Петнаесетта недела по Педесетница – Света Архиерејска Литургија во храмот „Света Великомаченица Недела“, во Битола

На 25.09.2022 г., кога го празнувавме споменот на Светиот свештеномаченик Автоном, Светиот свештеномаченик Корнут, епископ Икониски и споменот на Светите маченици Македониј, Татијан и Теодул, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоереите Златко Костовски, Пенчо Пусоски, протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски и ѓаконот Александар Маргулевски, отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Света Великомаченица Недела“ во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27).

Браќа и сестри, ние што бевме присутни од почетокот на Божествената Литургија, го слушнавме Светото Евангелие, но за оние кои беа отсутни, кратко ќе го повториме евангелскиот текст, за да знаеме што се случило на денешниот ден, кога при Господа Исуса Христа, пристапил еден законик, кој бил учен и млад човек, со желба да го искуша Господа Исуса Христa, или поточно да го фати во стапица, па затоа му поставил прашање: „Која заповед е најголема од сите заоведи?“ А Господ Исус Христос рекол: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот свој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27).

Господ вели, дека врз овие две заповеди се држат, односно се крепат и пророците и сите заповеди до тогаш кажани и запишани во Светото Писмо, а и оние кои се пренесени преку Светото Предание, кое е еднакво на Светото Писмо, браќа и сестри.

Па ете, кога ќе размислиме сериозно за овие две заповеди, односно за тоа, што сè се содржи во нив, ќе кажеме дека тие се резиме на сето она што е напишано во Светото Писмо, и она што ни е предадено во Светото Предание. Во овие две заповеди што ги кажал Господ Исус Христос, е накусо собрано сè на едно место.

Веднаш се поставува прашањето, за љубовта кон Бога, и  за љубовта кон ближниот. Што е Бог? Ние според учењето на Светиот апостол Јован Богослов, учиме дека Бог е љубов. Кога ќе размислиме, и кога ќе почнеме да ги разгледуваме иконите, особено иконата на Света Троица, на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, од познатиот уметник на Руската Православна Црква Андреј Рубљов, ќе видиме дека таму Света Троица е изразена во вид на Тројца Ангели, Кои ги означуваат Трите Лица на Света Троица, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

На средината на оваа икона, ако ја гледаме од страна, ќе видиме дека Трите Ангели, Кои ги претставуваат Трите Лица на Света Троица, прават Путир, па затоа во средината на Путирот, се наоѓа Синот Божји, Спасителот Господ Исус Христос. Отецот е насликан од Неговата десна страна, а од левата страна е насликан Светиот Дух.

Кога ќе погледнеме на иконата, ќе видиме дека погледот на Отецот, Кој е Отец на Светлините, е свртен кон Синот Божји и кон Светиот Дух, но ако погледнеме обратно, и кон Светиот Дух и кон Синот. Од него поаѓа погледот, и кон Него завршува. Исто така, и погледот на Синот е свртен кон Отецот и Светиот Дух, и на Светиот Дух, кон Отецот и Синот, и на тој начин има едно кружно движење на погледите, што укажува на љубовта меѓу Трите Лица, Кои прават заедница, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Ете, затоа се вели дека Бог е Бог на љубовта, бидејќи преку устата на Светиот Јован Богослов е кажано дека: „Отецот го љуби Синот и Светиот Дух, Синот го љуби Отецот и Светиот Дух, Светиот Дух го љуби Отецот и Синот“. Тука се појавува една совршена љубов меѓу Лицата на Света Троица, и токму од таа совршена и преголема љубов, Бог во својот домострој одлучил, да не биде себичен, да не биде Сам, иако е всушност заедница на Три Лица, Отец, и Син и Свет Дух, туку сака љубовта да ја прошири понатаму, преку создавањето на светот, најнапред преку создавање на духовниот свет – ангелите, а потоа и преку материјалниот свет. Како круна и венец на сè создадено, Бог го создал човекот на земјата, според Својот Лик и подобие, а ликот Божји, е во душата на човекот, а подобието е усовршување кон Божјото совршенство.

Душата на човекот е составена од три дела, а тие се: умот, разумот и волјата. Преку умот дознаваме сè што се случува во светот, а исто така, го дознаваме и нашиот однос и љубов кон Бога Отецот и кон ближниот. Од умот се раѓа разумот, како што Синот се раѓа од Отецот.

Волјата кореспондира со Светиот Дух, па така, како што се Отецот, и Синот, и Светиот Дух едно по Божество, така умот, разумот и волјата се три дела на човечката душа. Токму на тој начин ние успеваме да го љубиме Бога, Кој е совршена љубов. Затоа е кажано дека Бог е љубов, и оние што го сакаат Бога, со љубов го сакаат.

Кажавме исто така, дека Господ кажал и друга заповед, односно заповедта за ближниот свој. Господ вели дека својот ближен треба да го сакаме, како што се сакаме самите себеси. Но Господ, браќа и сестри, вели дека дава нова заповед, да се љубиме еден со друг, како што се возљубени Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Со оваа заповед, браќа и сестри, човекот практично не само што го љуби Бога, туку треба да го љуби и својот ближен, зашто никој не може да се спаси, ако не го љуби својот ближен, а ближен ни е секој човек, зашто сите ние сме деца Божји.

Во тој дух, е кажано дека љубовта кон ближниот не треба да биде само кон блиските и роднините, туку и кон непријателите. Нашиот Спасител Господ Исус Христос, кога бил распнат на Крстот заради нас и нашето спасение, се молел и за оние што го распнале, а тоа е Еврејскиот народ, со зборовите: „прости им Отче, зошто незнаат што прават“ (Лука 23, 34).

Љубовта кон својот ближен и кон своите непријатели е неопходна, ако сакаме да се спасиме, бидејќи е кажано, дека никој не може да се нарече христијанин, ако не може да им прости на своите непријатели. Оној кој не може да ги сака непријателите, како што Христос ги сакал оние што го распнале, тој не може да се нарече христијанин. И ние, браќа и сестри, ако сакаме да се спасиме, треба да ги сакаме сите луѓе, вклучувајќи ги тука и своите непријатели.

Кога зборуваме за љубовта кон Бога, да се запрашаме, зошто е потребно да го љубиме Бога? Ние, браќа и сестри, надвор од Бога, и без Бога, не можеме да живееме. Не може, она што е создадено од раката на Бога, да живее и да опстојува без Бога, бидејќи Он е нивниот Творец. Ние не можеме да постоиме надвор од заедницата со Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Кога нашите прародители Адам и Ева, ја прекршиле единствената заповед што им била дадена, односно да не јадат од дрвото на познавањето на доброто и злото, отпаднале од заедницата со Бога и умреле, духовно, веднаш, а телесно подоцна.

Па затоа, за да не отпаднеме од заедницата со Бога, ние треба да ги почитуваме и запазуваме Божјите заповеди, кои ни се нам дадени во Стариот и Новиот завет.

Христос сите заповеди ги сумирал во овие две заповеди: „Возљуби Го Господа, твојот Бог, со сиот твој ум, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси!“ (сп. Лука 10, 27).

Браќа и сестри, љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот, е исполнување на сите заповеди. Љубовта кон Бога била дадена како заповед и во Стариот, а исто така, и во Новиот Завет. Затоа Спасителот Господ Исус Христос рекол: „Кој милува повеќе татко или мајка, жена или деца,  браќа или сестри, ниви, куќи или имоти, повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ (сп. Мат. 10, 37), зашто, во Царството Небесно, сите тие нешта ќе бидат незначајни, бидејќи ништо од тоа нема да има таму.

Спасителот Господ Исус Христос, кога бил запрашан од фарисеите, садукеите и старешините еврејски, со кого ќе биде во Царството Небесно онаа жена која имала седум мажи, тогаш Господ им рекол: „Се лажете, не го читате добро Светото Писмо, бидејќи е кажано, дека таму нема да има ни мажење, ни женење, ни јадења, ни пиења, ни куќи, ни богатства“, бидејќи сето тоа завршува тука на земјата. Таму ќе биде, браќа и сестри, радоста што ќе ја доживуваат луѓето, односно ќе го гледаат Христа нашиот Спасител како Светлина од светлина, вистински Бог од Бога вистински. Таму ќе биде она за кое рекол Спасителот нап Господ Исус Христос: „Око човечко што не виде, и уво човечко што не слушна, и на ум на човека што не му падна , тоа го приготви Господ за оние што Го љубат“ (сп. 1. Кор. 2, 9), ете, тоа ќе биде во Царството Небесно.

Царството Небесно ќе биде Божествена Литургија како денешнава, која нема крај и завршеток, во која се слави Бог, во која учествуваат Мајката Божја, Светите Ангелите, Светите Апостоли и Сите Свети, во која учествуваме и ние свештенослужителите и верните на Црквата Божја, односно оние што ќе го заслужат Царството Небесно. Таму ќе биде Славата Божја, која нема да трае, една секунда, минута, час, денови или години, туку ќе трае вечно, браќа и сестри.

Таа вечност ние ја посакуваме и за тоа се бориме. Некои прашуваат: како да ги сакаме непријателите? Ќе спомнам неколку примери за тоа, како да ги сакаме непријателите, покрај вистинскиот пример кој го покажал Христос, кога од Крстот го молел Отецот, да им прости на оние што распнале.

Светиот првомаченик Стефан, исто така се молел на Господа за неговите непријатели, Господ да не им го зема за грев неговото каменување.

Светиот Кипријан, со својот ѓакон одел во болниците, ги посетувал болните и правел добри дела, но не само на христијаните, туку и на сите луѓе кои живееле таму.

Во житието на Светиот епископ Павле од Нола, се вели дека кога дошле некои разбојнички племиња и ги земале луѓето во плен, некоја мајка која немала да даде ништо за откуп на својот син, му се обратила на Светиот епископ Павле да и помогне, а тој немајќи да и даде ништо, ги замолил разбојниците да го пуштат нејзиниот син, а него да го земат во заложништво и да биде роб. Со оваа постапка Свети Павле епископот Нолски покажал голема љубов, а од оваа љубов нема поголема, човек својот живот да го положи за браќата свои.

Па така, исполнувајќи ги овие две заповеди, љубовта кон Бога и љубовта кон ближниот и непријателите, ние можеме да речеме дека само на тој начин можеме да го здобиеме Царството Небесно, Царството на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар