Влегувањето на Спасителот Господ Исус Христос во Ерусалим (Цветници) – Света Архиерејска Литургија во Битола

На 17.04.2022 г., во недела посветена на Влегувањето на Спасителот Господ Исус Христос во Ерусалим, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Кирил Трајковски и протоѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денес Христос, браќа и сестри, од Витанија доаѓа во Ерусалим, каде што вчера, го воскреснал од мртвите четриридневниот Лазар, неговиот пријател, за кого рекол: „Лазар не умре, туку заспа“ (сп. Јован 11, 11). Па така, кога дошол во Витанија, сестрите Лазареви, Марта и Марија, Му рекле: „Да беше Ти Господи тука, немаше нашиот брат Лазар да умре“ (сп. Јован 11, 21), а Христос ги утешува, велејќи им: „Не умре, туку заспа“ (сп. Јован 11, 11).

Ете, кога Христос дошол на Лазаревиот гроб, му рекол на Лазара: „Лазаре стани“(сп. Јован 11, 44), и Лазар, кој веќе четири дена бил мртов и чие тело веќе било замирисано, станал од гробот и излегол жив.

Ова чудо, браќа и сестри, ги вознемирило книжниците, фарисеите и старешините, кои во Христа не гледале Месија, Бог и Спасител, туку обичен човек, кој Себеси се претставува за Бог.

Токму заради тоа т.е. заради воскресението на Лазара, како што слушнавме од Светото Евангелие, тие сакаат да Го убијат и Него и Лазара. Кога Господ со Своите ученици доаѓал во Ерусалим и застанал на Елеонската т.е. Маслиновата Гора, од каде како на подножје му бил ставен Ерусалим, Христос го видел народот, кој бил собран и на цел глас викал: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Oној кој доаѓа во името Господово“ (Псал. 117, 26-27).

Ете, и малите деца, а и оние што сеуште не зборувале т.е. доенчињата (цицалчињата), почнале да викаат: „Осана на Синот Давидов“ (сп. Псал. 117, 27), фрлајќи пред Него палмови гранчиња. А ние, браќа и сестри, немаме палмови гранчиња, па затоа осветуваме врбови гранчиња, затоа што врбата најрано цути кај нас.

Ете, луѓето пред Христа ги соблекувале и фрлале и своите облеки, во смисла го соблекувале и фрлале стариот гревовниот човек. На тој начин, тие Му правеле чест на Господа при Неговото влегувањето во Ерусалим како на цар, зашто Евреите, кои им робувале на Римјаните, сакале да дојде цар, па токму во Христа нашиот Бог и Спасител, тие гледале земен, а не небесен цар.

Но Христос, браќа и сестри, не сакал да му прават почести, бидејќи бил смирен и кроток, како што пророкува Светииот пророк Захариј, кој вели: „Радувај се, ќерко Сионова, весели се и радувај се од сè срце, ќерко Ерусалимска, зашто кон тебе доаѓа Синот Божји, (се мисли на Христа нашиот Бог и Спасител), Кој е кроток и смирен и Кој јава на осле“ (Соф. 3, 14).

Ете, тоа го кажува Светиот пророк Захариј за овој настан т.е. за влегувањето на Христа во Ерусалим. Христос, и овој пат не се спротивставил на почестите кои Му ги оддавале како на земен политички цар, а не како на небесен цар, зашто Господ е царот на славата, и царевите преку него царуваат.

Христос Синот Божји, Кој е во прегратките на Отецот и Кој по благоволението на Отецот, доброволно посака да стане човек и во сè да се изедначи со нас луѓето, освен во гревот, за да ја подигне нашата падната човечка природа, поради првородниот грев на нашите прародители Адам и Ева, кои од непослушност, сакајќи да станат богови, без Бога, паднале во грев и останале без Бога.

Затоа Христос дошол, за таа падната човечка природа, која била под ропството на гревот и смртта, да ја подигне. И не можел поинаку да ја подигне, освен Себеси да се понижи до таа мера, да се роди во пештера, во јасли да биде положен заради нас и заради нашето спасение. Синот Божји, иако се раѓа во понижена состојба, Неговата слава се покажува преку песната на Ангелите: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“ (сп. Лука 2, 14). Понатаму Спасителот Христос живее и расте како сите деца што растат, но за Неговиот детскиот живот, ништо посебно не се говори во Светото Писмо и Светото Предание, освен за оној настан, каде како осум годишно дете, седи во Синагогата и ги поучува Еврејските старешини во Законот Божји, кои се чудат на Неговото знаење.

После овој настан, Христос не говори и не проповеда ништо, сè додека според Еврејскиот обичај, не се наполнат триесет години, кога имал право на учителска, првосвештеничка и пророчка дејност, за да ја покаже Својата сила и Своето назначување како Син Божји на земјата.

И ете, Христос кога доаѓа во Ерусалим, каде Еврејскиот народ Го пречекува како цар, Он наместо да ликува на сето тоа, се случува спротивното, зашто Христос во тој момент, не го гледа Ерусалим во неговата прекрасна убавина, туку гледа нешто друго т.е. гледа како се урива целиот Ерусалим и од него ништо не останува, освен камења и пустина. Ете, токму затоа плаче Христос нашиот Бог и Спасител и вели: „Ерусалиме, Ерусалиме, кој си најпрекрасен меѓу градовите, до темели ќе бидеш урнат и камен на камен од тебе нема да остане“.

Ова пророштво, кое го претскажал Спасителот Господ Исус Христос, се исполнило само по триесет и седум години, кога римските војсководци Веспасијан и Тит, дошле со своите легии и до темел го урнале Ерусалим, а потоа во близината на Ерусалим изградиле едно гратче по име Елија Капитулина, според војсководецот Елие.

Па така, Еврејскиот народ, не Го пречекал Христа како небесен цар, кога Он влегувал во Ерусалим, туку како земен и политички цар, кој ќе направи силна Еврејска држава и ќе ги пороби сите народи. Тука всушност е грешката на Еврејскиот народ, кој се возгордеал и не покажал покајание како Нинивјаните, кои се покајале за своите гревови. Затоа, браќа и сестри, Христос вели: „Ерусалиме, Ерусалиме, зошто не се враќаш и не доаѓаш кон Мене, ти што ги убиваше и затрупуваше со камења пророците!“.

И токму тој народ, кој сега на цел глас вика: „Осана на Синот Давидов“, (сп. Јован 12, 13), само по неколку дена, истиот тој народ, на сиот глас, ќе почне да вика: „Распни Го, распни Го!” (Јован 19, 6).

Затоа, браќа и сестри, Христос плаче, но плаче и за нас, кои постојано Го распнуваме со своите гревови. Плаче Христос и за државните првенци, кои наместо да ја управуваат државата правилно и да спроведуваат правда, чест и достоинство, тие го покажуваат спротивното т.е. неправдата, сила и закани. Христос плаче и за нас свештенослужителите, почнувајќи од нас владиците, па до вас верниците. Зошто? Затоа што можеби и ние доволно не си ја извршуваме нашата свештена служба во поуките, советите и во сè она што ни е должност за да ве спасиме вас, но и за вас верниците, кои не сакате да слушате, кога ние од амвонот ве поучуваме во името на Христа нашиот Бог и Спасител.

За сите нас Христос, Кој никогаш во животот не се насмеал плаче, но затоа, пак, два пати заплакал, еднаш на вчерашниот ден, кога Му соопштиле дека умрел Неговиот пријател Лазар, и денеска кога го видел Ерусалим.

Христос, Кој вели: „Зошто не го препозна Ерусалиме Моето доаѓање? Зошто не узна во кој ден ќе те посетам“, затоа плаче.

Господ Го посетува Ерусалим, за Ерусалим т.е. Евреите да се покајат за своите гревови, кои своевремено ерусалимскиот храм направиле ајдучка пештера, па Господ откако им ги растурил масите на трговците и на парите менувачите, направил камшк и сите ги истерал од храмот.

Христос, Кој бил кроток, кога Го тепале, не возвраќал, гледате сега ревнува за храмот Божји, па ги тепа и брка трговците од храмот Божји.

Таков е Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој очекува покајание, кое го немало кај Еврејскиот народ, па затоа вели: „Зошто не го узна Ерусалиме денот како те посетив“. Истото тоа се однесува и на нас, браќа и сестри, зошто и ние не узнаваме и не разбираме дека Господ нè посетува нас на различни начини. Господ нè посетува кога ќе се разболиме или кога некои наш близок во семејството: татко или мајка, брат или сестри, жена или деца ќе се разболи, очекувајќи покајание.

Сега, пак, кога се соочуваме со оваа опасна болест Kovid-19, од која имаме повеќе од четири ипол илјади починати во нашата Татковина Македонија, и со тоа сме први во светот по смртност, но сепак ние не узнаваме дека Бог не посетува за да се покаеме за гревовите, туку напротив беснееме и живееме во гревови.

Ете, затоа Господ вели: „Зошто не го дознавте денот во кој ве посетив“. Господ нè посетува и тогаш, кога ќе отидеме кај свештеникот на исповед и искрено ќе се покаеме за сè што сме згрешиле и ќе дадеме ветување дека повеќе нема да грешиме т.е. нема да правиме барем смртни гревови.

Господ нè посетува и тогаш, браќа и сестри, кога се подготвуваме да се причестиме и да се соединиме со Христа нашиот Бог и Спасител. Затоа ние мораме да Го разликуваме Телото и Крвта Христови, од обичниот леб и обичното вино, зашто оној што не го разликува Телото Христово од обичниот леб и Крвта Христова од обичното вино, тој нема вера во Бога.

Такво треба да биде нашето покајание и нашето узнание за посетата на Христа нашиот Бог и Спасител.

Христос Спасителот, влегувајќи во Ерусалим, ни укажува на тоа дека треба да се покаеме за нашите гревови, бидејќи настапува Страсната седмица, кога Христос нашиот Бог и Спасител ќе биде од сите страни напаѓан и искушуван.

Христос нашиот Бог и Спасител, ќе биде тепан, шамаран, плукан, трнов венец ќе Му стават на Неговата глава, Крстот ќе Му Го дадат да го носи, неправедно ќе биде осуден, на Крст ќе биде распнат заради нас и заради нашето спасение и во најстрашни маки ќе ја испушти душата за нас грешните, од постанокот, па сè до крајот на светот, за да нè ослободи од гревот и смртта, земајќи ги врз себе гревовите од сите луѓе, а, пак, дали ќе се спасиме, не зависи од Христа, туку зависи од нас. Ако длабоко се покаеме за нашите гревови, Господ ќе нè подигне од нашата гревовна постела и ќе нè избави од гревот и смртта, но ако не се покаеме, тогаш самите ќе се погубиме, зашто повеќе ќе се приврземе кон земното, материјалното и преодното, отколку кон небесното.

Да не заборавиме дека нашата вера е крстовоскресна. Нема вера, браќа и сестри, во која нема страдање, па ете, ако Христос пострадал заради нас, тогаш и ние да пострадаме заради нашите гревови. Ако Христос пострада заради нашите гревови, тогаш ние заради тоа што Он ги зеде врз Себе нашите гревови барем да покажеме љубов кон Господа.

И така, преку покајание, пост и молитва, да се удостоиме да го дочекаме славното Христово Воскресение – Велигден, во веки веков. Амин!

Честит нека е празникот и за многу години!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар