Недела на блудниот син – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп

На 12.02.2023 г., во Неделата на блудниот син, кога го празнуваме споменот на Светите Три Светители (Јован Златоуст, Василиј Велики и Григориј Богослов), Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение Митрополитот Кумановски-осоговски г. Григориј, Епископот Хераклејски г. Климент, протоереите Влатко Ристески, Илчо Смилески, Милано Стојановски, протоѓаконот Драган Ѓоргиевски и ѓаконот Александар Петковски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свето Благовештение“ во Прилеп.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„А кога дојде на себеси, рече: Ќе одам при мојот отец и ќе му речам, отче згрешив против небото и пред тебе, и не сум достоен да се наречам твој син, прими ме како еден од твоите наемници“ (сп. Лука 15, 21).

Денеска, браќа и сестри, го слушнавме Светото Литургиско Евангелие, кое се однесува на параболата која Спасителот наш Господ Исус Христос ја кажал за блудниот син.

Имено, Господ вели: „еден човек“, а тој, еден човек, е всушност нашиот Отец Небесен. Потоа во параболата се вели дека тој човек имал два сина, едниот постар, а другиот помал. Помалиот син го побарал од својот татко имотот, кој нему требало да му припадне, па откако го примил имотот од татка си, отишол во далечна земја и го потрошил сиот имот, живеејќи блудно со нечесни луѓе и блудници,  јадејќи, пиејќи и опивајќи се. Па така, откако потрошил сè и ги загубил пријателите, овој блуден син останал без храна и основни услови за живот.

Потоа во параболата, браќа и сестри, се вели дека него го примил некој човек, кој го поставил на неговиот имот во полето да чува свињи. Па така, овој блуден син, чувајќи ги свињите, бидејќи бил гладен, сакал барем со желадите или корењата, кои свињите ринкајќи ги наоѓале и јаделе, да го задоволи и наполни својот гладен стомак, но се вели дека ни тоа не му го давале. Потоа во параболата се вели дека ете, кога тој дошол на себеси, со други зборови кога се отрезнил, си рекол во себеси: „Колку наемници има во татковиот ми дом и сите тие имаат изобилно храна, а јас синот на мојот татко, немам ни основна храна. Затоа ќе одам при мојот татко и ќе му речам: Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници“ (сп. Лука 15, 18-19).

Па така, блудниот син тргна и дојде во близината на татковиот дом, а неговиот татко кога излезе од домот и го виде својот син се зарадува, па затоа притрча кон него, го прегрна и го целива и им рече на слугите: „Донесете да му ставам прстен на раката, нова облека и обувки на нозете, а потоа заколете го угоеното теле, за да јадеме и да се веселиме, оти овој мој син беше изгубен и се најде, мртов беше и оживе“ (сп. Лука, 15, 22-24).

Тогаш, браќа и сестри, се вели дека од полето се враќал постариот син, кој кога слушнал веселби и пеења во домот на таткаси, прашал што се случило, па му било речено дека „твојот помал брат се врати и таткоти нареди да го заколеме угоеното теле, да јадеме, пиеме и да се веселиме“ (сп. Лука 15, 27).  Се вели дека тогаш постариот брат се расрдил, а таткото излегол и поразговарал со него велејќи му: „Синко“, откако овој му рече: „Јас татко, секогаш ти бев послушен, а ти никогаш ништо не ми даде, ниту едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели, а овој твој син кој беше изгубен и го потроши сиот свој имот на блудници, живеејќи блудно и недостојно, ти сега за него го закла угоеното теле“ (сп. Лука 15, 29-30). А таткото му одговори: „Синко, ти секогаш си со мене и сè мое е твое, а овој твој брат изгубен беше и се најде, мртов беше и оживе. Не требаше ли сега да се развеселиме за тоа што го најдовме и затоа што тој иако умрен, сега оживеа“ (сп. Лука 15, 31-32).

Оваа парабола, браќа и сестри, има свое длабоко алегориско (преносно) значење. Имено, како што спомнавме на почетокот, човекот што имал два сина е Отецот Небесен. А синовите, односно за постариот син, се мисли дека тој има позначајно место во параболата, односно генерално се мисли дека постариот син се ангелите Божји, кои се секогаш со Бога и се создадени пред човекот.

Токму затоа не можеле до крај да ја разберат тајната на воплотувањето на Синот Човечки, на Спасителот наш Господа Исуса Христа, Кој заради човекот, заради паднатиот Адам, а преку него и сите нас грешните и недостојните, по благоволението на Отецот, посакал доброволно да стане човек, да се унижи Себеси, да прими наше тромо човечко тело, иако пред тоа бил совршен дух, Син Божји, Син на Отецот, од кого предвечно се раѓа. Спасителот Христос, браќа и сестри, доброволно  пострада заради нас, пролевајќи ја својата Света Крв, да го избави човекот од гревот и смртта.

Ете, токму тоа се случило со ангелите, кога генерално го толкуваме прашањето околу постариот син. Преносното значење на постариот син се однесува и на Еврејскиот народ, кој бил од Бога избран народ, затоа што бил еденствениот народ, кој ја сочувал чиста верата во Месијата, во Спасителот наш Господ Исус Христос.

Еврејскиот избран народ, браќа и сестри, не можел да прифати, покрај него, во Црквата Божја, во Црквата Христова, да бидат примени и незнабошците, односно оние кои биле грешници и не биле избран народ.

Кај еврејскиот богоизбран народ, кој се сметал за праведен, се појавила завист, бидејќи тој поинаку гледал на грешниците, односно сметал дека грешниците треба да бидат казнети заради гревовите нивни, а не треба да бидат помилувани, а уште помалку да бидат примени во Црквата Божја.

Од друга страна, преносното значење на помалиот син, генерално се однесува на незнабошците и на сите оние кои не знаеле за вистинскиот Бог, и во Стариот, и во Новиот Завет. Па така, помалиот го означува и секој грешен човек, односно во него се пронаоѓа секој од нас, зашто е кажано дека никој не е без грев, освен Самиот Троичен Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Затоа и Свети Јован Богослов вели: „Ако кажеме дека немаме грев, се лажеме сами себе, и вистината не е во нас“(1. Јован 3).

Имено, преку нашиот прататко Адам и нашата прамајка Ева, гревот се всели во луѓето, како што вели Светиот апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме како негови потомци“. Токму затоа требаше да дојде новиот Адам, а новиот Адам е Синот Божји, Кој предвечно се раѓа од Отецот, Кој заради нас грешните и недостојните се роди од Пресвета Богородица, без татко на земјата и без мајка на небесата, како што вели Свети Климент Охридски: „Не барајте Му на Христа нашиот Бог и Спасител мајка на небесата, ниту татко на земјата“.

Токму затоа, браќа и сестри, откако Адам и Ева згрешиле, гревот и смртта дошле во човечкиот род, па затоа се мислело дека човечкиот род  не може сам да се спаси, а тоа е точно, бидејќи човекот никогаш сам не можел да се спаси без Божјата помош. Христос нашиот Бог и Спасител рекол: „Без Мене ништо не можете да правите“ (сп. Јован 15, 5), се мисли ништо добро. Па токму затоа, ние се спасуваме со Христа и преку Христа. Христос е Оној, Кој нè избави од гревот и смртта, со Своето доброволно страдање заради нас, пролевајќи ја на Крстот Својата Света Крв. Затоа ние велиме дека сме скапо платени, а платата за нашиот грев, е смртта на Спасителот наш Господа Исуса Христа.

И ете, откако тоа сето го знаеме, ние секогаш треба да помниме дека нема друго спасение за човечкиот род, освен Христос нашиот Бог и Спасител.

Браќа и сестри, како што слушнавме од параболата дека помладиот блуден син, кој блудно го потрошил имотот Христов, односно имотот на својот татко, кога дошол пред него, неговиот таткото им рекол на слугите да му донесат и да го облечат во прекрасна убава облека, која се однесува на  тоа дека нему му е дадена можноста да се избори за праведноста и правдата. Облеката ја претставува праведноста на грешникот кој се враќа, односно ослободува од гревот.

Далечната земја во која отишол блудниот син, не е некое пространство далеку од Бога. Секој човек, кога греши и прави гревови, практично се одделува од Бога, па така и во оваа парабола далечната земја ја претставува оддалеченоста од Бога заради гревот, односно нашата оддалеченост од нашиот Бог и Спасител Господ Исус Христос. Со облеката на човекот, односно на грешникот му се дава праведност, за тој повторно да стане син Божји. Кога ние се крштеваме, во нас умира стариот човек, човекот со гревовите наследени од Адама, а и со своите лични гревови. При крштението, кога човекот се потопува во водата, тој умира, а кога излегува од водата, тогаш се раѓа нов човек и нова твар, по образецот и примерот на Христа нашиот Бог и Спасител.

Прстенот што му го дава таткото на блудниот син, е всушност заедништвото на душата на грешникот со Бога, кога ќе се покае пред Бога, како што и младите кога се венчаваат си разменуваат прстени во знак на верност. Понатаму, обувките се симбол  на тоа дека тој станува повторно син на својот отец, за разлика од робовите во тоа време, кои немале право на обувки, туку оделе боси. Ете, давајќи му обувки, таткото практично својот син го прави повторно да биде негов син.

И така, браќа и сестри, ние не можеме да речеме дека се изедначуваме со постариот син, односно ние можеме да речеме дека сме постанале синови Божји по посиновување, а не по природа, се додека не го направиме вистински чекор, а вистинскиот чекор за посиновување е покајанието.

Значи, преку гревот ние се оддалечуваме од Бога и ја прекинуваме врската со Бога. Но преку покајанието, а покајанието значи признавање на гревот како како што го признал овој блуден син, кој кога почувствувал дека повеќе не можел да живее во далечна земја, одделен од Бога, а знаејќи пак дека во домот на неговиот татко и наемниците имале храна во изобилство, се пробудил духовно, односно се покајал.

Секој грешник се наоѓа во некоја екстаза, во некоја состојба на пијан човек, кој не е свесен што се случува со него, т.е. вон реалноста. Но кога пијаницата ќе се отрезне, гледа дека бил во некој занес поради пијанството, а тоа се однесува и на дрогираните, односно на оние кои примаат дрога. Тие се вон себе, бидејќи кога примаат дрога, тогаш тие не се во реалниот свет, но кога ќе се отрезнат, кога ќе помине дејството на дрогата или на алкохолот-пијанството, тогаш тие влегуваат во реалноста. Така и грешникот, односно грешните луѓе кога живеат во гревови, тие не се свесни дека живеат живот одвоен од Бога. Но кога ќе се отрезнат, а тоа значи кога ќе прифатат дека се грешни, кога ќе се откажат од своите гревови и кога ќе речат дека повеќе не сакаме грешно да живееме, тогаш тие духовно се пробудиле. Не е точно она што римокатоличките богослови го велат: „Црквата ги казнува грешниците“. Во Православната Црква грешниците не се казнуваат за направените гревови, браќа и сестри, туку им се даваат поправни мерки.

Епитимијата, она што некогаш го нарекуваме казна, кога некој ќе направи грев, па му се вели не можеш тоа понатаму да го правиш, бидејќи ќе бидеш оддалечен од Црквата, е средство преку кое човекот треба да ја сфати својата грешност и да се врати на правиот пат. Епитимијата не е казна. Христос од нас бара само да признаеме дека сме грешни, како и да одлучиме дека повеќе нема да живееме грешно. Тоа од нас го бара Црквата. Кога ќе почнеме да живееме живот во согласност со учењето на Црквата, со Светото Писмо, Светото Предание и со учењето на Светите Отци, тогаш ние сме на правиот пат.

Всушност, ние сме, сме икона Божја како што вели Свети Јован Дамаскин: „Икона сум на Твојата неискажлива слава Господи, иако ги носам раните на моите гревови“. Ние сме икона Божја и заради нас Христос се воплоти. Лекарот не дошол за праведниците, туку за грешниците, со цел да ги спаси, односно да го спаси загубеното.

Ние во Светото Писмо читаме дека добриот пастир ги оставил деведесет и деветте овци во планината, а тоа се ангелите на небесата, за да ја бара загубената овца, а тоа е грешниот човечки род, па кога ја нашол, ја ставил на Своето рамо и ја донел при Отецот.

Браќа и сестри, ете, и параболата за загубената драхма говори токму за тоа. Небесниот Отец се радува, кога ќе ја најде загубената овца, а се радува и  кога домаќинот ќе ја најде загубената драхма, зашто кога еден грешник ќе се покае, многу ангели се радуваат на небесата.

Па затоа да си спомнеме, како сите оние што грешеле се вратиле на правиот пат, благодарение на признавањето на своите гревови, како тоа што го направил и Светиот пророк Давид, кој вели: Помилуј ме Боже, според Твојата голема милост“ (Псал. 50, 1) зашто „во грев ме зачна мојата мајка“ (Псал. 50, 5). Се вели дека Светиот пророк Давид секоја ноќ ја натопувал својата перница со солзи, каејќи се за своите гревови.

Светиот апостол Петар, пак кога згрешил и се одрекол од Христа нашиот Бог и Спасител, се вели дека целиот Свој живот, кога ќе слушнел петел да пее, плачел за својот грев.

Светиот апостол Павле, исто така, за своите гревови рекол дека не е достоен да се нарече Христов апостол, бидејќи своевремено ја гонел Црквата Божја (види 1. Кор. 15, 9).

Па така, да ги земеме примерите на оние кои пострадале за Христа и кои како покајници се вратиле во Царството Небесно, кои ги жртвувале своите животи за да се спасат себеси, бидејќи во Светото Писмо е кажано дека нашите човечки тела се создадени да бидат храмови на Светиот Дух. „Зар не знаете, – вели Светиот апостол Павле дека телата ваши се членови Христови“ (сп. 1. Кор, 6, 15).

Срамно е човек, телото свое да го изедначува со блудница или со блудник, зашто тогаш тие стануваат едно тело. Телата не се создадени да бидат едно со блудниците, туку се создадени да бидат едно со Христа, затоа што оние кои се со Христа, тие се со Христовиот Дух, со Светиот Дух.

Па така, браќа и сестри, да си спомнеме за сите оние што ги жртвуваа своите тела, кои не сакаа да се огрешат, како што не сакаше да се огреши и Светиот новомаченик Георгиј Кратовски, кој во својата младост на денешен ден, пострадал маченички во Софија.

Денеска го прославуваме овој наш светител, кој своето тело дозволи да му биде изгорено за да биде принесено како жива жртва на Бога, Спасителот наш Господа Исуса Христа. Амин! Нека е честит празникот и за многу години.

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар