Недела сиропусна (Прочка) – Света Архиерејска Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“ – Битола

На 06.03.2022 г., во Неделата на Адамовото изгонување од рајот, кога го празнуваме споменот на Свети Захариј, патријарх Ерусалимски, преподобен Тимотеј, Свети Евстатиј, архиепископ Антиохиски и споменот на Свети Јован III Схоластик, патријарх Цариградски, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на протоерејот Кирил Трајковски, ерејот Игор Ризановски, ѓаконите Ѓорѓи Делев и Златко Гјоргиевски, отслужи Света Божествена Литургија во соборниот храм „Свети Великомаченик Димитриј“, во Битола.

На Божествената Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Овој род, зол и прељубодеен, само со пост и молитва може да се истера!“ (сп. Марко, 9, 29)

Денес, браќа и сестри, од денешното Свето Евангелие и од Апостолот, слушнавме за тоа каков треба да биде постот и што всушност е постот. Како Архипастир на оваа наша Света Епархија, должноста ни наложува да поговориме за постот и молитвата. Знаеме дека нашата Света Црква како грижлива мајка, почнува да нè подготвува за постот, но не од денеска, туку уште од неделата на Закхеј, кога од Светото Евангелие слушнавме како овој грешен човек мислел само на материјалното богатство, но кога се сретнал со Христа и Го видел, се откажал од сиот негов имот што го поседувал т.е. го дал на сиромаси, сираци, вдовици и болни, и рекол дека ако од некого нешто незаконито зел, дека четворно ќе му врати. Потоа во неделата на митарот и фарисејот, нашата Мајка Црква нè поучува како треба да се молиме т.е. не како фарисејот горделиво да се фалиме и да бидеме на првите места во храмот, туку како митникот, кој паднат на колена во задниот дел од хамот се биел во градите и велел: „Боже, биди милостив на мене грешниот!“ (сп. Лука 18, 13).

Понатаму, браќа и сестри, во неделата на блудниот син, беше кажано како блудниот син, го остави татковиот дом и со пријателите сиот имот што му го дал неговиот татко го потроши во пијанство, јадења, пиење, блудство и нечесен живот, а најпосле кога се отрезни и освести, сфати дека треба да се врати во татковиот дом, а неговиот татко со љубов го прими и му го даде неговото поранешно достоинство, а овој откако се покажа како вистински покајник, му рече на својот татко: „Не сум достоен да се наречам твој син, туку примиме како еден од твоите наемници“ (сп. Лука 15, 18-19).

Понатаму, во Месопусната недела, го слушнавме Светото Евангелие за Страшниот Суд, во кое ни беше кажано како Господ при Неговото Второ доаѓање, како пастир ќе ги подели луѓето на два дела т.е. праведниците од Неговата десна страна, а грешниците од левата. На оние од десната страна ќе им рече: „Дојдете благословени од Мојот Отец и наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот (сп. Мат. 25, 34-36), а на оние од левата страна ќе им рече: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте“ (сп. Мат. 25, 41-43).

И еве денеска го слушнавме Светото литургиско Евангелие, во кое Господ ни кажува дека ние треба достоинствено да го пречекаме постот што ни претстои, најнапред со давање прошка на оние што ни згрешиле, а потоа и самите да побараме прошка од оние на кои ние сме им згрешиле, зашто човек не може да измоли, без да побара прошка, да му бидат простени гревовите.

Браќа и сестри, постот не е цел во нашиот христијански живот, туку е средство за спасение. Во Стариот Завет ние имаме прекрасни примери за постот, кога луѓето заради некои големи настани или несреќи постеле. Да си споменуваме како во Стариот Завет, Нинивјаните, на кои пророкот Јона им кажал дека ќе ги снајде голема несреќа, ако не се покајат, па така тие од првиот до последниот, заедно со нивната стока постеле, и Господ го поштедил четириесет илјадниот град Нинивија, заради постот и покајанието.

Исто така, браќа и сестри, си споменуваме како Светиот пророк Мојсеј, пред да ги прими Десетте Божји Заповеди на гората Синај, четириесет дена бил во пост и молитва, па се удостоил да го посети Господ т.е. да ја прими светлината Божја, заради која морал и лицето да го покрие, зашто Евреите не можеле да го гледаат неговото лице заради светлината т.е. благодатта Божја, која ја примил на гората Синај, кога ги примил Десетте Божји Заповеди. Си споменуваме и за Јудита, која како вдовица постела, за на некој начин да го осуети делото на Олоферн, како што постела и Естира, за да го осуети планот на Аман за Евреите. Постел, браќа и сестри, и Светиот пророк Даниил, кога Евреите биле земени во ропство. Постеле исто така и многу други старозаветни мажи и жени, како што постела и Ана, која преку пост и молитва, го измолила од Бога (својот син) познатиот пророк Самуил.

Исто така и во Новиот Завет имаме примери за постот, па така, ќе ја споменеме Светата пророчица Ана, која  постела и живеела во Ерусалимскиот храм. Постел, браќа и сестри, и Светиот славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, кој што целиот живот го поминал во пустината во пост и молитва, не јадејќи ништо, освен див мед и скакулци, а облеката му била од камилска кожа и појас околу половината.

Спасителот наш Господ Исус Христос, Кој заради нас и заради нашето спасение, слегол од небесата по благоволението на Отецот, ни покажал пример со 40-дневниот пост како треба да постиме, иако Самиот Он немал потреба од пост.

Постот, браќа и сестри, им бил даден и на нашите прародители Адам и Ева, кои како што знаеме го прекршиле поради невоздржувањето, со тоа што јаделе од забранетиот плод, од дрвото на познавањето на доброто и злото. Ете, сношти во црковните песни слушнавме како Адам седнал пред рајот и почнал да реди, плаче и моли, и да го прашува рајот, велејќи: „Рају мој зошто те изгубив?“ Адам и Ева биле избркани од рајот, кој е праслика на Царството Небесно, кое ние треба да го заслужиме уште овде на земјата.

Па така, сите луѓе мислат дека постот е само воздржување од телесната храна. Да, телесниот пост е потребен, но ние предност треба да му дадеме на духовниот пост,  барајќи Господ да ни ги отвори духовните очи, за да Го видиме Бога, а Бога не можеме да Го видиме со прејадувања, опивања, телесни наслади, со лага, омраза, злоба и .т.н.

Новозаветната Божја заповед вели: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога“ (сп. Мат. 5, 8). Само луѓето што ги очистиле срцата од грешните желби, похоти, страсти и од грешните дека, само тие можат да Го видат Бога. Ние сме повикани постојан да Го гледаме Бога, на Кого постојано треба да мислиме, како што мислеле христијаните во првите векови.

Еве, Велигденскиот пост токму тоа ни го нуди и вели дека од вечерва по вечерната богослужба почнувајќи со поклоните, со прошка т.е. проштевање на сите, почнуваме ние да коленопреклониме. И од утре имаме постојани подвизи, но подвизите не се само телесни т.е. само поклони, мали и големи, туку подвигот е во постојното читање на Светото Писмо. И ние кои сме постојано во храмот, во првата седмица од постот и во другите седмици, вклучувајќи ја и Страсната седмица, успеваме, браќа и сестри, ако се вдлабочиме, да го доживееме комплетно целиот христијански живот, почнувајќи од нашата човечка гревовна состојба на нашите прародители Адам и Ева, кои не ја исполнија единствената Божја Заповед, па затоа беа истерани од рајот.

Да си спомнеме дека тагата за рајот, тагата за Царството Небесно, не е безнадежна тага, туку напротив, радосна тага. Тажејќи за рајот, Адам се спасил, токму затоа што копнеел по своето спасение. Ете, заради тоа и Христос слегол во адот со Својата душа, за да ги избави Адама и Ева од гревот и смртта, и да ги врати во заедница со Бога, а преку нив и сиот Старозаветен род, кој што верувал во Месијата, Синот Божји, Спасителот Господ Исус Христос.

Па така, во Велигденскиот пост, сите ние треба да го прочитаме целото Свето Писмо. Има ли некој што ќе рече дека го прочитал целото Свето Писмо во Велигденскиот пост? Тешко дека има таков, браќа и сестри, кој ќе рече дека го прочитал целото Свето Писмо, почнувајќи од нас владиците, па сè до вас верниците. Ние не го читаме Свето Писмо. Ако не можеме да го прочитаме целото, барем да ги прочитаме оние најбитните работи што се предвидени за овој Велигденски пост. Ако сето го поминеме, тогаш сигурно со радост ќе го дочекаме Славното Христово Воскресение, најголемиот празник, Празникот над празниците, заради кои што е и востановен овој пост, кој нам сега ни следува.

Свети Јован Златоуст вели дека „постот е храна за душата“. Вистински постат оние, кои покрај телесниот пост, постат и духовно т.е. го читаат Светото Писмо и присуствуваат на светите богослужби, каде централно место зазема Божествената Литургија. Оние што не ги пропуштаат Божествените Литургии во неделите и празниците, и кои сè од збор до збор примаат во своите души и срца, тие, браќа и сестри, верувајте дека ќе се спасат.

Тоа е нашата должност, да бидеме постојано присутни во храмовите на светите богослужби, зашто без молитва, нема спасение. Постот без молитва, не е пост. Постот и молитвата, се двете крилја со кои ние можеме да се издигнеме до небесните височини.

За тоа како треба да се молиме, пример ни дал Христос нашиот Бог и Спасител, со молитвата: „Отче наш Кој си на небесата, да се свети Името Твое, да дојде царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небесата, така и на земјата. Лебот наш насуштен дај ни го денес, и прости ни ги долговите, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници, и не воведувај не во искушение, но избави не од лукавиот“.

Тоа е главната молитва, а покрај неа, треба секој ден од нашето станување, почнувајќи со молитва на Царот Небесен: „Цару небесен, Духу на вистината“ и.т.н., на тој начин ние практично го повикуваме Животворниот Дух да биде со нас, а таму каде што е Синот и Светиот Дух, таму е и Отецот.

Па така, браќа и сестри, ако ние во Велигденскиот пост, вистински постиме, и телесно, и духовно, тогаш сигурно дека ќе ги очистиме срцата, ќе ги просветлиме нашите умови, и ќе можеме духовно да се просветлиме, да стигнеме до третиот степен на обожувањето, што го стигнале сите светители, маченици, исповедници, преподобни и Сите Свети на нашата Света Православна Црква. Ете, таков треба да биде нашиот пост, браќа и сестри.

Молитвата треба да биде постојана, а не површна т.е. да извира од душата и од срцето, како што Господ и рекол на жената Самарјанка дека тие што се молат, треба да се молат со дух и вистина. Кога се молиме, ние не треба да мислиме на земните и материјални работи, како што пееме во литургиската песна, „Всјакое ниње житејское отложим попечение“ т.е. да одложиме секаква животна грижа, кога се молиме, а не да мислиме на земните и материјални богатства, за кои беше кажано и во денешното Свето Евангелие. Да не собираме богатства на земјата, браќа и сестри, зашто каде што ние е богатството, таму ќе ни биде срцето. Ако имаме копнеж по земните богатства, таму ќе ни биде срцето. Ако имаме копнеж по небесните богатства т.е. по добродетелите, по верата, надежта и љубовта, која е најголема од овие две добродетели, секако дека ќе се спасиме, зашто во Царството Небесно ќе престане верата, оти верата е она што не го гледаме, а тогаш очи во очи ќе Го гледаме Христа нашиот Бог и Спасител, ако се удостоиме. Исто така во Царството Небесно ќе престане и надежта, затоа што се надеваме на она што го очекуваме, а кога ќе го постигнеме тоа што го очекуваме, тогаш нема потреба од надеж, туку останува само љубовта, а љубов е Троичниот Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

Да се помолиме, браќа и сестри, Господ да ни даде благословен и радосен пост, како што слушнавме од Светото Евангелие, дека ние не треба да бидеме како лицемерите, кои лицата си ги прават тажни, туку да ги измиеме и со елеј да ги помажеме, а Господ, Кој гледа дека ние тајно Го повикуваме, јавно ќе ни палати. Ете, таква треба да биде нашата молитва и таков треба да биде нашиот пост.

По молитвите на Светата Евдоксија, Светата маченичка Антонина и преподобниот Агапиј, на кои денес споменот им го празнуваме, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилувај нè и спаси нè нас грешните. Амин!

Нека е благословен и богоугоден постот што ни претстои, браќа и сестри. Амин!

Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско- новозеландски г. Петар