На 11 мај 2025 година, во Неделата на Раслабениот и во денот кога Православната Црквата (по нов стил) молитвено го празнува споменот на Светите рамноапостолни Браќа Кирил и Методиј, во Бугарската Православна Црква се одржа торжествено сослужување, како израз на православното единство на братските народи, Македонскиот и Бугарскиот.
Во навечерието на празникот, на вечерната богослужба во Соборниот храм Свети Петар и Павле во Силистра, началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, во присуство на домаќинот, Митрополитот Доростолски г. Јаков и неговиот викарен Епископ г. Борис, како и на многубројни свештенослужители на двете Цркви, Бугарската и Македонската, и верен народ.
На самиот ден на празникот, на Божествената Литургија, началствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Доростолски г. Јаков, во сослужение со Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, Митрополитот Кумановско-Осоговски г. Григориј, Умировениот Митрополит Кумановско Осоговски г. Јосиф, како и со Викарниот Епископ Велички г. Никола и викарниот Епископ на Доростолската Епархија г. Борис. На Светата Божествена Литургија сослужуваа и свештеници и ѓакони од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Бугарската Православна Црква.
Оваа заедничка молитвена радост беше сведоштво за духовната поврзаност на двата православни народи, Македонскиот и Бугарскиот, кои преку светото дело на Светите Браќа Кирил и Методиј се втемелија во Христовата вистина.