовно си создава лажни богови, кои најчесто се среброљубието, парите, телесните уживања, сластите и сите други минливи и погубни идоли што ја разоруваат човечката душа.

И поради тоа, браќа и сестри, човекот постепено паѓа под власта на ѓаволот, кој почнува да управува со неговиот живот, како што и блудниот син се најде во рацете на оној господар кој му дозволи не да живее човечки достоинствено, туку да ги пасе свињите, односно да живее понижен, нечесен и гревовен живот, предавајќи се на блудот, на разузданоста, на прејадувањето, на опивањето и на сите други состојби што го уништуваат духовниот лик на човекот.

А гладот што го чувствувал блудниот син, браќа и сестри, не е само телесен глад, туку пред сè духовен глад, зашто човечката душа, кога е одвоена од Бога, постојано гладува за духовна храна, за вистинска смисла, за мир и за љубов, а таа духовна храна не се наоѓа во светските наслади, туку во Светото Писмо, во Светото Предание и во учењето на светите отци, кои ја хранат душата и ја враќаат кон животот во Бога.

Духовната храна, браќа и сестри, не е нешто апстрактно или далечно, туку е самиот живот во Црквата, зашто духовната храна е постојаното учество во светата Божествена Литургија во храмот Божји, каде што човекот се храни не само со словото, туку и со благодатта Божја, која ја оживува и ја крепи душата.

И како што слушнавме од денешното свето Евангелие, кога блудниот син, по долги години на пад и оддалечување, тргнал назад кон татковиот дом, уште оддалеку го здогледал неговиот татко, но не затоа што синот бил брз или достоен, туку затоа што таткото постојано чекал и бдеел, и не синот, туку таткото потрчал кон него, го прегрнал и го целивал, покажувајќи дека љубовта Божја секогаш го претекнува човечкото покајание.

И тогаш синот, скрушен и смирен, ги изговорил зборовите: „Оче, згрешив против небото и пред тебе и не сум веќе достоен да се наречам твој син, зашто го растурив имотот што ми го даде, но прими ме како еден од твоите наемници“, но таткото не дозволил тој да остане во понижувањето, туку веднаш рекол: „Овој мој син беше изгубен и се најде, мртов беше и оживе“, и заповедал да се донесе угоеното теле и да се заколе, за да се јаде и да се веселат, зашто покајанието води кон радост, а не кон осуда.

Со овие зборови, браќа и сестри, Христос ни открива дека секое искрено враќање кон Бога завршува со простување, со радост и со обновување на животот, зашто оној што бил духовно мртов, преку покајанието повторно оживува.

И затоа не е случајно што Црквата нè потсетува и на примерот на Светиот апостол Петар, кој по трикратното одрекување од Христа, горчливо заплакал за својот грев, иако подоцна гревот му бил простен од самиот Господ, кога по Воскресението, на брегот на Тиверијадското Езеро, трипати ја исповедал својата љубов кон Христа, со што беше обновен и повторно поставен во апостолската служба.

Така и на сите Господ им простува, браќа и сестри, ако и ние, како блудниот син, со смирение и искреност се покаеме за своите гревови, ако пристапиме кон нашиот духовник, кон парохискиот свештеник кој е наш духовен отец, и ги исповедаме своите гревови, прифаќајќи совет, поука и, ако е потребно, духовно лекарство за оние рани што самите не можеме да ги исцелиме.

И затоа, браќа и сестри, да Му се помолиме на Христа, нашиот Бог и Спасител, и да побараме застапништво од Пресветата Мајка Божја, од светите Ангели и од сите Светии, од светите Апостоли, тие да бидат наши постојани молитвени застапници пред Престолот на Севишниот, преку Христа, нашиот Господ.

И тајно, во длабочината на нашите срца, по примерот на блудниот син, да ги изговориме зборовите:

„Сгрешивме, Оче Небесен, пред Тебе, прости ни нам грешните и прими нè како Твои наемници, сега и секогаш и во вековите на вековите„. Амин!