Триесетта недела по Педесетница (Недела пред Богојавление) – Света Архиерејска Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“ во Довлеџик

На 16.01.2022 г., во Триесеттата недела по Педесетница, кога го празнуваме споменот на Светиот пророк Малахија, Светиот маченик Гордиј и Света Геновева, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на ерејот Игор Ризановски и ѓаконот Ѓорѓи Делев, отслужи Света Божествена Златоустова Литургија во храмот „Свети Архангел Гаврил“, во Довлеџик.

На Божествената Литургијата, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Се слуша гласот на оној, кој вика во пустината: Подгответе го патот и израмнете ги патеките на Оној, Кој доаѓа!“ (сп. Лука. 3, 4).

Кој е оној што вика во пустината, браќа и сестри? Тој е всушност Ангелот, за кој старозаветниот пророк Малахиј вели: „Еве го испраќам Ангелот пред Твоето лице“ (сп. Мал. 3, 1), се мисли пред Христа нашиот Бог и Спасител.

Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител Господов, е оној за кого говори денешното Свето Евангелие, кој е син на првосвештеникот Захариј и Елисавета,  роднината на Пресвета Богородица, кој уште како мало дете останал сирак. Неговиот татко бил убиен од Ирода, а неговата Мајка, Света Елисавета, веднаш по раѓањето, откако успеала да го спаси во една планина, во пештера, која сама се отворила. По кратко време и мајка му умрела.

Свети Јова Крстител, возљубени, уште како дете лазаче го започнал својот живот во Јорданската пустина, која му била школата на неговиот живот, сè до времето кога доаѓа во светот на триесет годишна возраст. И токму во таа пустина, каде летата биле неподносливо жешки, а зимите студени, каде ништо за храна не се раѓа, ете таму израснал и се исчеличил Свети Јован, Пророк, Претеча н Крстител, како што читаме од Светото Писмо. Облеката на Свети Јован Крстител била наметка од кожа од камилски влакна и кожен појас околу половината, со кој се препашувал, а се хранел со див мед и скакулци. Па така, тој во пустината станал цврста и јака телесна и духовна личност.

Како што во пустината се пусти бреговите и долините, бидејќи таму ништо не се раѓа, такви пусти биле и душите на Еврејскиот народ, каде што Свети Јован дошол да проповеда покајно крштение, за прошка на гревовите, викајќи со силен глас: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ (сп. Мат. 3, 2).

Па така, народот почнал масовно да се собира на реката Јордан и да го слуша гласот на Свети Јован Крстител, кој без никаков поговор бил потребен во тоа време кога човештвото било паднато многу ниско. Ете, во таква гревовна состојба се наоѓал Еврејскиот народ, во која што и ние денес се наоѓаме, после две илјади години од Христовата проповед.

Народот доаѓал и се крштевал на реката Јордан и ја слушал проповедтта на Свети Јован Крстител, кој на војниците им велел: „Немојте да земате повеќе од она што ви е вам дадено и бидете задоволни со платата“ (сп. Лука 3, 14), а истото важело и за цариниците т.е. за оние што го собирале данокот, како и денес оние што го собираат данок, кои земаат повеќе од потребното, особено преку мито и корупција, почнувајќи од оние што се во власта, кои ретко до крај остануваат чесни, како што сношти слушнавме во онаа шеговита емисија „Зевзекманија“, каде што од десетмина испитаници на прашањето: Дали, кога би станале министри, ќе вработите од своите најблиски, иако не се достојни за тоа или некое повисоко место? Па од десетмина испитаници, само една жена на крајот кажа дека таа никогаш нема да дозволи, па дури и својот син да биде вработен на некое работно место, сè додека не бидат вработени оние што имаат предност за таа работа (работно место).

Ете, значи ние сме можеби во полоша духовна состојба, од луѓето што биле во тоа време. Но тие прашувале што да прават, а денеска луѓето кои се на власт не прашуваат. Грешниците не прашуваат што да направат, туку гледаат како да измамат, како да злоупотребат, како да направат повеќе тендери за да се збогатат, без да им трепне око за сиромаштијата на оној, кој страда, кој едвај чека да сврзе крај со крај.

Па така, Свети Јован народот го поучувал како да се однесуваат, а кон книжниците и фарисеите, кои доаѓале кај него, бил немилосрден кон нив, велејќи им: „Породи змиини, кој ви кажа да бегате од гневот што иде на вас? Принесете достоен плод на  покајание“ (сп. Мат. 3, 7-8) т.е. им велел вистински да се покајат за нивните гревови, а не да бидат како бреговите во пустината, за кои светиот пророк вели дека треба да се израмнат и снижат т.е. да се снижи човечката гордост.

Ете, таква била проповедта на Свети Јован, Пророк, Претеча и Крстител, со која го подготвувал народот за доаѓањето на Месијата, на Спасителот наш Господа Исуса Христа.

Па така, браќа и сестри, откако Свети Јован почнал да проповеда покајание и да крштева на реката Јордан со покајно крштение, народот почнал масовно да доаѓа да го слуша и да се подготвува за доаѓањето на Спасителот Господа Исуса Христа, чие Раѓање, заедно се празнувало во првите три века со празникот Богојавление, бидејќи и Раѓањето на Христа, е јавувањето на Бога во тело, а Крштението, е јавување на Светата Троица при крштевањето на Христа  нашиот Бог и Спасител.

Ете, токму за тоа дошол Свети Јован, за да Му претходи на Оној што ќе дојде, а Он всушност е Спасителот наш Христос, за кого Свети Јован, Пророк и Претеча вели: „По мене доаѓа Оној, Кој е поголем од мене, на кого Јас не сум достоен, да му ги одврзам ремењата на Неговите обувки“ (сп. Мат. 3, 11). “.

Всушност, на Христовото Крштение на реката Јордан, се јавува Триединиот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, а со ова јавување, практично е докажано, дека нашата вера не е измислена. Зошто? Затоа што нашата вера, не е религија, како што некои денеска велат.

Религиите, браќа и сестри, веруваат во некој апстрактен бог, кој е некаде таму далеку горе на небото, кој нема никаква врска со нас кои сме на земјата. Па така, луѓето на земјата, треба да го умилостиват тој што е небото преку правење разни ритуали или магии, за тој да им се смилува. Нашиот Бог не е таков, бидејќи нашиот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, е Бог, Кој што нам ни се јавува, а нам за да ни се јави Бог, ние треба да се подготвиме. Никој не може да го види сонцето, ако има болни очи. Слепите неможат да го видат сонцето со своите телесни очи, но има многу слепи, кои со духовните очи, гледаат многу повеќе од нас, оти им се отворени духовните очи да го видат Бога.

Па така, секој што сака да Го види Бога, треба да си ги подготви своите духовни очи, а тоа значи да си го очисти срцето од секаква душевна нечистотија, од секакви грешни желби, похоти, страсти и грешни чувства. Исто така треба да си го запази и умот од секакви грешни мисли, помисли и фантазии.

Ете, таквите луѓе, кои така се подготуваат, можат да Го видат Бога.

А оние кои велат: „Тогаш кога ќе Го видам Бога, тогаш ќе поверувам“. За таквите ќе го кажеме следново: Како што телесно слепиот не може да го види она што се гледа со здрави телесни очи, со помош на создадената светлина, така и духовно слепиот човек, не може да Го види Бога, без здрави духовни очи со помош на духовната несоздадена светлина – благодатта.

Па така, Светиот Јован, Пророк, Претеча и Крстител Господов, го подготвувал народот за Христовото доаѓање со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 3, 2), а на фарисеите и садукеите им вели: „Секирата веќе лежи при коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган“ (сп. Мат. 3, 10), а тоа значи секој човек, кој не прави  добри дела и не верува во Христа нашиот Бог и Спасител, во Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, тој не може да се спаси, колку и да е добар. Добрината сама по себе, не го спасува човекот, туку прво е потребна чиста и правилна вера, а потоа и добри дела според верата, како што вели Светиот Јаков, брат Господов: „Верата без дела, е мртва“ (сп. Јак. 2, 20). И нашата вера, ако нема добри дела, е мртва.

Возљубени браќа и сестри, Црквата нас нè подготвува за празникот што следи, а тоа е Богојавление или Теофанија на грчки т.е. јавувањето на Светата Троица, на Отецот и Синот, и Светиот Дух, за достојно да го пречекаме т.е. преку длабоко покајание и исповедање на нашите гревови, кое всушност е второто  наше таканаречено крштение. Како што при првото крштение, кога ние сме се крстиле во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух, како возрасни или во наше име нашите кумови рекле: „Се откажувам од сатаната и од сите негови дела, од сета негова гордост и од сето негово служење“, значи сме се откажале од сатаната и сме се соединиле со Бога, така и при второто крштение (покајанието), ние се откажуваме од грешните дела кои сме ги направиле под дејство на сатаната и се соединиме со Бога.

Ете, токму тоа е и суштината на денешното Свето Евангелие. Затоа, браќа и сестри, ние треба да разбереме и да сфатиме дека ние денеска сме можеби во полоша состојба Еврејскиот народ т.е. од книжниците, фарисеите и садукеите, кога требало да дојде Христос нашиот Бог и Спасител. Да не заборавиме дека Христос кога дошол да проповеда меѓу Еврејскиот народ, Негова проповед ја започнал со овие зборови на Свети Јован Крстител: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ (сп. Мат. 4, 17).

Свети Јован вели: „Јас ве крштевам со вода за покајание, но Оној што иде по мене, е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги одврзам ни врвките на обувките, Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган“ (Сп. Мат. 3, 11).

Христовото Крштение, браќа и сестри, е оган, кој ги гори гревовите на оние кои се каат, но е оган, кој ги  гори и оние кои не се каат. На оние кои што се каат, им ги гори гревовите, и тие со изгорени т.е. очистени гревови, како што златото се прочистува во огнот, влагуваат во Царстовото Небесно. А грешниците, кои не живеат праведен живот и не се каат за своите гревови, вечно ќе горат во тој незгаслив оган, и никогаш нема да изгорат во адот, а по Второто Христово доаѓање т.е. по Страшниот Суд, и со душата и со телото, ќе горат во пеколот.

Денес ние, браќа и сестри, кога сме соочени со оваа смртоносна болест Kovid-19, повеќе од деведесет посто од луѓето, мислиме само за телесниот живот т.е. да се спасиме и да не умреме од оваа болест, а на вечниот живот не мислиме. Оваа болест ни се праќа за да размислиме дека тука на земјата ќе умреме без поговор. Тука никој нема вечно да живее. Кажете ми еден човек, кој се родил, а не умрел, освен двајцата старозаветни пророци Енох и Илија, кои се родиле и не умреле, но и за нив е речено дека кога Христос повторно ќе дојде да им суди на луѓето, тогаш и тие ќе умрат т.е. ќе преминат од овој во оној свет. Што значи нема човек, кој што нема да умре, зашто дури и Христос нашиот Бог и Спасител, Кој примил човечко тело заради нас и заради нашето спасение, доброволно пострадал и умрел заради нас, но со Својата смрт, ја победил смртта и Воскреснал во третиот ден според Писмото, а потоа се Вознел на небесата во четириесеттиот ден, прославувајќи ја нашата човечка природа.

Што значи, ние не треба да се грижиме за тоа колку ќе живееме тука на земјата т.е. дали уште некој ден, некоја недела, некој месец или година. Што фајде од тоа, браќа и сестри, ако некој живее сто и дваесет или сто и педесет години во гревови, кога нема да го наследи Царството Небесно.

Ете, да си спомнеме и за оние четиринаесет илјади деца, првите маченици, кои пострадаа за Христа, кога Ирод ја бараше душата на Богомладенецот. Овие деца, од две години па надолу, кои станаа маченици за Христа, се молат за прошка на нашите гревови. Ете, гледаме како некои само што излегле од утробата веќе станале светители, а некои ќе живеат и сто и дваесет години во гревови и нема да го наследат Царството Небесно. Не е битно кога ние ќе умреме, битно е како ќе умреме, зашто е кажано: „Нема да ни се суди според годините на нашиот живот на земјата, туку ќе ни се суди според нашата гревовна состојба кога ќе умреме“. Во какава состојба ќе не затекне смртниот час, во таква состојба ќе ни се суди, и на времениот, и на вечниот Суд, браќа и сестри. Може да има некое подобрување, ако Црквата се моли за покојните, за да им се ублажат болките на оние што се во адот или геената или пак, на оние што се во времениот рај, да им биде уште подобро.

Ние, браќа и сестри, достојно треба да се подготвуваме и за големиот и спасоносен празник Богојавление или Водици. Не случајно Црквата, пред Богојавление ни дала и строг пост т.е. утрешниот ден, кој е именуван како Водокрст, е строг пост. Имено утре не треба да се јаде масло, но многумина на утрешниот ден не јадат дури ни леб, па затоа тој ден е наречен уште и Нејатка (од нејадење или постење без оопшто да се јаде тој ден). Зошто? Затоа што скоро секој голем празник, кој ние го дочекуваме, е со некаков пост, подвизи и покајание, за да можеме да го доживееме тој празник како вистински празник и длабоко да го почувствуваме во душите и срцата. Кога постиме духовно, а и телесно, тогаш ние знаеме што правиме т.е. знаеме дека ни доаѓа голем празник, па затоа ги очистуваме срцата и ги просветлуваме нашите умови, за да можеме да го видиме Оној, Кој нам ќе ни се јави во вторник на Богојавление т.е. Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Да се помолиме, браќа и сестри, на денешните славеници т.е. на Седумдесетте Апостоли, на преподобниот Теоктист и на преподобниот маченик Онуфриј, на кои денес споменот им го празнуваме, по нивните Свети молитви, Господ да ги очисти нашите срца и да ги просветли нашите умови, за достојно да можеме да го видиме Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар