Сретение Господово – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 15.02.2023 г., кога го празнувавме празникот Сретение Господово, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Грамбозов, протоереите Златко Костовски, Влатко Ристески, Сотир Гочевски, Кирил Трајковски, ерејот Крсте Тасевски, протоѓаконите Драган Ѓорѓиевски, Ѓорѓи Делев и ѓаконот Александар Петковски, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Сввети Великомаченик Димитриј“ во Битола.

На Светата Божествена Литургија,  верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

После Литургијата, беше одржано годишно Свештеничко собрание.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„А сега отпушти го Својот слуга со мир, според зборовите Твоите Владико, зашто моите очи го видоа спасението Твое“.

Со овие зборови, браќа и сестри, откако праведниот старец Симеон го примил во своите прегратки Спасителот наш Господ Исус Христос, како четириесет дневен Богомладенец, се простил од Христа нашиот Бог и побарал Господ да го отпушти, односно да му дозволи да го напушти овој земен и материјален свет и да отиде во Царството Небесно.

Овој Свет и праведен старец, како еден од преведувачите на Светото Писмо на Стариот Завет, односно на Септуагинтата или преводот на Седумдесетте преведувачи, кога преведувал еден стих од Книгата на Светиот пророк Исаија, каде што било нашишано: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди Син, и ќе му стават име Емануил“ (сп. Иса, 7, 14), во тој момент, старецот Симеон, не можел да поверува во тоа, бидејќи  до тогаш не се случило девојка да зачне и да роди син, па затоа сакал да напише „жена ќе роди“. Тогаш ангел Господов му ја задржал раката и Светиот Дух му рекол: „Нема да умреш, додека не го видиш Христа Господа во тело“.

Па така овој старец, морал да доживее сто и пет години, а според некои Свети Отци и преку двеста години, сè додека не се роди Спасителот, односно Месијата Христос во тело и да го види Него, Христа Богомладенецот, Кого сите старозаветни праведници го очекуваа и не се удостоија да го видат роден во тело.

Сите старозаветни пророци пророкуваа за Него и не се удостоија да го видат, освен пророкот помеѓу Стариот и Новиот Завет, најголемиот роден од жена, Светиот Јован, Пророк, Претеча и Крстител.

Еве, токму поради овој настан, поради примањето во своите прегратки на Спасителот наш Господа Исуса Христа, од страна на праведниот Симеон, е востановен овој празник именуван Сретение, зашто стариот праведен Симеон се сретнал со Богомладенецот Христа нашиот Бог и Спасител.

Овој празник, браќа и сестри, е празник на средбата.  Овој празник нас не потсетува и упатува на тоа дека не може да се случи да нема средба помеѓу нас и Господа, ако не на овој свет, тогаш сигурно на оној свет. Но таа средба ќе биде на Страшниот Христов Суд, кога секој од нас ќе треба да даде одговор за својот живот тука на земјата.

Еве, на овој ден, се случува големото чудо, Законодавецот Христос, нашиот Бог и Спасител, Кој немал потреба од закон, бидејќи е кажано дека законот е за безакониците, а Христос сакал да покаже пример на сите луѓе дека Спасителот го исполнил Законот и во четириесеттиот ден од Неговото раѓање, бил донесен во храмот, како што било обичај во Стариот, но и во Новиот Завет, во четириесеттиот ден по раѓањето децата да бидат донесени во храмот Божји за да бидат благословени и предадени на Бога. До тогаш мајките се сметале за нечисти, па во четириесеттиот ден кога се прави големата молитва, тие во тој ден се очистуваат, а Мајката Божја која е Пречиста и Пресвета, која во својата Пресвета утроба го вселила и вместила невместливиот, Спасителот на светот, Кој не може да го опфати целата вселена, Христа нашиот Бог и Спасител.

Пресвета Богородица, немала потреба четириесет дена да не влегува во храмот, зашто била Пресвета, Пречиста и Преблагословена, но таа за да покаже пример на сите мајки дека треба да ги исполнуваат Божјите закони и Божјите заповеди, не влегла во храмот Божји до четириесеттиот ден по раѓањето на Христа.

Онаа која била скоро постојано во храмот, откако била предадена на чување во храмот, во третата нејзина година кога Светиот пророк Захариј ја зел во своите раце и ја поставил во најсветото место, во Светињата на Светињите, каде што била хранета со ангелска или небесна храна, од ангелите, ете, токму таа, за да покаже пример на мајките дека треба да се почитува Законот, не влегла во храмот, но на четириесеттиот ден го донела во храмот Спасителот Христос, Кој се родил во тело и го предала на праведниот Симеон.

Браќа и сестри, во тој ерусалимски храм, каде што престојувала Мајката Божја, Пресвета Богородица, до четиринаесеттата своја година, кога според еврејскиот закон требала да го напушти храмот, таму била и пророчицата Ана, за која слушнавме од денешното Свето Евангелие дека само седум години поживеала со нејзиниот маж, а потоа му се посветила целосно на Бога.

Светиот апостол Павле вели дека жените кои ќе останат вдовици, ако се возрасни, треба да му се посветат на Бога, а ако се млади, треба да се мажат, бидејќи кога жените ќе збеснат против Христа, тие многу зла знаат да направат“. Затоа Свети апостол Павле препорачува младите вдовици да се мажат, а возрасните вдовици да се посветат и да му служат на Бога токму како што му служела Светата пророчица Ана, која целиот свој живот го поминала во храмот.

Светата пророчица Ана ни покажала пример и нам на свештенослужителите, а и вам, на верните дека поголемиот дел од времето треба да го минуваме во домот Божји. Домот Божји, е храмот Божји, за кој ревнувал Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој бил толку смирен и кроток, што дури и кога бил изведен на суд не се спротивставил на оние што го камшикувале и биле по плеќите, што го шамарале, што му ставиле трнов венец на главата и му го дале Крстот да го носи на Голгота. Спасителот Христос и од Крстот не се срдел и не се лутел, туку доброволно страдал и се молел за оние што го распнале.

Кога станувало пак збор за храмот Божји, ревноста Негова била толку силна, а од Светото Евангелие знаеме дека Христос од јажиња направил бич и ги изгонил од храмот трговците, менувачите на пари и оние што продавале стока пред храмот, а исто така и во припратата на храмот.

Ете, како се однесувал Спасителот наш Господ Исус Христос, кога требало да се чува светињата, кога требало да се ревнува за домот Божји, зашто рекол: „Мене ми прилега да бидам во домот на Мојот Отец“ (сп. Лука 2. 49). Спасителот Христос ги оставил дури и своите родители, кога се враќале од Ерусалим и тие не можеле да го најдат на друго место осен во храмот, каде што како дванаесет годишно момче ги поучувал во верата старешините и првосвештениците.

Сето ова ни укажува на тоа дека ние треба да го следиме Спасителот наш Господа Исуса Христа, а овој голем и спасоносен празник, ни укажува на тоа дека треба да бидеме колку е можно почесто храмот Божји, како што на тоа многу учтиво нè упатува и патронот на нашата Света Црква, Свети Климент Охридскиот Чудотворец, кој вели: „Секоја недела и секој празник, верните треба да бидат во храмот Божји на Божествената Литургија, зашто во храмот Божји, на Светиот Престол, за нас се коле Јагнето Божјо Кое ги зема гревовите на светот“. Нема поголема светиња за нас од закланото Јагне на Светиот Престол, односно од Христа нашиот Бог и Спасител Кој заради нас се коле на секоја Божествена Литургија.

Оние, како што рекол и Самиот Господ Исус Христос, што го јадат Неговото Свето Тело и ја пијат Неговата Света Крв, тие имаат живот вечен, зашто Господ вели: „Кој го јаде Моето Тело и ја пие Мојата Крв, тој има живот во себе“ (сп. Јован 6, 54).

Па така, браќа и сестри, упатувањето од страна на Свети Климента, да ги посетуваме храмовите Божји во неделите, Господовите и Богородичните празници и на светителите, е наша должност и обврска.

Да си спомнеме дека имало многу Свети жени и старци кои поголем дел од времето го поминувале во храмот Божји, отколку што го минувале дома или на работните места. Една од тие била мајката на Свети Јован Златоуст, чии литургиите ги служиме, односно Златоустовата Литургија, која најповеќе се служи во текот на годината.

Исто така, и мајката на Свети Григориј Богослов многу често го посетувала храмот Божји, па затоа светителот говори за неа со следниве зборови: „Просветени маченици и сите страдалници, што ќе кажам дека мојата мајка е молитвено повозвишена од вас, зашто таа животот свој го заврши во домот Божји на молитва“. Неговата мајка умрела во храмот на молитва. Ете, прекрасен пример како треба да се молиме.

А сега кога зборуваме за оваа средба на праведниот Симеон со Христа Господа, кој го видел во тело, ние сме должни да кажеме дека не треба да се плашиме од смртта, како што не се плашел и Светиот праведен Симеон, кој бил движен од Светиот Дух да дојде во храмот и да го прими во своите прегратки Христа нашиот Бог и Спасител во тело. Светиот праведен Симеон не се исплашил од смртта, бидејќи верувал во воскресението на мртвите.

Како што во Стариот Завет се израдувал Патријархот Јаков, кој знаел, врз основа на кажувањето на неговите останати синови, дека неговиот син Јосиф бил изеден од ѕверовите. Но, тој кога го видел во Мисир жив, тој тогаш рекол сега сум подготвен да умрам, кога те видов тебе жив, сине мој. Овде, во денешниот празник, браќа и сестри, имаме поголем од Јакова, а тоа е Симеон, но и поголем од Јосифа, а тоа е Спасителот наш Господ Исус Христос.

Свети Јован Златоуст прашува: „Зошто луѓето се плашат од смртта?“ Неговиот одговор е: „Луѓето се плашат од смртта, бидејќи забораваат или не веруваат дека има воскресение од мртвите“. Оние што веруваат дека ќе има воскресение на мртвите, тие од смртта не се плашат, туку говорат како Светиот апостол Павле: „Живееме ли, умираме ли, – Господови сме“ (сп. Рим. 14, 8). Па така, апостол Павле рекол дека смртта за него е добивка. Смртта е добивка за сите оние што веруваат во воскресението на мртвите. Затоа и сите маченици со радост, песни и псалми, оделе во смрт и го воспевале Христа нашиот Бог и Спасител, Кој им давал сила.

Ете, токму во тоа е и големината, како што вели Свети Јован Златоуст, дека христијаните доколку веруваат во воскресението од мртвите, не треба да се плашат од смртта, туку треба да постапуваат како Светиот праведен Симеон, кој бил движен од Светиот Дух и кога со радост го примил, во своите прегратки, Христа нашиот Бог и Спасител во тело, од Него побарал да го отпушти од овој свет и да премине во оној свет.

И ние, браќа и сестри, да се помолиме на праведниот Симеон и на Светата пророчица Ана, да ја имаме средбата со Христа нашиот Бог и Спасител, уште тука на земјата, за да се просветиме, осветиме и да созерцаваме, како што созерцавал и праведниот Симеон, откако ја направил онаа грешка, кога не поверувал дека може девојка да роди син.

Ние, на различни начини имаме можност да се сретнеме со Господа, а оние што подготвени преминуваат од овој во оној свет, тие се оние што вистински се подготвени за вистинска средба со Христа нашиот Бог и Спасител.

Браќа и сестри, ајде и ние заедно со праведниот Симеон да речеме: „Отпушти го во мир Владико твојот слуга според Твоите зборови, зашто моите очи го видоа спасението Твое“. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар