Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“ во Ресен

На 27.09.2022 г., кога го празнуваме Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Господов, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Сотир Гочевски, протоѓаконот Драган  Ѓоргиевски и ѓаконот Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“, во Ресен.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Денес Создателот на созданијата и Царот на Славата, на Крст се распнува. Денес со копје се прободува и пие жолчка и оцет, Оној, Кој е сладост на Црквата. Денес на Оној, Кој го облекува небото со облаци, на главата Му ставаат венец од трња. Денес Оној, Кој со Своите раце го создал човекот, со нечисти и нечесни раце Го бијат и камшикуваат по плеќите. Денес Оној, Кој на човекот му дава изобилна храна и сè што му е потребно, неправедно е осуден да биде распнат на Крст и да биде плукан, шамаран по лицето, заради нас и нашето спасение“.

Денес, браќа и сестри, празнуваме двоен празник. Имено, денешниот празник, Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст на Христа нашиот Спасител и Бог, е востановен во чест на пронаоѓањето на Чесниот Крст од страна на Света Елена, мајката на Светот славен цар Константин, кој и дал слобода на Црквата Христова, која пред тоа била гонета од незнабожечките римски цареви. Ете, таа благословена жена, која го воспитала овој цар да и даде слобода на Црква и ја просветила целата западна хемисвера во тоа време, сега таа оди на Исток, сакајќи да ги посети Светите места, каде што христос Спасителот наш чекорел и правел чуда т.е. лекувал болни од секакви болести и воскреснувал мртви.

Света Елена, поттикната од желбата да го најде чесното Дрво т.е. Крстот Христов, се распрашала во Ерусалим, каде Тоа може да биде, па некој си евреин по име Јуда, според преданието, знаел каде се наоѓа Крстот, односно под едно многубожечко светилиште, посветено на некоја божица. Царицата тогаш наредила да се урне незнабожечкиот храм, каде нашле три Крста. Тогаш се случило чудо т.е. минувала поворка со мртовец, со цел да се открие кој е Христовиот Крст. Тогаш врз мртовецот ги положиле другите два крста, но ништо не се случило, но кога, врз него, го положиле Христовиот Крст, мртвиот воскреснал. Тогаш се утврдило кој е Христовиот Крст и веднаш бил подигнат на возвишено место, за да може целиот народ да го види и да му се поклонат. Ете, се исполниле зборовите на пророкот Давид, кој вели: „Во подножјето на Неговите нозе, ние се поклонуваме и Го славиме Неговото распнување и Неговото Славно Воскресение, по распнувањето и смртта“.

Потоа, Светиот и Чесен Крст, бил Воздигнат, пред кого се поклонил целиот народ. Понатаму, како што знаеме, Еврејскиот народ, честопати отстапувал од Бога, па заради тоа честопати го снајдувале страшни војни. За времето на царот Хозрој, кој го поробил Јудејскиот народ, од Светата Земја, ги однел сите богатства, меѓу кои и Чесниот Крст на Христа Спасителот. Потоа во VII век т.е. во 614 година, царот Ираклиј, се кренал против овој цар и го победил, и назад ги вратил сите богатствата, меѓу кои и Чесниот и Животворен Крст Христов, кој сакал да го врати на своето место, каде што Христос бил распнат на Голгота, но кога дошол во градот облечен во царски облека, не можел понатаму да оди. Тогаш патријархот видел Ангел Божји, кој го спречувал царот да оди и му рекол: „Не можеш царе така облечен во свечени царски облеки, да го однесеш Крстот, на местото каде што Христос бил распнат. Треба босоног и во бедна облека да го носиш Крстот“. Тогаш царот, ги симнал царските алишта и се облекол во парталави алишта и бос го понел Крстот, на местото каде што бил распнат Христос нашиот Бог и Спасител. Тогаш сите се поклониле на Чесното и Животворно дрво т.е. на Христовиот Крст, преку Кого нам ни дојде спасението, како што читаме во Светото Писмо, Светото Предание и во богослужебните книги.

Да размислиме, браќа и сестри, како дошло до тоа, Христос да биде распнат на Крст. Знаеме дека Господ го создал човекот не за умирање, туку за вечен живот. Бог, создавајќи го човекот, му дал сè што е потребно за живот, но исто така му дал и заповед да не јаде од дрвото на познавањето на доброто и злото. Ете, таа заповед нашите прародители Адама и Ева ја прекршија и умреа, како што вели Светиот апостол Павле: „Адам згреши и умре, а преку Адама и ние згрешивме и умревме“. Потребно беше да дојде Новиот Адам, Синот Божји, Кој предвечно од Отецот се раѓа, за да го спаси човечкиот род.

Во Стариот Завет, браќа и сестри, имаме многубројни пророштва за доаѓањето на Христа нашиот Бог и Спасител. Исто така, во Стариот Завет, имаме праслики и за Христовиот Крст, Дрвото преку кое сатаната ја прелажа и измами Ева, токму преку истото тоа Дрво, односно Крстот, ќе биде прелажан и сатаната.

Старозаветните патријарси и пророци, секогаш го нагласуваа тоа дека спасението ќе дојде преку распнувањето на Крст на Синот Божји, Кој заради нас луѓето и заради нашето спасение, прими човечко тело, поживеа со луѓето, доброволно пострада т.е. беше неправедно осуден на смрт, за со Својата смрт, да го победи сатаната и да ни дарува вечен живот.

Во Стариот Завет, имаме прекрасни примери за Светиот Крст. Да си споменеме за Јаков, кој кога ги благословуваше своите синови, ги благослови кртообразно. Понатаму да  си спомнеме за Еврејскиот народ, кој падна под Мисирското ропство, од кое го изведе Светиот пророк Мојсеј, а како знак дека ќе биде победен непријателот, беше Пасхално јагне, кое го јадеа со горчливи јадења, со чија крв крстообразно беа обележувано сите Еврејските домови, со цел да не бидат погубени првородените младенци, зашто Пасхално јагне, Го прасликуваше или преобразуваше Христа нашиот Бог и Спасител.

Тие ставаа Крст на прагот од секој еврејски дом, кога мисирскиот народ беше погоден од оние десет големи казни. Па така, при излегувањето од Египет, Евреите не можеа да излезат, без Крстот, зашто се вели дека Мојсеј направи Крст и Црвеното море се раздели на два дела, па Евреите поминаа како по суво.

Во пустината, браќа и сестри, Еврејскиот народ имаше многу страдања. Се вели дека во Мера, Мојсеј направи дрвен Крст и го фрли во горчливата вода, и таа стана слатка. Понатаму Мојсеј самиот себеси се преобрази како Христос, кога во пресрет му идеше Амалик за да го уништи Еврејскиот народ, па тогаш Мојсеј ги рашири рацете, направи Крст и сè додека се молеше, Еврејскиот народ напредуваше во војната и го победи Амалик, својот непријател.

Исто така, браќа и сестри, кога Светиот славен патријарх Авраам, ги прими тројцата патници, кои ги претставуваат Трите Лица на Бога Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, Кои прекрасно се изобразени од страна на преподобниот Андреј Рубљов. Имено, на иконата од Андреј Рубљов, Христос е изобразен на средината, а над него е Дрвото, на кое е Распнат, а од Неговата десна страна, се наоѓа Отецот, а од левата, пак, Светиот Дух. Тие заедно гледајќи еден кон друг, прават еден вечен круг на совршена љубов, зашто Бог е љубов.

И ете, сите овие нешта говорат за тоа дека Крстот, е спасение на човечкиот род. Затоа ние во црковните песни пееме: „Крстот е чувар на вселената, Крстот е украс на Црквата, Крстот е тврдина и сила на царевите“, како што бил сила и  за Светиот цар Константин и за Светиот цар Јустинијан, кој го свикал Петто-шестиот Вселенски Собор, кој е наш Македонски цар, роден во селото Таор, кое се наоѓа во близина на Скопје.

„Крстот е слава на Ангелите, но и рана за демоните“. Освен Крстот, ние немаме друго оружје против сатаната. Нас сатаната нè уби преку Дрвото со кое ги прелага нашите прародители Адама и Ева, па така, тоа дрво на кое беше убиен човечкиот род, требаше да се исцели и излекува, но не можеше на друг и поинаков начин, освен со Светото Дрво т.е. Крстот Христов, на кој Христос беше распнат и ја пролеа Својата Света Крв, и со тоа го уби оној, кој нас нè уби.

Затоа се вели дека кога Евреите четириесет години патувале од Мисир до Ветената Земја и во пустината биле каснувани од змија, Мојсеј наредил да направат змија од бакар, за луѓето кога ќе бидат каснати од змија, да погледнат на таа змија, и кој ќе поверува, се спасувал. Луѓето од отровни змии не можат да се спасат ако не добиат серум т.е. отров од слично отровно животно. Евреите се спасувале преку верата во крстното (бронзеното) дрво, кое е праслика на Светиот и Животворен Крст, на кој е убиена змијата – сатаната.

Денес, браќа и сестри, многумина говорат за последните времиња и за тоа кога ќе ќе дојде крајот на светот. За тоа никој не знае, бидејќи Самиот Христос рекол: „Никој не знае за тоа, освен Самиот Бог“. Единствено само Бог знае кога Христос ќе дојде повторно на земјата, за да им суди на живите и на мртвите. Но ние имаме денеска сектанти, кои прават поделби во Црквата, со тоа што ни велат дека бргу е доаѓањето на Спасителот и сите сакаат да ги заблудат во тоа. Нивната цел е луѓето повеќе да мислат на Христовото повторно доаѓање, отколку на спасение на своите души. Нам нема да ни се суди според тоа кога Христос повторно ќе дојде на земјата, туку според тоа како ќе го завршиме нашиот живот на земјата.

Имено, Свети апостол Павле вели: „Човекот еднаш мора да умре, а потоа суд“. Нам ќе ни се суди веднаш по нашата смрт, кога на секого ќе му се определи каде ќе биде т.е. дали во времениот ад, кој понатаму станува пекол, или во времениот рај, кој е Царството Небесно.

Ете, тоа мора да го разбереме, а сите оние, кои ви проповедаат дека треба да мислите само на Второто Христово доаѓање, а не на своето спасение, се во заблуда.

Што бара, браќа и сестри, Господ Исус Христос за возврат од нас? Од нас грешните и недостојните, Господ не бара ништо друго, освен нашето срце, како што вели псалмопевецто: „Дај ми го твоето срце“. Ако ние му го дадеме нашето срце на Бога, тогаш знајте дека ќе се спасиме. Господ од нас бара послушно срце, па затоа ако ние Му го предадеме нашето срце на Бога и живееме според Божјите Заповеди, тогаш можеме да очекуваме дека ќе се спасиме.

Само уште два збора да кажам, за она што ни се случува во Преспа. Секоја година, а особено последниве години, градот масовно ни ги уништува плодовите. Се прашуваме зошто? Оти денеска малку нè има во храмот на Божествената Литургија, кога ги благословуваме овие плодови јаболката.  Очекував денес да има повеќе луѓе, отколку кога се наддаваат Крстовите. Денес малкумина нè  има во храмот Божји, кога треба да се молиме на Бога, да не ни го уништува плодот. Градот ни ги уништува плодовите, бидејќи работиме на празник, па затоа ни е празна работата. Треба да не се работи во недели и празници, ако сакате градот да не ви ги уништува плодовите, односно јаболката, туку да бидеме в црква.

На овој ден, овде е местото каде треба да се собереме да се молиме на Бога, за да се благословат плодовите, и на тој начин да добиеме благослов од Бога и да ни ги заштити плодовите. Јас мислам така, а ако грешам, Господ нека ми прости. Ако сум во право, да се поучиме сите и во иднина да бидеме присутни сите на Божествените Литургии. Амин!

Честите нека е и за многу години празникот.

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар