Свети Георгиј Победоносец – Света Архиерејска Литургија во Ресен

На 06.05.2022 г., кога го празнуваме споменот на Светиот великомаченик Георгиј Победоносец, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослушение на протоереите Сотир Гочевски, Михаил Матвеев, Горан Кутлешовски, протоѓаконите Драган Ѓоргиевски и Константин Сековски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Свети Великомаченик Георгиј“, во Ресен.

На Божествената Литургијата, Митрополитот г. Петар, во протоѓаконски чин благоволи да го произведи ѓаконот Константин Сековски.

Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Христос Воскресе! Навистина Воскресе!

„Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазија, и вашите ќе ги запазат!“ (сп. Јован 15, 20).

Денес, браќа и сестри, го славиме Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, кој се родил во Кападокија. Многу рано останал без татко, а неговата мајка го воспитала во нашата Света Православна Вера. Свети Георгиј многу го засакал воинствениот живот и се истакнал во римската војска меѓу најславните војсководци, па заради тоа добил висока положба во војската, нешто како полковник или војвода, заради што бил засакан и од тогашниот цар Диоклецијан.

Времето во кое живее Свети Георгиј, браќа и сестри,  е време на гонење на христијаните, па тој како христијанин, кој длабоко Го носел Бога во својата душа и срце, не можел да ги поднесе и да ги гледа гонењата на христијаните, затоа одлучил јавно, на една прослава, да ги жигоса постапките не само на оние што директно ги гонеле христијаните, туку и на самиот цар Диоклецијан. Тогаш еден од војсководци на царот Диоклецијан, му се спротивставил и му рекол: „Како ти смееш со каква смелост да говориш против римските божества, па и против царот“, но Свети Георгиј од тоа не се исплашил. Тогаш царот лично сакал да зборува со него и да го убеди да остане и понатаму во војската, задржувајќи го своето место и положба. Царот на татковски начин сакал да му се обрати дека тој треба да ги почитува законите и боговите на Римската Империја, на што Свети Георгиј му одговорил: „Ти треба цару да разбереш и сфатиш дека јас не сум тој што треба да ги почитувам боговите и да им принесувам жртви, туку ти треба да разбереш и сфатиш дека постои Троичен Бог, Отец, и Син, и Дух Свети, кому треба да Му се поклониш“.

Свети Георгиј Победоносец, браќа и сестри, без никаков страв  го разобличувал гонењето на христијаните, уривањето на црквите, палењето на христијанските книги, мачењето на христијаните на разни начини т.е. со фрлање пред животните во колосеумите за да бидат изедени, со ставање и горење на клада, со ставање на олово во устата и ушите, со бичувања, со живо дерење, со убиства, со колење и.т.н.

Ете, тоа е времето во кое што живеел Свети Георгиј Победоносец т.е. последното десетто гонење на христијаните за време на царот Диоклецијан, а првото гонење се случило од 64 до 67 година во времето на царот Нерон. Тоа е всушност времето кога за нашата Света Православна Вера пострадале Светите апостоли Петар и Павле.

Кога христијаните биле дури убивани, делови од нивните тела биле користени  како факели да горат по улиците и парковите. Голем дел од тие мачења, големи измачувања и страдања, се случувале во Римскиот Колосеум, кој денеска е едно запоставено и запуштено место, каде што римјаните уживале да гледаат како христијаните се убивани и јадени од дивите животните. Тоа е времето во кое што живеел Свети Георгиј Победоносец, а исто така страшни се и гонењата и за времето на царот Септимиј Север во 202 година. Во текот на владеењето на римските цареви од првите векови на христијанството, се редат безброј милиони христијани, кои пострадале за нашата Света Православна Вера.

А за тоа како тие страдале и дали тоа тие го поднесувале со радост или со страв, ни говори апологетот Тертулијан од II век на Црквата Христова, кој вели: „Крвта на христијаните стануваше семе за нови христијани“. Ако денес убивале десет христијани маченици, веднаш стотици ќе станеле нови христијани. Да си спомнеме дека дури и жените на царевите станувале христијанки.

Заради таквата силна вера на Црквата Христова, ништо не можело да ги спречи христијаните што е можно повеќе да страдаат за верата. И пак се поставува прашањето: кои христијани страдаа и од кој возраст?. Деца од најмалата  возраст, браќа и сестри. Првите маченици за Црквата Христова, се Витлеемските деца од две години па надолу, кои беа убиени по наредба на царот Ирод, сакајќи меѓу нив да го пронајде и убие како Богомладенец Христа нашиот Бог и Спасител. Потоа безброј деца настрадале за нашата Света Православна Вера, во времето на сите гонења, кои се маченици и се молат на Бога за нас и нашето спасение, а и ние ним им се молиме, да се застапуваат за нас пред Бога.

Да си спомнеме исто така дека не страдале само оние кои што биле сиромашни, туку и богати, кои имале огромно богатство, кои потоа своето богатство го раздавале на сиромаси, сираци, вдовици, болни и на сите оние што имале потреба од него. Таков бил и Свети Георгиј Победоносец, кој пред да го положи својот живот за Христа нашиот Бог и Спасител, сето свое богатство што го имал, го раздал на сиромаси. Таков бил и Свети Димитриј Мироточиви Солунски, а такви биле и безброј маченици на Црквата Христова, кои знаеле дека времето во кое што живееле, е време кога се печали Царството Небесно, и никаде на други место не може да се спечели Царството Небесно, освен туку на земјата во текот на нашиот живот.

Исто така, се поставува прашањето зошто овие луѓе доброволно оделе во смрт? Затоа што си ја познавале нашата Света Православна Вера. Знаеле дека нашите прародители Адам и Ева, поради непослушноста го загубиле рајот т.е. Царството Небесно, кое само преку послушност може да се спечали. Старата или првата Ева, поради непослушност го изгуби рајот, ама новата Ева, Пресвета Богородица, заради нејзината послушност и согласност да стане мајка на Логосот т.е. во нејзината Света утроба да се роди Синот Божји, Кој заради нас грешните и недостојните, излегол од прегратките на Отецот за да нè спаси до гревот и смртта.

Ете, токму затоа, тие знаејќи дека Христос нашиот Бог и Спасител доброволно одлучил да стане човек, во сè изедначувајќи се со нас луѓето, освен во гревот, а да не спаси од гревот и смртта, тие доброволно оделе во смрт.

Како што Христос бил доброволно распнат на Крст и пострадал заради нас и заради нашето спасение, исто така и мачениците сакале да пострадаат на Крст или со други страдања, за да го наследат Царството Небесно, како што го наследил благоразумен разбојник, кој бил распнат од десната страна Христа, кој Му рекол на Христа: „Сети се на мене Господи кога ќе дојдеш во Царството Твое“ (сп. Лука 23, 42), на што Христос му одговара: „Уште денес ти велам ќе бидеш со Мене во рајот“ (сп. Лука 23, 43).

А од  левата страна, браќа и сестри, го имаме разбојникот што хулел на Бога. Па така, кога ќе помислиме на Крстот Христов, да размислиме каде би се наоѓаме ние, дали од Неговата десна страна со благоразумниот разбојник, кој што Го моли Христа да се сети за него, или од левата со разбојникот, кој хулеше на Христа и велеше: „Ако е Син Божји нека слезе од Крстот и нека се спаси, а и нас нека нè спаси“ (сп. Лука 23, 39).

Христос нашиот Бога и Спасител, браќа и сестри, пострадал за нас, за да нè поучи какво треба биде нашето живеење за да го наследиме Царството Небесно. Сите маченици, страдалници, испосници, подвижници и сите Христови последователи, верувале дека Господ Исус Христос ќе им го деде: „Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат “ (види 1. Кор. 2, 9)

И пак се поставува прашањето: може ли овие луѓе, кои се одлучиле да пострадаат за Христа нашиот Бог и Спасител, да ги оддели нешто од Него? Свети апостол Павле вели: „Не може, ниту скрб, ниту тага, ниту гонење, ниту голотија, ниту глад, ниту жед, ниту помор, ниту меч, ниту живот, ниту смрт, ниту сегашноста, ниту иднината, ниту височините, ниту длабочините, ниту било која твар не може да нè одвои од љубовта на Христа нашиот Бог и Спасите“. Таква била љубовта на страдалниците и мачениците, како што е на денешниот славеник Свети Георгиј Победоносец.

Сите страдалници за верата Христова, имале силна вера. А што е всушност верата? Вера е верување во нешто, кое ние уште не сме го виделе, ама веруваме дека истото ќе дојде. Христос нашиот Бог и Спасител на Тома, кој прво видел, па потоа поверувал, му рекол: „Тома ти затоа што виде поверува, но блажени се оние што не видоа, а поверуваа“ (сп. Јован 20, 29). кога Он влегол низ затворената врата и се појавил пред Апостолите, а на Тома му рекол: „Тома дојди и стави ги прстите твои во раните од клинците на рацете и стави ја раката твоја во ребрата Мои и повеќе не биди неверен туку биди верен!“ (сп. Јован 20, 27). На што Свети апостол Тома извикал: „Господ мој и Бог мој“ (сп. Јован 20, 28).

Верата е во тоа што Христос го кажал да веруваме дека е така, а надежта е дека ние навистина ќе го добиеме Царството Небесно. Верата, надежта и љубовта, се трите  најголеми добродетели, за кои Христос вели дека третата т.е. љубовта, е најголема, зашто верата ќе заврши кога ќе влеземе во Царството Небесно, и она во што сме верувале, а не сме го гледале, ќе го видиме. Во Царството Небесно нема да има потреба и од надеж, зашто ние се надеваме додека не стигнеме некаде, но кога ќе стигнеме во Царството Небесно, нема потреба од надеж. Останува само љубовата, бидејќи Бог е љубов т.е. Отецот Го љуби Синот и Светиот Дух, Синот Го љуби Отецот и Светиот Дух, а Светиот Дух Го љуби Отецот и Синот, па затоа љубовта, Која е Бог, никогаш нема да престане.

Па така, браќа и сестри, совршена е љубовта на Трите Лица на Света Троица. Токму затоа и Господ вели: „Јас ве  возљубив и избрав, а не вие Мене“ (види Јован 15, 16). „По тоа ќе се познае дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (сп. Јован 13, 35), им вели Спасителот Христос на Своите Ученици и Апостоли. Ете, таква била љубовта на сите Божји угодници, како и на денешниот славеник Светот Георгиј Победоносец, чии Свети мошти се чудотворни и се доказ за постоењето на Бога во нив, и поради тоа Свети апостол Павле вели: „Зар не знаете дека вашите тела се храмови на Светиот Дух“ (сп. 1. Кор. 3, 16).

Своите тела, ги подготвиле Светите маченици и великомаченици, како што е Свети Великомаченик Георгиј, кој што пострадал и бил изложен на големи мачења. Тој бил ставен на едно големо тркало, под кое имало шајки и бруќе, кое кога се вртело, целото негово тело станало една голема рана, а најпосле по наредба на царот, бил убиен со меч т.е. му била пресечена главата.

Зошто овие луѓе не се плашеле од своите мачители? Затоа што сакале колку што е можно порано да се соединат со Христа нашиот Бог и Спасител. И ние, браќа и сестри, не треба да се плашиме од смртта, туку треба да се плашиме од тоа дали ние сме се подготвиле за таа средба со Бога при смртта.

Мачениците и подвижниците на верата, кои имаат силна вера, при смртниот час спокојно умирале, бидејќи се подготвувале за таа средба. А денес ние поради овој вирус Kovid-19, кој го зафати цел свет, умираме во еден грч ако може така да се рече.

Сите ние сме изложни на таа опасност, а ете и јас го прележав тој вирус, кој е страшна работа. Ако е Божја волја ќе преживееме и уште некое време ќе поживееме, ама пак ќе дојде смртта од која нема бегање. Не е битно дали ќе умреме, туку битно е како ќе умреме? Подготвени или неподготвени? Гледате умираа и дечиња, момчиња и девојчиња, умираат средовечни луѓе, умираат стари луѓе и.т.н. Никој не може да рече дека на земјата ќе живее вечен живот. Тука животот е времен и ако тоа го сфатиме порано или подоцна, животот ќе го завршиме подготвени како Свети Георгиј Победоносец, кој во неговата најрана младост, на дваесет годишна возраст доброволно го положил животот за нашата Света Православна Вера, покажувајќи ни пример дека не треба да се плашиме од смртта, туку да се плашиме од „оној, кој што може и телото и душата да ги фрли во пеколот“ (сп. Мат. 10, 28), односно да се плашиме да не умреме неподготвени и во гревови.

Да се помолиме на Светиот Великомаченик Геогриј Победоносец, и ние да го заслужиме Царството Небесно, бидејќи во денешно време од нас не се бара такви мачење како тогаш, туку се бара да се бориме против грешните мисли, помисли, фантазиите, чувства, желби, похоти, страсти и од грешни дела, кои доаѓаат под дејство на сатаната и неговите ангели (демоните). Исто така треба да се бориме во нашите души и срца да нема омраза, лутина, гнев, јарост, зашто оној што се гневи, тој и убива. Ако ние во нас не дозволиме, да има желба за одмазда, туку за братољубие, тогаш сме на правиот пат. Па така, ако живееме во согласност со Христовите Заповеди, ќе се спасиме.

По молитвите на Свети великомаченик Георгиј Победоносец, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Христос Воскресе! Навистина Воскресе!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар