Света Божествена Литургија во храмот Свети Сава во Белград

На 19.05.2024 година, во Третата недела по Пасха – Неделата на Жените Мироносици, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот  Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, сослужуваше на Светата Божествена Литургија во храмот „Свети Сава“ на Врачар во Белград, со којашто чиноначалствуваше Неговата Светост Патријархот Српски г.г. Порфириј. На Божествената Литургија од Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, сослужуваше и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, како и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Санкт-петербургшки и Ладошки г. Варсонуфиј од Руската Православна Црква, како и мнозинството архиереи од Српската Православна Црква, кои учествуваа на редовното заседание на Светиот Архијерејски Собор. Повод за ова сослужување беше прославата на трите Јубилеи т.е. 130 години од раѓањето, 45 години од упокојувањето и 10 години од преносот на моштите на преподобниот Јустин Ќелиски. На Литургијата со пригодна беседа се обрати Патријархот Порфириј.

На крајот од Божествената Литургија, Митрополитот Варсонуфиј, на патријархот Порфириј, а преку него и на полнотата на Српската Православна Црква, подари честички од моштите на Свети Лазар Четиридневниот и Светите Отци Киево-печерски.